,

Новинарите се проституираат

Добивај вести на Viber

ПРОМОВИРАНА НОВАТА ТВ СЕРИЈА „ИНСАЈДЕР“ Новата македонската ТВ серија „Инсајдер“, од понеделник, 30 октомври ќе ја гледаме секој работен ден на телевизија Телма од 20. 40 часот. Денеска медиумите ја гледаа претпремиерата на првата епизода, која одблиску ја прикажува реалноста на македонските новинари во денешно време кај нас. Уредничката Наталија, во неделникот „Инсајдер“ ја глуми Ирена Ристиќ, храбра, правдољубива, остра и посветена на вистинското, истражувачко новинарство. Таа работи со поранешниот сопруг, Драган, Дејан Лилиќ, новинар, на кој тешко му паѓа ненадејното соопштување на директорот, дека „Инсајдер“ згаснува. Директорот Лазар го глуми српскиот актер Светозар Цветковиќ, со совршен македонски дијалект кој го извежба и претходно во домашните филмови „Среќна Нова 49“ и „Тетовирање“. Јордан Симонов е во улога на Тихомир, заменикот на главната уредничка. Во главните улоги се и Силвија Стојановска (Кристина), Ѓорги Нешовски (Александар), Горан Ников (Дејан), Габриела Петрушевска (Мирела), Јана Стојановска (Антонија) и Сања Арсовска (Мери). Главен сценарист на серијата е Сашо Кокаланов, а во пишувањето на сценариото учествувале и Елеонора Венинова и Драгана Лукан. Главен режисер е Игор Иванов - Изи, а со него режираат Вардан Тозија и Даријан Пејовски. Снимени се вкупно 26 епизоди во првата сезона. „Наталија е строга, правична, посветена на својата работа, и дава се за својата професија. Кога почнуваше снимањето, јас прашував чија реплика од реалниот живот сум јас, и сите што ги прашав ми рекоа дека нема таква. Во изминативе години, новинарите решија да се проституираат наместо да се бават со оваа своја професија“, ни изјави по премиерата во МКЦ Ирена Ристиќ. Таа за Женски Магазин сподели и дел од моментите на снимањето. „Снимањето беше многу напорно, исклучително. Снимавме со монструозно темпо, но преживеавме. Но еве гледам дека резултатот е добар и вредеше. И непроспаните ноќи и заморот, стресот, се вредеше“, додаде актерката. По снимањето на „Инсајдер“, таа е посветена на преставата „Вера, љубов, надеж“, со текст на Еден Фон Хорват и режија на Лука Кортина, која својата премиера ќе ја има на 10 ноември во Драмскиот театар. „Фина екипа се собравме“, вели Ристиќ за своите колеги во претставата. Дел од искуството да се биде Драган во „Инсајдер“ со нас сподели и Дејан Лилиќ. „Како што има црно и бело, топло и студено, како што нашата планета е биполарна, во сите нас има нешто и добро и нешто лошо. Е сега, работата е во тоа колку лошото можеш да го направиш добро, колку можеш да згазнеш врз своето его, да не бидеш егоцентричен. Тоа се случува и со Драган. Тој на прва топка делува многу негативен, но понатаму, во целиот серијал ќе видиме колку тој има позитивни страни, колку успева да помогне. И не само на себе, туку и на редакцијата и на останатите ликови. Има една реченица која се провлекува кај него како лик, а тоа дека не е се онака како што изгледа. И самите ние не ги гледаме работите подлабоко, туку само на површина. Тежок и комплексен лик е, а со режисерот Изи кога работевме сфативме дека е еден од потешките ликови. На моменти знае да биде многу темпераментен, на моменти смирен, на моменти многу неразумен, а на моменти многу поразумен и од разумните“, ни изјави Лилиќ и додаде дека на снимањето му било многу забавно. „Истражував претходно во мојата околина, не само новинари, туку воопшто луѓе кои работат под некаква тензија и со рокови. Се обидов да донесам нешто што ќе биде и препознаено, и да донесам нешто ново“, ни рече Лилиќ. Позната актерска екипа се појавува и во епизодните улоги. Меѓу нив се: Сашко Коцев, Драган Спасов Дац, Славиша Кајевски, Јелена Јованова, Оливер Митковски, Васил Зафирчев, Трајче Георгиев, Борче Начев, Сабедин Селмани, Горан Стојановски. За Женски Магазин, Милица Џаровска