Животна училница // Приказни
Флексибилно работно време за подобра семејна посветеност
Отворање детски градинки во компании во кои работат жени, флексибилно работно време за да можат мајките секој слободен момент да го поминуваат со своите деца, поголеми капацитети на домовите за стари лица каде што ќе бидат згрижени повозрасните членови од семејството- ова се дел мерките кои треба да се исполнат за родова еднаквост во Македонија.
Од Конфедерацијата на работодавачи велат дека што повеќе компании го носат епитетот „пријатели на семејството“, толку поголем бенефит ќе имаат економијата и општеството, бидејќи ќе се спречи одливот на квалитетен кадар.„Не е важно дали ќе можеме да обезбедиме можност за работа четири или осум часа, туку како менаџерите ќе можат да обезбедат флексибилна можност вработените да можат да посветат доволно време за семејството и да ги исполнат работните задачи“, потенцираше претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија. На денешната конференција присуствуваа и претставници на жени претприемачи кои истакнаа дека работат 50 до 60 часа неделно и немаат време за семејните обврски. Оттаму нагласуваат дека мора да се направат одредени социјални промени, пред сè, создавање услови за грижа за старите лица и поголема вклученост на мажите во сите активности на жената.
Статистиката покажува дека 50% од жените се невработени, бидејќи е тешко да се направи баланс меѓу семејниот живот и работните задачи.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска потенцираше дека Владата работи на концепт за обезбедување на пристојна работа и достоинство на трудот. Во тој контекст посочи на промените во работното време бидејќи според неа сите земји се соочуваат со работно време кое е сè поиндивидуализирано и подецентрализирано.