,

УСАИД поддржа формирање на кластери со цел создавање посилни и поконкурентни компании на светскиот пазар

Добивај вести на Viber

Американската агенција за меѓународен развој - УСАИД, одбележува 25 години од својата работа во Македонија. Во рамките на изминатиот четвртина век, УСАИД во партнерство со македонските граѓани, институции, приватниот сектор, здруженија и организации, посвети значително внимание и обезбеди поддршка за да го подобри квалитетот на живот во нашата земја низ различни проекти, допирајќи до речиси сите сегменти од општественото живеење. Со цел да им помогне на македонските компании да станат поконкурентни на домашниот, но и на регионалните и глобалните пазари, УСАИД од  2002 до 2006 година, го имплементираше  проектот за конкурентност. Основната цел на Проектот за унапредување на конкурентноста беше воведувањето и формирањето на кластери во индустриите. Кластерите како економски модел се препознаени како еден од двигателите на конкурентноста бидејќи тие ги обединуваат сите активни чинители во синџирите на добавувачите од основните производители до крајниот пласман на производите, но исто така и претставниците на владините институции, синдикатите, академската заедница и соодветни невладини организации кои придонесуваат кон подобрувањето на условите и за зголемување на конкурентноста на самите производи, компаниите, но и на државата во целост. Според светските искуства, кластерите водат до унапредување на регионалниот економски развој и развојот на одделни сектори, базирајќи се на соработка, размена на знаења, градење на заеднички стратегии за развој, промоција на извозот и сл. Оттука, во 2002 година, беше поддржано формирањето на  пет кластери: кластер за овчо сирење и јагнешко месо; кластер за туризам; кластер за вино; кластер за ИТ–технологии и кластер за текстил со кои се поставија основите за понатамошно зајакнување на конкурентноста на компаниите кои се дел од овие кластери. Кластерот за јагнешко месо и сирење беше првиот кластер што доби поддршка од страна на проектот на УСАИД за конкурентност на Македонија. Целта на кластерот за сирење и јагнешко месо беше да ја зајакне позицијата на Македонија како производител на свежо јагнешко месо и овчо сирење на светскиот пазар преку унапредување на производите, спроведување на стандарди за квалитет и примена на стекнатите техники за маркетинг и продажба. Кон крајот на 2003 година, македонските млекарници го направија својот прв извоз, со испраќање на пробна пратка со македонско сирење во САД. Така, од минимални приходи од извоз на млечни производи во 2003 година, во 2006 година извозот на сирење на странските пазари изнесуваше 1.1 мил. американски долари. Поддршката на УСАИД преку Проектот за конкурентност им помогна на членките на кластерот да се поврзат со потенцијални купувачи преку учество на светски саеми, како главен предуслов за пласман на нивните производи и на меѓународните пазари.  Исто така, УСАИД им помогна на одгледувачите на овци да ја подобрат својата заработувачка преку директна продажба на јагнешко месо на грчкиот пазар и на други купувачи.  Благодарение на иницијалната поддршка на УСАИД се воспоставија две кооперативи на одгледувачи на овци, една во западна, друга во источна Македонија, а за нивна поддршка беа ангажирани и менаџери, кои заедно со претставниците на кооперативите и одгледувачите на овци, одржуваа обуки за да се унапреди нивната соработка и да се изградат заеднички капацитети. Кластерот за туризам во 2003 година, со поддршка на УСАИД, спроведе истражување на пазарот врз основа на кое изработи стратегија за привлекување “здрави, богати, искусни” туристи, заинтересирани за природен-авантуристички или културно-историски туризам. Во 2004 г., 15 туроператори од САД, Велика Британија, континенталниот дел од Европа и Турција беа поканети во Македонија за да се запознаат со убавините на земјата и најдоброто што таа може да го понуди за нивните граѓани, со најголем акцент на природните убавини и авантуристичките доживувања. Како резултат на овие посети, непосредно потоа, Македонија беше вклучена во туристичката понуда на 9 од овие туроператори. УСАИД заедно со кластерот за туризам активно учествуваше во развојот и создавањето на турите: оценување на хотелите, подготвување на незаборавни доживувања, туристички атракции, музеи, џамии, цркви, стари пазари, археолошки локалитети, итн. Соработката на кластерот со холандската стопанска комора, пак, ги вратија холандските туристи во Македонија, како и чартер летовите од Холандија за Охрид.  Како резултат на тоа, бројот на холандски туристи до крајот на 2005 година се зголеми за 400%, достигнувајќи 20,000 холандски туристи. Во 2005 г., членовите на кластерот за туризам и УСАИД учествуваа во создавањето на денес добро познатиот портал за туризам – www.exploringmacedonia.com . Кластер за вино Производството на македонско квалитетно вино датира уште од древните времиња,  а денес е препознаено и признаено и во светски рамки. Но, малку е познат податокот дека до 2003 г. во Македонија се произведуваа поевтини наливни вина, кои главно се извезуваа на пазарот во Германија. Преку поддршката на УСАИД која се однесуваше на подобрување на квалитетот и маркетингот со цел да се зголеми продажбата на високо квалитетни вина наменети за Европскиот пазар, македонските винарски визби инвестираа 9 милиони американски долари во нови погони и опрема, како и за ангажирање на искусни енолози. Проектот на УСАИД имаше за цел да ја зајакне соработката меѓу лозарите  и винариите во насока на подобрување на квалитетот на грозјето.  УСАИД, исто така користеше американски експерти за лозарство, енологија, маркетинг и промоција кои им помагаа на сопствениците на винариите да ги исполнат условите за пласман и продажба на македонското квлитетно вино во шишиња. Како резултат на оваа соработка и едукација, винариите се здобија со меѓународна потврда за квалитет на вината што ги произведуваат, освојувајќи медали на меѓународните натпревари како што се “International Wine Challenge” во Бордо, “Mundus Vini” во Германија и “International Wine Challenge” во Лондон. Во 2005 година, Македонија за првпат беше претставана во извештајот по земји на 77-то издание на “Harpers Wine and Spirit Directory”, вброена како една од 29-те земји производители на квалитетно вино, веднаш до Франција, Австралија, Јужно-Африканската Република, Нов Зеланд, Италија, Шпанија, САД и Аргентина. Кластер за Информатички технологии Со поддршката на УСАИД, македонските компании за ИТК се пробија на нови пазари и стекнаа значајни признанија на светскиот пазар. Ниедна од македонските ИТ компании  сама по себе немаше доволно капацитет за да преземе некој поголем проект. Меѓутоа, доколку се формира конзорциум во кој секоја компанија би се претставила со своите најсилни способности, како и комплементарноста со другите членки на кластерот, тогаш нивната преговарачка позиција пред странските купувачи би била поголема. Оттука, беа формирани два конзорциуми – Македонија ИТ и ИТСМ Груп кое претставуваше големо достигнување во кластерот за ИТК. Во овие рамки, за “Бизнис – со -  Бизнис” теле-маркетинг беа организирани повеќе од 80 средби со можни клиенти во Виена, Цирих и Лондон. Во истата насока, преку поддршката на УСАИД, асоцијацијата МАСИТ ја засили својата способност да им служи на своите членови и да ја претставува индустријата во Македонија во однос со владините институции, и во странство пред сродните асоцијации. Така МАСИТ станаа членови на “World IT Services Associate - WITSA”. Во однос на вкупната проценета вредност од продажба на нови софтвери и од индустријата за дигитални медиуми во САД и Западна Европа во 2005 година беше 1 милион американски долари, додека денес таа вредност е повеќекратно зголемена. Нагорниот развој на кластерот за ИТ, во кој значаен удел има и поддршката обезбедена од страна на УСАИД, беше потврдена и во студијата на ОЕЦД која беше пренесена и во реномираниот магазин “The Economist”, Македонија беше вброена како еден од петте најбрзо растечки пазари на ИТ и бизнис услуги во светот. Кластер за текстил Во 2005 година, УСАИД им помогна на македонските текстилни компании прв пат заеднички да настапат на еден од најпрестижните и најконкурентните пазари во светски рамки -  саемот во Милано. Со помош на УСАИД, членовите на кластерот за текстил почнаа да ги ажурираат своите промотивни материјали и да изработуваат каталози за нивно претставување на престижните модни недели во Лондон и Париз. Како резултат на учеството на саемите во Милано, Копенхаген и СИММ во Мадрид, пет компании од кластерот потпишаа договори во вкупна вредност  од речиси 5.4 милиони американски долари во 2005 година со добро познатите брендови: Версаче, Москино, Крициа, Валентино, Ајсберг, Хенес и Мориц и Зара. Компаниите од кластерот направија вложувања во нови фабрики и опрема кои до 2006 година изнесуваа 3 милиони американски долари и создадоа нови 250 работни места. Во рамките на проектот беше воспоставен и Националниот совет за претприемништво и конкурентност (НСПК) чија цел беше да ги обедини разните стопански организации и асоцијации и да воспостави платформа за дијалог помеѓу претставниците од приватниот сектор и релевантните претставници на Владините институции, чија задача е обезбедување на услови за воспоставување и развој на кластерите и севкупната конкурентност на домашните компании. За време на проектот, од 2002 до 2006 година, УСАИД соработуваше со повеќе од 180 компании од петте кластери и имаше директна улога во креирање на приходи од извоз во износ од 15,4 милиони американски долари, од кои повеќето со продажба на нови производи и/или на нови географски пазари каде македонските компании дотогаш воопшто не ги пласирале своите производи. Дополнително, компаниите кои УСАИД ги поддржа со ко-инвестиции во износ од најмалку 12,5 милиони американски долари во подобрување на нивните производствени капацитети, продажба, маркетинг и квалитет на производите. Денес, 12 години подоцна, овие бројки се повеќекратно зголемени. *Текстот е комерцијален и во рамките на активностите на УСАИД за одбележување на 25-годишниот јубилеј од своето работење во Македонија.