,

ИНТЕРВЈУ СНЕЖАНА БОГДАНОВСКА-САНИ: Еден „погрешен“ чекор ми ја донесе најтешката животна битка

Добивај вести на Viber

Имав погрешен став дека животот е неправеден кон мене, сè додека не сфатив дека во животот не го добиваш она што го заслужуваш туку она за кое ќе се избориш, вели познатата модна новинарка Снежана Богдановска. Сани неодамна се соочи со непријатна, како што самата вели, мошне бизарна ситуација кога по еден фатален пад беше принудена високите потпетици да ги замени со патерици. За деновите на заздравување и за последиците што сè уште ги чувствува од несреќата, отворено зборува за „Женски Магазин“. Женски Магазин Што конкретно Ви се случи? Дали комплетно се рехабилитиравте? Сани- Животот понекогаш има лоша смисла за хумор. Па ќе ви приреди еден од оние моменти кога животниот тек во дел од секунда ќе ви се испреврти и ништо повеќе не ќе е исто. Оние за кои знаете дека се можни, но искрено се надевате дека вам нема да ви се случат. Мошне бизарно, парадоксално, па дури и трагикомично се чини да еден „погрешен“ чекор резултира со фатален пад некому кому чекорењето му е апсолвирана категорија, а активното движење иманентна потреба. Иронија на судбината. Но, по првичниот шок и што поскоро елиминирање на прашањето за патиштата на универзумот, мислата се насочува кон најефикасното и најбрзо санирање на штетата. Флоскула или не, мислата „Не е важно дека си паднал туку дека си успеал да станеш“ ви станува и метафорично и буквално став за кој мора да се изборите. Соочување со сосем нов предизвик, поголем од сè што претходно ви се чинело како достигнување кое сега повеќе не важи. Потполно нов почеток и поинаква визура на нештата, но и поглед кон себеси. Воедно и сурово соочување на сосема новото гледање на околната кон вас. Најтешката битка која треба да ја извојувате е справување со погледите на сожалување. Мотив повеќе за побрза рехабилитација. Од неподвижност до ослободување од помагалата за само два месеца. Женски Магазин Имате интересна животна приказна. Кога Ви било најтешко? Сани- Признавам, долго време имав погрешен став дека животот е неправеден кон мене, сè додека можеби поради искуството или емотивното созревање, сеедно, не сфатив дека во животот не го добиваш она што го заслужуваш туку она за кое ќе се избориш. Таквиот пристап дефинитивно ми го видоизмени одговорот на она што реалноста ми го сервира. Од таму и извојувањето на оваа последна битка која се чини најтешка до сега го пронаоѓа своето оружје. [caption id="attachment_5886" align="aligncenter" width="640"] Сани: Најтешката битка која треба да ја извојувате е справување со погледите на сожалување. Мотив повеќе за побрза рехабилитација[/caption] Женски Магазин Освен со својата работа, низ годините оставивте белег и како појава, со Вашиот авангарден, не ретко ексцентричен моден израз. Сте правеле ли компромиси водени од помислата дека со еден погрешен избор можете да уништите сè што сте граделе? Дали сè уште чувствувате потреба некому да му се докажувате? Сани - Единственото докажување во животот во сè, но можеби најочигледно во изгледот, човек треба да го прави пред себеси. Изгледаш добро кога се чувствуваш добро, а се чувствуваш добро кога си сигурен во себе и својата појава. Тоа е нераскинливо врзано и условено. А сигурен си тогаш кога добро се познаваш себеси и твојата појава е во склад со твојата суштина. Кај модните инсајдери по сила на приликите тоа е нужно покомплицирана приказна. Мојот моден израз најточно би се дефинирал како еклектицизам, кои некои ќе го наречат и како препознатлив моден камелеон (што е на некој начин оксиморон). Бескрајно сум благодарна на небото за благословот наречен „моќ на трансформација“ кој ми овозможува беспоговорен професионализам, но и бескрајно уживање во играта со „крпчињата што живот значат“. Се надевам дека сликата е визуелна потврда дека сум во хармонија со своите зборови. Во таа смисла неконформизмот, мојата иманентна бунтовничка природа, веројатно постојано ги изневерува очекувањата, ама затоа го оправдува моето секојдневно функционирање. Рокенрол-став, вечен бунт кон стереотипите, предрасудите и отпор кон меинстримот. Барикада за контаминација на вкусот. Женски Магазин Зрелите години се предност. Тогаш човек расчистува со заблудите и со комплексите. Дали конечно знаете што сакате? Сани- Животното зреење ви го менува концептот на времето и односот кон него. Се појасно ви станува дека тоа како најголема драгоценост не смеете да си дозволите да го трошите на погрешни луѓе, непотребни комплекси и наметнати заблуди. Па ќе се прашате дали ве плашат 50-те години од животот? Нужно ли е мускулите да атрофираат и телото да се олабави. Дали брчките треба да се закана? И има ли потреба од извинување поради возраста? И одговорите ќе ви ги дефинираат желбите. Мојот одговор сега се повеќе мускули отколку во 20-тите, повеќе жар за надоградување отколку во 30-тите, повеќе страст за живот отколку во 40-те и ултимативен став во 50-те дека во секој момент треба да се извлекува оптимумот од себе во секоја смисла, ментална, духовна и телесна. Дали е потребно извинување што сето тоа можеби не се вклопува во вкоравената стереотипна слика за бројката? [caption id="attachment_5887" align="aligncenter" width="759"] Во мојот „од по модата“ никогаш немало нешто спектакуларно ниту шокантно кое би било гозба за озборувачите или интересна содржина за жолт печат[/caption] Женски Магазин Има ли нешто на што и денес се смеете, некој медиумски испад или некоја избрзана професионална одлука? Сани- Се разбира дека во триесетгодишниот „од по модата“ се случувале безброј комични случки и ситуации и многу анегдоти, но никогаш немало нешто спектакуларно ниту шокантно кое би било гозба за озборувачите или интересна содржина за жолт печат. Ништо што би подгреало популарност. Некои професионални одлуки можеби биле навидум непродуктивни и болни за изведување, но секогаш тоа било свесно ставање на „здрава нога во трн“. Практична обука за справување со луѓе и ситуации. Драгоцено искуство. Женски Магазин Лани, во рамките на Моден викенд Скопје ја промовиравте книгата „Моите стории-мојот живот“. Во меѓувреме станавте уредник во првата македонска онлајн телевизија специјализирана за мода „Модел ТВ“. Во која насока ќе продолжи Вашето делување? Сани- И во теорија и во пракса се покажува дека излегување од сигурната зона ви ги активира капацитетите и артикулира потенцијалите. Последниве две години во таа смисла за мене значеа проветрување на сето досегашно искуство, акумулирано знаење и надоградени перформанси. Па се подредуваат проекти како првата книга за мода во Македонија, интернет портали, интернет модна ТВ, радио емисија, старата љубов – менаџирање и продуцирање на модни проекти, модни предавања кои допрва треба да добиваат на интензитет особено што постигнаа и академско ниво. Претстојните професионални предизвици го прошируваат фронтот на делување кон моден менаџмент, имиџ консалтинг, телевизиски проект. За Женски МагазинЃорге Стојанов