Некогаш, не толку одамна, семејствата функционирале поинаку, а родителството се одвивало со помалку педагошко знаење. Се останувало во првобитното огниште што подразбирало живот во поширока заедница со многу толеранција како би се премостиле генерациските јазови внатре во семејството.Семејствата често имале многу деца и постарите се грижеле за помладите. Децата уште од рана возраст добивале задолженија и помагале во домашните обврски. Се почитувал (најчесто татковиот) авторитетот без приговори. Децата го следеле ритамот на своите родители спремни да ги одложат своите потреби , биле повоздржани во изразувањето на своите желби. Забраните и ограничувањата се подразбирале, а казната била прифатена како решение за непослушноста. Од тие времиња се памети слоганот „Ќотекот од рајот излегол“.
Лесно се достигнувало чувството на среќа и задоволство – ситни изрази на родителска нежност или колач можеле да бидат доволни. До училиште се пешачело долго и затоа се ценел престојот таму, така што не се бегало од часови. Родителите не се грижеле за домашните задачи на детето.Тие деца рано се стекнувале со самостојност, имале изградено чувство на одговорност, ја ценеле работата и израснувале во вредни луѓе.
Современиот стил на воспитување ги менува традиционалните обрасци. Како дел од општиот напредок, неминовни се некои промени, но исто така е многу важно да не се заборави на добрите страни на традиционалното воспитување. Просечното современо семејство повеќе го уважува детето. Родителот го слуша детето, ги почитува сите негови потреби и теми. Децата на овој начин имаат повеќе шанси за интелектуален напредок и полесно ги задоволуваат личните потреби . Во настојувањето нашите деца да ги следат современите текови и да го стигнат овај брз напредок на човештвото, ги лишуваме од сите обврски кои се корисни за семејството, за да им оставиме повеќе време за квалитетен личен развој. Ова звучи многу убаво доколку не се преминат границите на потребното и посакуваното во воспитувањето. Ако родителот работи за детето, а не наместо него и доколку не почне да превзема одговорност за детските постапки и со тоа го лишува детето од приликата самото да научи да ги решава своите проблеми.
Родителите со најдобра намера водени од преголемата љубов и стравот за добробитта на детето , им даваат на децата многу слобода и не им поставуваат доволно ограничувања , можат многу лесно да станат „ПОБЕДЕНИ РОДИТЕЛИ“ . Тие сметаат дека е штетно да се фрустрира детето оставајќи го само да ги решава проблемите . Му дозволуваат да носи решенија наместо нив , секогаш му попуштаат и му дозволуваат да манипулира со нив.
Децата воспитувани по овој модел му всадуваат на родителот чувство на вина, учат како да манипулираат , стануваат егоцентрични, импулсивни и често несовладливи. Проблемот на денешните генерации е непочитувањето на авторитетот како во семејството така и на училиште , а од тоа произлегуваат многу проблеми. Немотивираноста за учење и работа се последица од прекумерното давање.
Треба да ги почитуваме потребите на детето но заради нив да не ги занемаруваме сопствените.
Да му поставиме на детето авторитет на вредности, не на моќ.
Да не го обликуваме детето, туку односот, градејќи и почитувајќи правила.
Да им дадеме на децата задолженија во склад со возраста, а со тоа да им ставиме до знаење дека треба да дадат свој придонес во заедницата, да им укажеме доверба во нивните способности.
За Женски магазин пишува Ружица Митровиќ-Дипломиран педагог