Носејќи покана за еден мој концерт, ме пречека една прекрасна девојка со волшебна насмевка, и тука почна сè: Семејно интeрвју со диригентот Борјан Цанев

Добивај вести на Viber

Борјан Цанев, добро познато име во светот на класичната култура кај нас, кој 20 години беше дел од оркестарот на Македонската филхармонија како диригент и како што вели „неговата прва љубов“. А сега како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, од кој младите и талентирани студенти го учат „диригентскиот занает“ од Цанев.

Во своето портфолио Цанев запишува успешни концертни настапи во голем број европски културни центри со симфониски оркестри.

За кариерата, приватниот живот, како е да се биде татко на близнаците Давид и Ева и сопруг на Александра, како го поминуваат слободното време како семејство, колку добро се снаоѓа во кујната, Борјан открива во интервју за Женски магазин.

ЖМ: До 2019 година и цели 20 години бевте дел од оркестарот на Македонската филхармонија како диригент, но вашата кариера ја продолживте како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Што беше пресудно за оваа одлука?

- Многу пати до сега сум повторил, дека Македонската филхармонија засекогаш ќе остане мојата прва љубов. Во неа ги поминав едни од најубавите години во мојот живот. Заедно со неа растев професионално, се изградив како диригент и личност, стекнав огромен број пријатели и искуства, поминавме заедно низ многу премрежја и предизвици. И покрај тоа, сметав дека промените во животот се неопходни и здрави. Преку нив човекот учи и се оформува како личност. Така, одлуката за промена дојде многу спонтано и природно, бидејќи уште од 2002 година предавав на Факултетот за музичка уметност во Скопје како надворешен соработник. Отсекогаш сум имал скриен порив за педагогија, така што сега преку едукација на младите кадри, повторно работам во интерес на Филхармонија и нејзината иднина.

ЖМ: Исклучително интересна професија е професијата диригент, нешто слично како генерал на музичка војска кој го одредува протоколот, но и квалитетот на изведбата. Што за вас беше толку волшебно за да ја одберете оваа професија?

- Од своите најрани години растев во музичко семејство, слушајќи го звукот на пијаното, кое почнав да го изучувам од седумгодишна возраст. Да бидам искрен, родителите никогаш не ме форсираа да се занимавам со музика, тоа беше чисто моја желба. Идентична приказна подоцна се случи и со диригирањето. Имено мојот татко, композиторот Благој Цанев, очекуваше да пројавам интерес и желба за компонирање, но мојот внатрешен пулс ми кажуваше нешто друго. Она коешто најмногу ме привлече кај професијата диригент е погледот врз „големата слика“ на едно симфониско или оперско дело. Поточно предизвикот, како сите тие уметници – инструменталисти или пејачи, заедно да се вклопат во една музичка идеја, креирана токму од диригентот. За музичките лаици, честопати лесна, но за оние кои ја разбираат – исклучително тешка и одговорна професија.

ЖМ: Во едно ваше интервју велите „нема посвето од учител“. Работите со студенти, има ли талентирани момци и девојки кои достојно би можеле да ја работат професијата диригент?

- Секако дека има, но крајниот резултат или ако сакате успех, ќе зависи од многу елементи. Поголемиот дел од нив се поврзани чисто со музичкиот талент, напорната работа, дисциплината и секако желбата. Како и кај останатите професии, има многу други вонмузички елементи кои може, но и не мора, да бидат одлучувачки за тоа дали некој ќе успее да ја работи професијата диригент.

ЖМ: Постојат ли сè уште стереотипи за професијата диригент, или тоа кај помладите генерации се надминува? Има ли интерес од понежниот пол за оваа професија?

- Стереотипите постоеле и сè уште постојат во многу области и за многу професии. За среќа, со текот на времето тие се сменија. Да бидам искрен, во последните две децении интересот од страна на жените кон професијата диригент е во експоненцијален раст и тоа е видливо со нивното огромно присуство низ светските музички центри. И тоа е добро. Мене лично ме интересира дали некој е добар диригент, не дали е маж или жена. Доколку се почитуваат овие критериуми би било одлично. За жал, во последно време повторно се чувствува една тенденција на прибегнување кон крајности во нашата професија. Во некои центри се бараат исклучиво жени диригенти, на друго место сè помлади и помлади и итн. Искрено се надевам дека ова нема да доведе до создавање на нов стереотип во иднина, каков што постоеше во минатиот век. Бидејќи кога се возите во авион, верувам дека не ве интересира дали пилотот е маж или жена, туку дали авионот успешно ќе се приземји.

ЖМ: Сте настапувале во многу европски и светски центри. Каде публиката знае највеќе да ужива, но и да ја цени изведбата на оркестарот и диригентот? Дали досега сте имале некој таков заклучок по гостување во некој град?

- Доколку треба да се одлучам за еден, тогаш тоа е моето гостување минатата година во Краков, Полска со истоимената филхармонија. Преполна сала, 10-минутни стоечки овации, неверојатно топол и срдечен прием. Исклучително префинета и едуцирана публика која знае да ги награди уметниците со бурни аплаузи. Особено ме трогна срдечноста на публиката во Токио, Јапонија – тоа гостување нема да го заборавам! Исто така, гостувањето со Македонската филхармонија во Загреб беше огромен триумф пред тамошната префинета публика. Би го истакнал истенчениот вкус на публиката во Софија, високите критериуми на чешката публика, Британците се исклучителни познавачи на класичната музика и итн. Инаку, публиката насекаде е различна. Нејзиното однесување многу зависи од степенот на образование и нивото на култура, но и од можноста да се присуствува на многубројни концерти со различни оркестри, состави, солисти и диригенти. Тоа го имате во големите музички центри, каде егзистираат голем број ансамбли и каде годишно циркулира светската музичка елита.

ЖМ: Сте биле дел од концерти посветени на најмалите, тоа се и редовни концерти од концертната сезона на Македонската филхармонија. Колку е лесно или тешко да се диригира пред детска публика и возрасна?

- Секогаш велам дека однесувањето и професионалноста не треба да зависат од возраста или од видот на публиката. Ако сте се нафатиле да одржите концерт пред публика, па каква и да била таа, треба да бидете на потребното ниво – музички и визуелно. Концертите за деца имаат и една друга, посложена димензија. Тие за мене претставуваат уште поодговорна задача, заради едукативниот и воспитувачкиот карактер кон најмладата публика.

ЖМ: Колку дома во вашиот дом се слуша класична музика, тоа е како се вели „по дифолт“ или секој има право на избор што ќе слуша?

- Хаха, претпоставувам дека одговорот нема да биде онаков каков што очекувате! Кога би ги тргнал на страна моите работни обврски, во нашиот дом најмалку се слуша класична музика. Сопругата и децата, иако љубители на класична музика, сепак се од „рокерска вероисповед“ и претежно слушаат рок и џез, а Pat Metheny е музичарот кој нè обединува сите четворица. Ева почна да свири електрична гитара на 8 годишна возраст. Во нашиот дом има вето само на шундот!

ЖМ: Родител сте на близнаци, момче и девојче, Давид и Ева. Колку тие покажуваат амбиции за музиката или имаат сосема други желби и интереси?

- Давид и Ева се исклучително музикални и од мали нозе доаѓаа, прво на детските концерти во Филхармонија, потоа и на останатите. Но, како што растеа, нивната желба за професионално занимавање со музика се намали. Верувам дека сами треба да си го изберат патот по кој ќе одат во животот, а ние како родители секогаш ќе им бидеме ветер во грб, обидувајќи се да им помогнеме во остварувањето на нивните идеи и соништа.

ЖМ: Каков родител сте, строг или попустлив?

- На ова прашање, најдобро би било да одговорат децата или сопругата. Иако за некои важни нешта сум прилично строг, не се доживувам како таков. Се обидувам да им оставам доволно простор на децата да размислуваат со своја глава и сами да донесуваат заклучоци. Нема безгрешни родители, па така и ние учиме од нашите грешки.

ЖМ: Најголемата поддршка во животот ја имате од вашата сопруга Александра. Колку време сте во брак, и како се запознавте, како започна вашата љубовна приказна има ли некоја интересна приказна околу вашето запознавање?

- Александра е мојата љубов, мојот животен партнер и мојот најдобар другар. Таа ми ги даде двете најубави нешта во мојот живот – Давид и Ева. Заедно, веќе 20 години, успешно поминуваме низ сите предизвици кои ги носи животот, убави и неубави. Еден убав ден во 2001 година, носејќи покана за еден мој концерт, во канцеларијата каде што влегов ме пречека една прекрасна девојка со волшебна насмевка. И тука почна сè! Во миг го заборавив поводот за кој бев дојден (се смее). Се сеќавам дека ме почести со топол салеп, но претпоставувате и тоа веќе не ме интересираше. Подоцна салепот беше само еден од изговорите да дојдам повторно следниот ден, па денот потоа и итн. Остатокот е историја.

ЖМ: Колку често Александра е во публиката кога настапувате?

- Секогаш кога е во можност. Додека децата не беа родени, таа беше на секој концерт зад мојот грб во публиката. После раѓањето на децата (а верувајте со близнаци не е лесно), оправдано поретко.

ЖМ: Многумина родители ќе речат „не постои формула за воспитување на деца“. Како е кај вас, ред, дисциплина, заслужена награда, казна …

- Се согласувам целосно дека не постои волшебна формула за успешно воспитување од страна на родителите. Не постои „упатство за употреба“ или правило како успешно да бидете родител. За тоа нема „генерална проба“ туку има само „премиера“. Ред и дисциплина мора да има, без тоа ќе биде безредие, нешто кое е штетно за менталното здравје на децата. Во нашиот дом принципот на награда и казна постои. Иако многу ретка, казната секогаш се состои од разговор и педагошка мерка, додека наградата мора да се заслужи. Нормално, вторава мерка мама и тато многу почесто ја применуваат! (се смее)

ЖМ: Слободното време е драгоцено време кое треба рационално да се искористи. Како вие како семејство го користите, што најчесто правите заедно?

- Кога децата беа помали, многу често го користевме слободното време за заеднички прошетки, спортување, забава и итн. Откако пораснаа, сосема разбирливо, нивните интереси полека се променија. Како и сите тинејџери, тие сакаат дружба со нивните врсници. Но, секогаш наоѓаме време и начин како да бидеме заедно – на пример, не пропуштаме викенди во дворот на баба и дедо, со миленичката Астра.

ЖМ: Очигледно е и дека го сакате спортот. Имате заеднички фотографии од трибините како навивачи во дресот на македонската репрезентација. Кој спорт семејно ви е омилен за гледање и навивање и дали сте редовни на трибините кога игра македонска репрезентација?

- Да, го сакаме спортот дефинитивно. Но и ова беше многу поизразено во пораните години, кога многу почесто посетувавме спортски настани. Особено сакаме да ја бодриме македонската репрезентација. Инаку дома, најгледани спортови се фудбал, ракомет и тенис. Целата бременост на Александра ја поминавме гледајќи фудбал, тогаш беше светското првенство 2010, па златните години на Барселона и Интер – кога играше Пандев.

ЖМ: Колку често Борјан е „заглавен“ во кујната. Знаете ли да готвите и што е тоа најчесто?

- За жал ретко, заради обврските, но и заради тоа што сопругата неприкосновено „владее“ во кујната. Нејсе, сакам понекогаш да чепнам нешто и да бидам креативен на друг начин. Така, од мојот скромен кулинарски репертоар, најпозната и најбарана е т.н. мрзлива палачинка. Ама, затоа сум мајстор за редење на садовите во машината (се смее).

ЖМ: Дали внимавате на исхраната и изгледот, и колку е тоа важно за професијата која ја работите?

- Правилната и здрава исхрана е клучот за здравјето на секој човек. Особено и заради мојата професија, која бара многу физичка кондиција, фокус, концентрација и секако ментална сила. Се трудам да бидам дисциплиниран, а како секој жив човек – некогаш повеќе, некогаш помалку успешно.

Габриела Додевска Глигоровска

Фото: Маја Аргакијева/ Ивана Тасев/ Krzyztof Kalinowski/ Приватна архива