Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Катерина Котлареска Манеска: Ме мотивираат мали нешта
Преку работната недела, секој ден ми почнува со станување во 6 и 30 минути и будење на ќеркичката. Се спремаме за училиште и заминуваме. Првото кафе најчесто го пијам сама и морам да признаам дека тој период кога го пијам кафето ми е најубав, бидејќи имам време да се релаксирам и да почнам со планирање за престојниот работен ден. Се случува додека го пијам кафето, кога имам некој настан, да сум на линија со моите пријатели, дизајнерите кои го средуваат целиот мој брендинг, па да договориме какви се плановите, што сѐ во текот на денот треба да се објави и рекламира. За викенд кафето го пијам со мојот сопруг.
Јас во принцип сум личност со позитивна енергија и ме мотивираат мали нешта. Доволно е да слушнам некоја песна на радио или телевизија, или пак да прочитам некоја мисла или животна приказна и да бидам мотивирана за да го освојам светот.
Дневните обврски многу ми зависат од тоа дали во моментот имам некој настан, па тогаш сум по цели денови во трчање, организирање, логистика, координација за сѐ да биде на највисоко професионално ниво. Но, имам денови кои ми се порастоварени, најчесто после настан, тогаш гледам да се посветам кон себе, посетувајќи козметичари и масажи итн.
Вечерните часови ми се посветени најмногу на фамилијата или дружба со пријателите. Јас рано си легнувам, така што ноќта ми е баш за одмор и спиење
Книги сакам многу… Кога читам книга која ми е многу интересна, знам да ја прочитам во еден здив. Филм на телевизија, не знам кога последен пат сум гледала. Повеќе префериран филм да гледам во кино со моите пријатели.