Жени кои со нескротлива волја ќе се спротивстават на нормите-ќе ја остварат целта: Интервју со Марија Митева
33 години живее во скопски Аеродром. Своето образование го завршила на Правниот факултет Јустинијан Први при Универзитетот Св. Кирил и Методиј како
магистер по деловно право, а во 2018 година положила и правосуден испит. Денес е портпаролка во ВМРО-ДПМНЕ.
За Марија Митева успешна жена е секоја жена која го прави тоа што вистински го сака, во што верува и за што се бори.
Вели дека не се откажува лесно и дека упорноста е нејзина силна страна. Најсилен дел од карактерот ѝ се лојалноста и дисциплината, ужива во патувањата, а деловните комбинации ни кажа дека се најзастапени во нејзиниот гардеробер.
ЖМ: Раскажете ни од кога сте во политиката, кога одлучивте да бидете дел од политичката сцена?
- Моето потекло и семејно воспитување играат значајна улога во обликувањето на моите политички убедувања и мотивации. Поврзаноста со ВМРО-ДПМНЕ произлегува од моето длабоко вкоренето чувство на љубов, обврска и должност да ги поддржувам македонските национални интереси и да гледам со особена почит на жртвите на нашите предци поради кои ние денес имаме држава. И, мислам дека не е невообичаено како поединци да чувствуваме силна приврзаност кон одредена политичка партија врз основа на споделените културни или историски искуства како и поради чувството на континуитет со минатите генерации. Често велам дека мојата посветеност на ВМРО-ДПМНЕ ја одразува намерата да го продолжам наследството на политичката идеологија на моето семејство и да придонесам за подобрување на мојата земја и нашиот народ. Па би кажала дека тука некаде лежи и мојата мотивација за политички ангажман, исклучиво во рамките на ВМРО-ДПМНЕ, што во целост се усогласува со моите вредности и верувања. Политиката би ја дефинирала како брза, динамична и интелектуално стимулирачка. Водена сум од желбата да развијам и имплементирам ефективни политики кои го подобруваат општеството и ги решаваат итните прашања. Но, имам и силно чувство на должност да придонесам преку моето делување и постапување за Македонија. Оваа длабоко лична мотивација веќе 14 години ме поттикнува да дадам свој значаен придонес за ВМРО-ДПМНЕ и за поширокиот политички пејзаж во остварувањето на целите и идеалите.
ЖМ: Колку според Вас родовата еднаквост е застапена на политичката сцена и колку влијанието на жената во политиката е забележано и вреднувано?
- Перцепцијата на жените на политички позиции варира во зависност од културните, општествените и политичките норми во одредена земја или регион. Факт е дека во западните земји, има се поголем акцент на родовата еднаквост и признавањето на лидерските способности на жените. Но сепак, дури и во овие општества, родовите предрасуди и стереотипи сè уште влијаат на перцепциите за жените политичарки.
Во Македонија жените многу често се соочуваат со нееднаквости на работното место, вклучувајќи пониски плати, ограничени можности за напредок во кариерата и дискриминација врз основа на пол. За мене е неприфатливо во XXI век на жените сѐ уште да им се оневозможува еднаков третман и можности само поради тоа што сме жени. Мора да се стремиме да создадеме работна средина каде што жените ќе бидат ценети и почитувани. Често велам дека кога ќе имаме исти можности, тогаш нема да зборуваме за жени или мажи лидери, туку само за лидери. Тогаш ќе дојде времето кога ќе се зборува за можности врз основа на знаења, способности, компетенции и вештини без разлика дали станува збор за мажи или жени.
ЖМ: Секоја јавна личност барем еднаш е мета на говор на омраза, недолични коментари, навреди, закани. Колку вие како жена која врши јавна функција сте се соочиле со ваква ситуација?
- За жал, точна е вашата констатација и секако дека и лично јас имам такво лошо искуство, особено со зголеменото користење на социјалните мрежи и споделување на јавно мислење на истите. Јас разбирам дека не може сите да се согласуваат со вашите ставови и политички убедувања, но голема е разликата од конструктивен критицизам наспроти родови стереотипи, сексизам или мизогинија, што повторно ќе кажам за жал се повеќе во голема мера се присутни како во општествениот живот така и во политиката особено кон жените, а тоа како што гледаме резултира со обесхрабрување на жените да се вклучат во јавниот живот.
ЖМ: Професијата која ја работите бара и „жртвување или пак откажување“ од некои лични задоволства. Кои беа вашите, од што се откажавте за да се посветите на професијата?
- Балансирањето на аспирациите за кариера со семејните обврски е предизвик со кој се соочуваат многу жени ширум светот, вклучително и во Македонија. Способноста на жените да извршуваат важни позиции, а истовремено да управуваат со нивните семејни обврски зависи од различни фактори, вклучувајќи ги политичките, општествените ставови, но и индивидуалните околности. Мојот рецепт за одржување на тој баланс е во менаџирање на времето, мислам дека имам одлична способност за тоа. Само така и покрај динамичноста на работата и долгите работни активности сепак наоѓам време за остварување на личните задоволства вон работата.
ЖМ: Професијата како портпарол на политичката партија, бара на секое ваше јавно појавување да посветите и време на вашиот изглед. Каков треба да е дрес-кодот на една жена портпарол, што е дозволено, а што не е?
- Да се биде прва жена портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ е огромна чест, но уште поголема одговорност. Самата позиција бара силни комуникациски вештини, вклучително и способност да се артикулираат идеите јасно и убедливо. Ова често вклучува самоуверено зборување на јавните настапи, ефикасна и ефективна комуникација со медиумите со цел пренесување на клучните пораки до различна публика. Јас и приватно сум личност која кога давам ветување не отстапувам од тоа, така беше и за оваа работа. Мене лично ми претставува задоволство да посветам време на сопствениот изглед, па би го дефинирала мојот стил како деловна елеганција и минимализам. Сметам дека пред сѐ секоја жена треба да си пронајде сопствен стил, без слепо следење на трендови. Нормално, и ден денес се водам од општото правило - дека за секоја пригода има соодветна гардероба.
ЖМ: Дали жената во македонското општество е заглавена во стереотипите или пак го живее модерното време?
- Степенот до кој Македонија е организирана на адекватен начин во овој поглед многу варира. Кај нас општествените ставови и културните очекувања многу влијаат. Во некои случаи, традиционалните норми наметнуваат поголем товар на жените да им дадат приоритет на семејните обврски пред нивниот напредок во кариерата. Напорите овие состојби да се подобрат за мене подразбира работа заедно за да ги срушиме бариерите што ги кочат жените и да создадеме поправеден систем. Со инвестирање во образование и еднаков пристап до ресурси можеме да го отклучиме нашиот целосен потенцијал.
ЖМ: Што за вас значи успешна жена?
- За мене успешна жена е секоја жена која го прави тоа што вистински го сака, во што верува и за што се бори. Жена која се стреми кон реализација на своите соништа без оглед на препреките на кои ќе наиде низ животот, жена која што е самоуверена, која инвестира во себе, во своето знаење, во своето психичко и физичко здравје, жена која руши стереотипи со труд, посветеност и работа.
ЖМ: Колку соработката и заемната поддршка меѓу жените се важни за напредок на жената во општеството, воопшто?
- Многу, тоа е првото и основно нешто. Без заедничка посветеност патот кон рушење на стереотипите е невозможен. Жени кои ќе подигнат и градат други жени, жени кои со нескротлива волја ќе се спротивстават на нормите ќе ја остварат целта.
ЖМ: Која е Марија приватно, како ќе се опишете?
- Мислам дека најсилен дел од карактерот ми се лојалноста и дисциплината. Како личност сум екстровертна, темелна и секогаш искрена.
ЖМ: Што ја „води“ Марија Митева низ животот и што ја опушта во слободното време?
-Упорноста. Не се откажувам лесно, без разлика колку долго понекогаш траат процесите. Веќе со години имам рутина за физичка активност која е мојот начин за справување со притисокот кој го носи времето.
ЖМ: Како жена во политиката со бројни обврски, постојано сте во трка со времето. Како си давате оддишка на себе и што е она што најмногу ве исполнува приватно?
-Времето поминато со најблиските, семејството и пријателите, времето поминато со добра серија или филм се моја оддишка. Не дозволувам да пропуштам добро друштво без разлика на уморот или обврските, така собирам позитивна енергија.
ЖМ: Како почнува, а како завршува еден ваш ден, со која мисла станувате, а со која легнувате?
- Започнувам со утринско кафе по кое следи тренинг, многу телефонски повици и организација. Немам една карактеристична мисла за почеток на денот, но се трудам на крајот од денот да размислам што било правилно, а што погрешно.
ЖМ: Колку време посветувате за нега, кои се вашите ритуали за убавина, а како ја негувате пак внатрешната убавина?
- Преферирам квалитет наспроти квантитет, па така правам и избор на производи кои ги користам. Во однос на внатрешната убавина која за мене е поважна, одбирам здрава исхрана, вежбање и чиста мисла.
ЖМ: Колку сакате да патувате, и колку патувањата влијаат позитивно на Вашиот дух?
Мислам дека сите уживаме во патувањето, така осознавам нови култури, сакам традиционална храна и пијалок. Сметам дека секое патување е храна за душата.
ЖМ: Кое парче облека е најзастапено во вашиот гардеробер?
- Без дилема тоа се деловните комбинации, одело и кошула.
ЖМ: Што ви е најомилено и во каква облека најубаво се чувствувате?
- Во парче облека во кое се чувствувам удобно, без оглед за која пригода удобноста за мене е најважна при изборот.
ЖМ: Што ве мотивира во животот?
- Мојот карактер не идеализира, мислам дека таквиот пристап и оневозможува на секоја индивидуа да биде најдобрата верзија од себе. И тоа е мојот мотив, секој ден да бидам подобра верзија од вчера, во секоја смисла.
Ирена Ставрова