Култура // Настани
Детската амбасада Меѓаши со реакција до Министерството за култура
Не стивнуваат реакциите за годишната програма на Министерството за култура. Големо незадоволство во јавноста има од избраните проекти, но и поплаки од проектите кои не беа избрани. Финансирањето според многумина е проблематично, дел од нив прашуваат која е логиката да се финансираат непознати артисти.
„Денеска повеќе пати бевме повикани да реагираме по повод одлуката на Министерството за култура на Република Македонија да го финансира проектот на детето изведувач В.М. Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ според својата определба и мисија не поддржува вклучување и користење на деца во активности кои имаат воени и политички обележја, напротив, остро ги осудува. Во овој случај, без оглед за кого се работи во песната и без оглед на поддршката која децата кои се вклучуваат во ваков вид активности ја имаат од родителите би сакале да укажеме дека облекувањето на деца во воени униформи не придонесува кон градење МИР и подобар свет за децата. Потребно е да градиме култура на мир, демилитаризација во која на поинаков начин ќе ги славиме хуманите и човечки вредности па и оние кои ги сметаме за заслужни граѓани/ки. За одлуката на Министерството за култура на Република Македонија пак, очекуваме да се произнесе на кој начин и зошто токму овој проект е финансиран. Големиот број негативни реакции по повод доделувањето на средствата укажува дека процесот и одлуките на Министерството за голем број од граѓаните/ките на Република Македонија е нејасен и сомнителен со што автоматски е потребна поголема транспарентност и отчетност доколку воопшто сакаме да градиме поинакво општество. Очекуваме Министерството за култура на Република Македонија да поттикнува градење култура на мир и ненасилство кај децата од најрана возраст“ - велат во реакцијата.
За крај, велат дека сакаат овој случај да не се користи за ширење меѓуетнички нетрпеливости, поттикнување милитаризам и величење воени херои, ниту пак детето В.М. да биде навредувано или виктимизирано на било кој начин. За жал денеска тоа се случи преку социјалните мрежи, додаваат оттаму.
„Да се обидеме случајот да се разгледува без етнички предзнак, а стандардите за тоа што е општествено прифатливо а што не е, а и како институциите сакаме да функционираат, да се применуваат и да важат за сите подеднакво“ - стои во реакцијата.
Објавената годишна програма на министерството предизвика силни реакции во јавноста откако се обелодени дека членови на комисиите, дополнително учествувале и на проекти кои добиле поддршка од министерството. Проектите кои беа одбиени за годишната програма на министерството сега имаат право на жалба во рок од 15 дена.