,

УШТЕ ЕДНА НАГРАДА ЗА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ

Добивај вести на Viber

Краткометражниот експериментален филм на Милчо Манчевски, „Крајот на времето“ е награден на меѓународниот фестивал во Јихлава, Чешка. Филмот е прикажан во програмата „Фасцинации: вселени“, која фестивалот ја опишува како „голема фабрика за експериментално правење филмови каде филмовите кои се базирани на стварноста се ослободуваат од сè што им тежи и каде значајно се шират можностите на кинематографскиот израз“. Во образложението за наградата, жирито вели за филмот на Манчевски: „Во рамките на неколку минути филмот прикажува момент од секојдневната стварност кој трае само неколку секунди и со тоа отвора прозорец кон мнозина скриени детали кои го слават животот. Жирито го цени директниот пристап на режисерот и неговата способност да изгради тензија во навидум безвременската атмосфера на улица во Куба. Микроприказните откриени низ разно слојно успорено движење на сликите претставуваат мали чудесии кои ѝ избегнуваат на нашата перцепција во стандардното течение на времето“. Во рецензијата на филмовите од фестивалот, канадскиот режисер на експериментални филмови и критичар, Мајк Хулбум, пишува: „’Крајот на времето растегнува еден миг на сончево кубанско попладне. […] Делови на сликата се замрзнати, додека други се интелигентно исечени и успорени, и се движат по заднината или чекаат. Како во најраните мигови на кинематографијата, нема една фокална точка. Вниманието на гледачот е поттикнато да лута по сликата, небаре нашата потреба по херои или предмети за тестирање сè уште не е неопходна. (Угнетувањето мора да било полесно тогаш.) Студија на секојдневниот живот и на скриеното избавување кое чека скришно, додека никој не гледа. Прослава на заедништвото и проток на истото попладне кој тече низ секое од нашите тела“. „Крајот на времето“ е кубанско-американска ко-продукција по сценарио и режија на Милчо Манчевски, експеримент кој тој го сними во Куба додека предаваше на кубанската државна филмска академија минатата година. Иако во филмот не учествува македонската држава (преку Агенцијата за филм), во филмот учествуваат Мишо Ристов како автор на вузелните ефекти и Игор Василев Новоградска како автор на тонскиот дизајн и на музиката. Директор на фотографијата е Ален Лопез Мартинез, монтажерка Кристина Поженел, а колорист Мајкл Двас. Филмот е веќе прикажан на дваесетина фестивали, и освои награда во Аспен, Колорадо. „Крајот на времето“ беше прикажан и на отворањето на овогодишното издание на Фестивалот Браќа Манаки минатиот месец, како и на манифестациите „Култиватор“ во Кино Карпош и „Читај, бе, братучед, читај!“ на Bookstar. Откупен е за светска дистрибуција, а од идниот месец се прикажува во Јапонија.