,

Како да ја зачувате довербата на вашето дете?

Добивај вести на Viber

Како што растат, децата се помалку имаат доверба во своите родители. Со време децата очекуваат аргументи за се што им кажуваат родителите, додека во најраниот период слепо верувале во се. Но, тоа што бараат образложение, всушност е клучно и претставува некој вид на тест за родителите. Со самото тоа што детската доверба не е нешто што се подразбира, туку е нешто на што е неопходно да се работи, родителите би требало повеќе внимание да посветат на аргументите кои децата од нив ги бараат. Посветеноста и трпеливоста при објаснување на се што им е потребно на малите деца и што бараат од своите родители е клуч на доверба. Секако, доколку родителите ги лажат своите деца, не ги исполнуваат дадените ветувања и не ги слушаат потребите на своите деца, тие никогаш нема да им веруваат. Кога децата, покрај мама и тато, почнуваат во животот да се среќаваат и со уште некои возрасни личности кои им стануаат пример (воспитувачи, учители, тренери) дури тогаш почнуваат да го преиспитуваат своето мислење за родителите кои до тогаш биле семоќни и сезнајковци. Но, за да можат односот со децата да го задржат на исто ниво, родителите мора да се придржуваат на воспоставените навики во воспитувањето и да поминуваат квалитетно заедничко време, без разлика на се. Доколку детето се почувствува запоставено, иако тоа не мора да биде реална ситуација, на пат е да престане да им верува на родителите. Довербата најдобро се стекнува со дела бидејќи, како што тврдат психолозите, децата впиваат се што се случува во нивно опкружување. Ниту еден разговор за доверба нема да има доволно добар ефект на детето. Но, доколку родителите исполнуваат мали, секојдневни ветувања, детето ќе знае дека секогаш има на кој да се потпре, што и да е во прашање. При тоа, кога ќе го исполните ветувањето кон детето, не треба да нагласувате колку сте се жртвувале поради тоа, бидејќи тоа тогаш ќе се почувствува како ваш товар. Да му дозволите на детето да расте е една од најважните ставки за подобар однос. Наместо кон малото учениче да се однесувате како да е бебе, подобро обратете му се, со примерен речник, како еднакво на себе. За малите деца да не се чувствуваат помалку вредни би требало да ги сослушате, а не да ги испрашувате и проверувате. Исто така нивните проблеми и дилеми знаат да бидат смешни и слатки,но за нив тоа е тогаш многу страшно, а уште полошо ќе им биде доколку за тоа им се смеете. Родителите сакаат послушни деца, а децата се чувствуваат многу гордо кога ги исполнуваат родителските очекувања. Меѓутоа, ништо од тоа не е добро, доколку не е умерено. Кога детето го прави само она што вие му го кажете, никогаш нема да успее да изгради свое мислење и став, а притоа  дури и ќе има страв, ако не успее во она што мисли дека го очекувате од него. Затоа секогаш е добро кај детето да создадете чувство на сигурност, да може да има доверба во вас и да може со вас да ги сподели успесите и неуспесите. Пофалете го детето кога се труди.  Фалете го кога успешно ги надминува секојдневните предизвици. Пронајдете начин со кој на детето ќе  го свртите внимание, кога нешто не е во ред. Притоа внимавајте, како тоа да не помисли дека поради некоја негова грешка, вашиот однос е нарушен. Сите деца во текот на развојот поминуваат низ различни фази. Доколку воспоставите добар однос, кој се темели на доверба, сите промени и на родителите и на децата, лесно ќе им паднат. Кога детето знае дека внатре во семејството е заштитено, дека тоа е засолниште и безбедно место, тогаш довербата ќе биде нешто што никогаш нема да престане.