ЕМОЦИОНАЛНО ВКЛУЧЕНИ ТАТКОВЦИ ИМААТ СРЕЌНИ ДЕЦА

Добивај вести на Viber

  Кога зборуваме за одгледувањето и воспитувањето на децата некако нормално ни доаѓа ликот на мајката во семејството во таа рамка на релации, за таткото се знае-оди на работа. Нашето поднебје е познато по традиционалната улога на таткото во заедницата која често подразбира личност која финансиски го обезбедува семејството, што често создава оддалеченост помеѓу таткото и децата и се паѓа на грбот на мајката која ги „пополнува“ тие празнини. Ме радува фактот што кај поновите генерации на родители се појавува еден нов тренд на препознавање на потребата татковците активно да бидат вклучени во одгледувањето на детето. Тука не станува збор само за квалитетно време поминато со децата туку и колку таткото ги разбира нефизичките потреби на детето. Читајќи наидов на едно ново истражување спроведено од универзитетот Оксфорд коешто открива дека татковата емоционална приврзаност и јаката врска со детето имаат многу силно влијание во однесувањето на детето. Се покажало дека децата што имаат емоционално вклучен татко имаат 28% помалку проблеми во однесувањето од нивните врсници. Понатака резултатите покажале дека татковците кои континуирано им пружале емоционална поддршка на своите деца влијаеле на позитивното однесување на децата. Исто така, татковците кои имале поголема самодоверба во родителските вештини создале силна врска со своите деца и со партнерката. Таткото за момчињата е важен како модел за идентификација, а за девојчињата како параметар за разбирање на спротивниот пол. Во пубертетот за девојчињата таткото станува модел кои ќе го побара во својот иден партнер а за момчињата модел на однесување кое после го применуваат во различни домени од својот живот. Затоа физичката присутност на таткото во животот на детето не е доволна сама по себе за развивање на позитивен модел на живеење. Таа празнина доколку се создаде во раното детство не може да се надополни со тоа што таткото отпосле ќе се обиде да се „вклучи“. Времето кога таткото бил потребен како поддршка или соговорник едноставно поминало. Драги татковци, уживајте во времето поминато со вашите деца додека сѐ уште ве сакаат во нивно друштво, затоа што тоа не трае засекогаш. Сè додека се давате себеси на своето дете, станувате цели. За Женски МагазинРужица Митровиќ-Дипломиран педагог