Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Мирјана Јовановска Стојановска: Чај со мед и лимон е мојата инфузија
Денот ми почнува околу 6:30. Тоа е време кога спонтано се будам. Никогаш не призаспивам одново или да полежам во кревет, па ни за викенди. Кога сум будна, станувам веднаш. Седнувам на компјутер да ги проверам дневните обврски и да одговорам на електронската пошта. Откако престанав да пушам пред неколку години, ми се сменија и навиките со утринското кафе. Моето утринско кафе е чај со сок од еден лимон и лажичка мед. Го викам „инфузија“. Варам чај од набрани треви. Додека чајот отстојува во врелата вода, се туширам, мијам заби и се облекувам. Никогаш не го пропуштам тоа задоволство топлата вода да ме облие, затоа што ми дава чувство на наплив на енергија. Сакам удобни алишта и обувки, од природни материјали, бидејќи често се случува да ги носам следните 12 часа во денот. За мене водата има посебно значење, заради моето специфично доживување на слобода кога сум во контакт со неа. Во лето сакам да спијам покрај водата и да се будам во брановите, а овде во нашево континентално Скопје тушот ми е „енерџајзерот“. Чајот го пијам сама додека средувам по станот и одлучувам што ќе готвам за ручек денес.
Одамна не сум размислувала за тоа што ме мотивира. Вашето прашање ме наведе на себеанализа. Мислам дека се будам мотивирана, бидејќи го сакам денот што иде. Благодарна сум на сѐ што ќе ми донесе денот. Убавините ме чинат задоволна , а фрустрациите ме растат и ме учат. Во најголем број случаи го работам она што го сакам, а останатото е она што сум го одбрала да го правам. Немам проблем да не го правам она што не го сакам (она што ме прави да се чувствувам лошо). Мислам дека мојата професија многу ми помогна да се гледам себеси јасно и да бидам искрена со себе. Тоа ми овозможува да можам конструктивно да си ја користам мојата животна енергија за реализирање на моите „соништа“.
Околу 9 часот одам на работа во центарот за психотерапија и едукација АМИгдала. Освен ако немам некоја друга обврска како што е гостување во некоја утринска емисија на телевизија или некој состанок во некоја институција.
Понатаму денот е сплет на многубројни активности:
- Пробувам да бидам колку што можам, макар и на кратко време тука за моите ќерки
- Имам закажани психотераписки средби со клиентите (индивидуални, семејни, парови)
- Извршувам најразлични обврски како Претседател на Комората на психолози на РМ
- Водам едукативни групи за психодрама психотерапија
- Водам истражувања во психотерапијата
- И во последниве месеци секое слободно време меѓу овие обврски го поминувам на компјутер пишувајќи ја докторската дисертација.