Направи сам: Фаќач на соништа – краток поглед на индијанската култура

Добивај вести на Viber

Фаќачот на соништа, кои повеќето го познаваат како Dreamcatcher, потекнува од богатата индијанска спиритуална култура. Во некои индијански племиња постоела „жена пајак“ која се грижела за лошите сништа на децата, но останатите племиња кои живееле далеку, плетеле обрачи во вид на пајакови мрежи и ги закачувале над колешките и креветчињата на децата. Обрачите најчесто биле направени од гранки од врба, кои потоа може да бидат замотани со кожа. Внатрешниот дел е со исплетена мрежа од природни влакна, најчесто од квалитетна волна, кои потоа биле декорирани со монистри и бисери. На обрачот закачувале пердуви кои се со големо духовно значење. Легендата вели дека лошите сништа се заплеткуваат во мрежата и на изгрејсонце си заминуваат, а низ отворот во средината на мрежата убавите сништа влегуваат и се спуштаат надолу по пердувите во главата. Денес, овој интересен предмет е комерцијализиран поради неговиот интересен дизајн, го има во различни форми и дезени и се користи како детаљ во ентериерот. За да се изработи еден фаќач на соништа потребни се обрачи со различна големина, пердуви, конци, волна, кожни врвки, монистра, а понатаму додатоците и дизајнот ги оставаме на вашата креативност. Како обрачи освен алки, може да искористите притиснувачи кои се користат за правење на зимница, ги има во различна големина и затоа се погодни. Се сечат круговите и со тоа се добиваат обрачи во различни димензии. Следен чекор е виткањето на обрачите. Може да земете волна, врвки или кожни врвки кои ќе ги виткате, вртејќи околу обрачите. Откако ќе ги обвиткате обрачите, почнувате со плетење на мрежата со конец или тенка волна. Обрачот го делите на еднакви делови и почнувате од едно место, го врзувате конецот на обрачот и од таму продолжувате на следната точка. Го протнувате конецот го завртувате преку конецот. Ја повторувате оваа постапка сè додека не дојдете до почетната точка. Вториот ред плетење го започнувате на најблискиот растегнат конец. Го протнувате конецот на средина на растегнатиот конец, го завртувате како и претходните и продолжувате кон следната средина. Во процесот на плетење може да додавате монистри на секое завртување на конецот или пак по распоред кој вие го сакате. Вака плетените обрачи се поврзуваат меѓусебно со конец и монистра во распоред кој вие го сакате. Следно што треба да направите е да нанижете монистра на конец и да го намотате конецот на пердувот, а потоа да го прицврстите пердувот со монистата. Вака спремни можете да ги прикачите на обрачите.   Откако ќе се поврзат деловите, на врвот од првиот обрач се поставува врвка за закачување. Сега вашиот фаќач на соништа е спремен за ноќта, можете мирно да спиете. За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер