Направи сам: Од скица до реализација – сам свој креатор

Добивај вести на Viber

Често купуваме фустани по продавниците, но зошто да не се обидеме и сами да направиме. Правењето фустан има голема предност со тоа што ќе биде уникатен, интересен, со наши точни димензии, а исто така може да биде од материјал кој нам ни се допаѓа. Може да биде точно она што го замислуваме, а не можеме да го најдеме во продавниците. Сè што треба е да направиме скица од она што го замислуваме, а потоа чекор по чекор да го направиме фустанот. Избрав стар материјал кој лесно паѓа и за него смислив дизајн кој многу лесно може да се изведе - фустан со преклопено деколте. Откако ќе ја направиме скицата од нашиот дизајн, потребно е да направиме уште една скица од делови од кои е составен фустанот. Потоа да ги измериме пропорциите на нашето тело, обем на гради, обем на колкови и обем на струкот. Откако ќе ги измериме пропорциите следен чекор е да мериме дел по дел на составните делови на фустанот. Најпрвин да ја измериме должината на фустанот од под градите до должината која сметаме дека е доволна. Ширината на долниот дел на фустанот е иста како и онаа под градите. Таквите мерки можеме да ги пренесеме на материјалот и да го скроиме, само секогаш претпазливо треба да се остави до 3 сантиметри во ширина повеќе. Горниот дел го мериме вкрстено почнувајќи од едната страна под градите со што крајот ќе биде на другата страна над градите. Ги сечеме овие 4 парчиња во вид на ракави. За задниот дел сечеме парче во вид на полукруг. Следен чекор е да ги составиме парчињата, најпрвин со шпенагли, а потоа може и да го зашиете работ, ако не се чувствувате доволно вешти во шиење. Откако ќе ги составите двете големи парчиња на фустанот, превиткајте го горниот дел до ширината на вашиот обем на струкот. Потоа може да почнете да го составувате деколтето од готовите „ракави“, поставете ги вкрстено и закачете ги со шпенагла над свитканиот дел на струкот. Откако ќе завршите со тоа може да го поставите полукружното парче на задниот дел на фустанот. На крајот додадете прерамки кои може да бидат од самиот материјал или од декоративни ленти. Бидејќи јас избрав полупроѕирен материјал, имаше потреба да ставам постава под фустанот. Откако ќе завршите со прикачувањето на деловите може да почнете со шиење. Крајниот резултат е одличен фустан, кој може да го користите во сите пригоди.   За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер