Сопругата ги одгледа ќерките, јас добив готов производ: Искрено со Саша Матиќ
Саша Матиќ, човекот кој ги испеа најубавите кафеански балади во последниве две децении беше на гости во Скопје, на 30.роденден на болницата „Неуромедика“. Матиќ беше специјален музички гостин, и како што ни рече пред настапот, на секоја забава остава да го води расположението на публиката, и го пее тоа што го бараат тие, пред претходно смислен репертоар.
Саша е едноставен
и пријатен соговорник, омилен меѓу колегите во Србија. Вели дека живее за своите
пријатели, и сака маратонски славења со нив. Веќе 19 години неговиот живот
поубав го прави сопругата Анѓелија, со која има две ќерки Тара и Александра
чија приватност строго ја чуваат заедно со сопругата. Во интервјуто за Женски
магазин, Саша открива дел од себеси.
*Пред неколку месеци излезе вашиот нов албум „Два живота“ кој е одлично прифатен кај публиката. Како вие го доживувате? Да речеме, кога песните не би биле ваши како би ги оцениле?
- Кога песните не би биле мои, би рекол дека албумот е одличен. Но, кога знам дека се мои, сега веќе имам и некои замерки. Се шегувам. Знаете, јас тој албум го снимав три години, и некако тогаш го доживував, низ студио, низ снимањата, низ песните. Тогаш, кога ќе излезе албумот, вие веќе сте го изнаслушале, и потоа ги пуштате другите малку да слушаат.
*Дали сте самокритичен, ви влијае ли и туѓото мислење при изборот на песни или вашиот збор е последен?
- Сум, секако. Песните ги бирам сам. Но, кога сакам и друго мислење, ги пуштам песните на други муизичари, и на мои пријатели кои не се музичари. На луѓе од светот на музиката, од светот на бизнисот. Ги слушам што ќе кажат, но мојот збор е последен. Се наоѓаме на средина, и она што е добро, го пуштаме во етер луѓето да го слушнат.
*Важите за омилен меѓу колегите, многумина за вас зборуваат дека сте искрен и верен пријател. Колку е тешко во ова брзо онлајн време да се одржи вистинско пријателство и да се остане со вистинските луѓе?
- Вистина е дека брзо се живее, но јас некако живеам за пријателите. Сакам и да ми дојдат, и да ги угостам, не можете ништо без луѓе. Сами не можете ништо. Така што јас отсекогаш сум чувствителен кога мојата публика во прашање, и кога се моите пријатели во прашање.
*Цеца која неодамна настапи во Македонија е ваша добра пријателка, одите често на нејзините домашни забави, како изгледа вашето дружење со неа и со нејзиното семејство на тие забави?
- Забава како забава. Тоа главно е една добра енергија, еден потесен круг на луѓе, тука сме сите некако наши. Јас сакам да ги испочитувам колегите и тие да ме испочитуваат мене кога имам некои мои славења, така што тука сме свои на своето.
*Ацо Пејовиќ е исто така ваш добар пријател. Кога беше во Скопје, раскажа дека знаете да излезете на вечера да јадете морски специјалитети, да останете до рано наутро, па кога повторно ќе огладните утрото, знаете да си намачкате паштета на леб?
-Па да, тоа беше за неговиот роденден, кај енго дома, хахаха. Инаку, јас избегнувам да јадам навечер и наутро, но тоа утро не можев да оддолеам. Ацо е еден мој добар пријател и другар, и целото негово семејство, така што, тие можат се’ кога јас сум во прашање.
*Во ресторан, во клуб, за да се орасположат, луѓети нарачуваат ваши песни. Кои песни вие ги нарачувате за расположение?
- Кога како, зависи од атмосферата. Јас на пример „Јесен у мом сокаку“. Ако е забавна музика во прашање, тоа е Аки Рахимовски, „Јесен у мени“ на пример, или „Лаванда“ од Халид Бешлиќ. Зависи од расположението и атмосферата.
*Татко сте на две ќерки, дали сте строг татко или имате повеќе пријателски однос со ќерките?
-Не сум строг. Не се поделени работите кај нас. Повеќе сопругата се занимаваше со ќерките, јас добив готов производ.
*Со сопругата Анѓелија сте во хармоничен брак речиси 20 години. Со оглед на вашите чести отсуства од дома, верувате ли во изреката дека далечината ја прави врската поцврста?
-И верувам, право да ви кажам. Кога не се гледаме, добро е да се зажелиме еден со друг понекогаш.
*Вашиот голем хит вели „Кога вистинската љубов ќе задоцни“. Вашата дојде навреме и остана, но што би им порачале на оние кои мислат дека нивната вистинска љубов задоцнила?
- На тие луѓе, јас би им порачал да не си дозволат на себеси таков луксуз, љубовта да им задоцни, и да веруваат во неа.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски