Животна училница // Приказни
Утринско кафе со Силвија Митевска: Мирисот на свежо кафе како инпирација за убав ден
Првото утринско кафе го пијам со моите колешки и драги пријателки Магдалена, Елена и Надица од ТАКТ. Убаво е кога го делите работното место со девојки со кои имате одлична професионална соработка и разбирање, но истовремено сте и пријатели. Во нашата канцеларија, секое утро мириса на свежо кафе и се слуша пријатна музика за да ни започне убаво денот.
Ме мотивира нашата кауза, а тоа е заложбата за постигнување на родова еднаквост во спортот. Сите членови на ТАКТ секојдневно, преку различни активности се борат за оваа цел. Најважно е што сите си ја сакаме нашата работа, многу сме креативни и активни по ова прашање.
Ме мотивира моќта која лежи во секој од нас, да истапи и да направи промени во својата заедница.
Граѓанскиот сектор е многу флуиден и динамичен и дозволува многу креативност. Целосно се препознав во него. Обврските со ТАКТ секој ден се различни. Ако еден ден поминеме во канцеларија, следниот имаме активност надвор. Постојано организираме работилници, обуки, конференции во Скопје и во други градови. Минатиот петок организиравме интересен настан - Вечер на инспиративни спортски приказни во Битола, каде се дружевме со истакнати спортистки од Битола. Во вторник (на 28.11) организираме голема конференција на тема „Родово-базирано насилство во спортот“, тема која е сензитивна но која треба да се адресира во јавноста.
Честопати имаме и говорници од други земји, неодамна во Македонија ни пристигнаа две експертки за родова еднаквост од Холандија, со кои многу се приврзавме и на кои многу им се допадна нашата земја. Честопати посетуваме и семинари и други обуки надвор од Македонија со цел да се надградиме и да се вмрежиме со други организации кои работат на истото поле.
По завршување на работните обврски со ТАКТ, времето го поминувам со Данте, мојот седумгодишен син. Попладневна обврска, но истовремено и уживање ми е да го придружувам на спортските активности, тенис и пливање.
Имаме традиција и навика секогаш да вечераме заедно, најчесто нешто подготвено на италијански начин, зашто во нашиот дом мојот сопруг Алесио е шефот во кујната. Потоа следи прошетка низ маало со нашето куче, па Данте ни чита по некоја страница од книга на македонски или италијански јазик, и после многу прегратки оди на спиење.
Откако тој ќе заспие и ќе стивнат импресиите од денот, следува најрелаксираниот момент од денот кој си го посветувам себеси.
Многу читам, моментално до мојот кревет се наоѓа новата книга на Игор, Диссомнии. Читам македонски автори, можеби зашто и самата пишувам. Очекувам наскоро да се објави мојата втора книга „Шепотот на Данте“, па сега честопати си ги препрочитувам старите раскази.
*Силвија Митевска е претседател на ТАКТ