,

„Лице в лице со пратениците“

Добивај вести на Viber

Она што е во светот практика, кога е во прашање препознавањето на концептот на уличниот печат од страна на народните пратеници, кај нас за прв пат ќе се случи овој четврток, 8-ми февруари, во рамки на одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, која се одржува од 5-ти до 11-ти февруари 2018 година. Утре, во 13 часот во салата „Борис Трајковски“, во Собранието на Република Македонија, лице в лице средба за прв пат ќе остварат продавачите на уличното списание „Лице в лице“ и дел од македонските пратеници. Настанот „Лице в лице со пратениците“, се одржува во рамки на седница на Комисијата за труд и социјална политика на Собранието, а на иницијатива на пратеникот Самка Ибраимоски, кој предложи заедничка средба за да можат народните избраници одблизу да се запознаат со предизвиците на овие луѓе, но и со нивните успеси. - Сметам дека е наша должност, како претставници на граѓаните, да се вклучиме во една ваква меѓународна прослава на трудот на овие луѓе, а со тоа и да ја поддржиме работата на продавачите на уличното списание „Лице в лице“ – вели Ибраимоски. Освен продавачите, гостин на настанот, кој годинавава ќе се одвива под мотото „Ја движам промената, читам „Лице в лице“, ќе биде и познатиот сликар Сергеј Андреевски, голем поддржувач и пријател на Платформата „Лице в лице“ од првиот број, кој ќе даде свое видување за значењето на овој концепт кај нас. Меѓународната недела на уличен печат  во Македонија се одбележува веќе шест години преку „Лице в лице“, списание кое има околу 40 продавачи кои работат во шест градови во земјава. - „Лице в лице“ постојано ја застапува идејата дека продавачите се носечка сила на уличниот печат, а нивните животни приказни кои сведочат за успех се доволен доказ за улогата на ова глобално движење во борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост. Овие луѓе одлучиле дека можат да работат и да заработат и тоа го прават за да излезат надвор од кругот на проблемите. Ги гледаме секојдневно на улиците, свесни сме за промената која им се случила а дополнително, директно можеме да се вклучиме во градењето на овој систем кој ни носи добро на сите -  вели Маја Раванска, уредничка на „Лице в лице“. На глобално ниво, во ова одбележување вклучени се над  100 улични списанија и весници на 24 јазици, во 34 земји. Над 21. 000 продавачи секоја година се вклучени во продажба на уличен печат, заработувајќи вкупно 34 милиони евра годишно. Меѓународната мрежа на уличен печат годинава подготви и видео за одбележување на овој настан, во кое се вклучени продавачи од улични списанија ширумм светот, меѓу кои и од „Лице в лице“. Видеото можетеда го погледнете на следниов линк.