Моден фокус // Трендови
Направи сам: Долг цветен фустан – од скица до реализација
Кога станува збор за нов фустан за некоја пригода, неизбежни се големи трошоци. Често високи се цените на фустаните кои нам ни се допаѓаат. Тоа би било добра причина да направиме убав и модерен фустан кој би не чинел прилично евтино. Треба да купиме само материјал, а натаму сѐ останува на нашата креативност. Направив скица на полуглог фустан со карнери со цветен дезен. За негова изработка имам цветен материјал за здолништето, парче постава и парче тенок материјал.
За да се изработи здолништето потребно е да се измерат пропорциите на струкот, колковите и последната ширина која сакаме да ја имаме. Здолништето е составено од 4 исти триаголни парчиња, од појас и големо парче карнер. За деколтето потребно е да ја измерите висината од струкот до вратот. Деколтето е составено од 2 триаголни парчиња постава и едно целосно парче проѕирен материјал. Откако ќе ги земете сите мерки, нацртајте ги со креда на материјалот и исечете, земете предвид 3 сантиметри плус од ширината.
Откако ќе ги исечете сите делови, почнете со спојување на триаголниците меѓусебно со помош на шпенагли, а потоа зашијте ги. За да се направи карнер потребно е парчето да има уште една половина повеќе од долната ширина на споените триаголници. Преклопувајте мал дел од материјалот на растојание од два прста и зашијте.
На крајот ќе добиете убаво парче со набори кое треба да го прикачите на долниот дел од споените триаголници. Следниот чекор е појасот, исечете го парчето превиткајте го на пола и поставете го врз горниот дел, така што една половина ќе биде од надвор, а другата од внатре. Треба да поставите патент, поставете го по ваш избор или на задниот дел на здолништето или на страна на колковите. Со тоа здолништето од фустанот е спремно.
Деловите за деколтето од поставата, потребно е да ги споите само во долниот дел меѓусебно околу десетина сантиметри, а потоа врвот на триаголните делови кои ќе стојат зад вратот. Во долниот дел може да направите неколку набори за визуелно да го зголемат деколтето. Тенкиот материјал може да го украсите со помош на боја за ткаенина. Потоа поставете го врз поставата и зашијте го. Во горните тенки делови на деколтето ставете мали парчиња во вид на стегачи.
Откако ќе го завршите деколтето, поврзете го со здолништето. На крајот добивате еден прекрасен нов фустан, нов изглед.
За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер