Храната која ја внесуваме, влијае на нашето здравје

Добивај вести на Viber

Сувомеснатите производи често содржат нитрити и нитрати (Е249-Е252). Тие се користат како конзерванси. Постојата одредени научни истражувања кои укажуваат на неповолните влијание кои тие ги имаат врз нашето здравје.  Општиот тренд на намалување на нитрат и нитрити, започна во 70тите од минатиот век. Тогаш беше докажано дека нитритите кои остануваат во саламуреното месо, претставуваат потенцијална опасност за здравите луѓе. Најновите студии откриваат дека нитратите кои се додаваат при производството на сувомеснатите производи, предизвикуваат настанок на специфични молекули, кои ако често се консумираат, можат да придонесат за оштетување на белите дробови. Нитритите кои се употребуваат како конзерванси, во желудникот може да се претворат во канцерогени состојки. На ова тема, денес разговараме со нутриционистот Сашко Дрвошански. Женски Магазин Која е разликата меѓу конзервансите и нитритите? Дрвошански Соединенијата на азотот (нитратите и нитритите) се дел од конзервансите кои се додаваат на храната. Најмногу се користат во месната индустрија, најчесто се додаваат во процесот на саламурење на месото заедно со солта и тоа во различни форми, како калиум нитрит (Е 249), натриум нитрат (Е 250), калиум нитрат (Е 252) и други, а имаат антимикробно дејство и придонесуваат да се задржи или постигне убава, привлечна боја на месните продукти. Женски Магазин Колкава концентрација на нитрити се смета за дозволена? Дрвошански Потврдено е дека концентрација од 80 до 800 мг/кг телесна маса за нитрати и 33 до 250 мг/кг телесна маса за нитрити можат да бидат смртоносни за луѓето. Дозволеното количество на употреба  на нитратите е 250 мг/кг, а за нитритите е 50-100 мг/кг месо, зависно дали месото се обработува термички. Дозволениот дневен внес за нитрати за возрасен човек е 300 мг на ден или 3,7 мг/кг телесна маса, додека за нитритите е 0,07 мг/кг телесна маса, што е далеку под оние условно опасни дози. Како што погоре спомнав, треба да се направи разлика, внесот на нитрати и нитрити во организмот е едно прашање и ние многу повеќе нив ги внесуваме преку другите видови храна, како овошјето и зеленчукот, но штетните нитрозамини можеме да ги внесеме само преку процесираните месни производи. Женски Магазин Дали нитритите се канцерогени за нашиот организам? Дрвошански Сами по себе нитратите или нитритите не се штетни за нашиот организам! Тие се соединенија кои се наоѓаат во природата и ги има и во многу здрави прехрамбени продукти како зеленчукот и овошјето (темно зелен лиснаст зеленчук (спанаќ, блитва), зелена салата, брокула, цвекло, родквици, праз, јагоди, малини, цреши и други). Денес науката дури потврдува дека внесот на диететските нитрати во природна форма, преку намирниците кои ги содржат природно, е добар начин да се зголеми продукцијата на азотен монооксид во организмот, кој претставува исклучително важна сигнална молекула која е неопходна за добрата функција и здравје за кардиоваскуларниот, нервниот, имуниот систем и организмот во целина. Но, во случајот на употреба на нитратите и нитритите во месната индустрија, проблем настанува кога овие соединенија, во услови на висока температура и кисела средина (термичко процесирање на месото за потребите на индустријата над 130 C) реагираат со протеините во месото при што се создаваат соединенија наречени нитрозамини за кои науката има потврдено дека се канцерогени! Но, треба да се напомене и дека прехрамбената индустрија денес користи витамин Ц (аскорбинска киселина) која го спречува, односно намалува создавањето на штетни нитрозамини. За Женски Магазин, Вики Чадиковска