„Три кафиња дневно се превенција за мозочен удар“: Интервју со новинарот Александар Динев

Добивај вести на Viber

Темите за здравјето се негова професионалност веќе 17 години како новинар во Телевизија Сител. Заедно со колешката Сања Димитровска ги информираат граѓаните, но воспоставија и пракса за редовна комуникација со гледачите интерактивно преку емисијата „Магазин – здравје“.

Александар Динев телевизискиот лик од Дневникот на Сител, за Женски магазин открива дел од неговите секојдневни ритуали и како е да се биде телевизиски новинар…

Во колку часот и каде ќе го пие првото утринско кафе зависи од дневните обврски на Александар. Но најчеста праска е заедно да го пие со неговите соговорници кои тој ден гостуваат во емисијата „Магазин – здравје“.

- Во работните денови првото утринско кафе не го пијам веднаш после станување. Најпрвин се подготвувам, ако тој ден сум водител на емисијата „Магазин – здравје“, кафето и тоа продолжено еспресо го пијам околу 10 часот и секогаш со гостите кои тој ден се мои соговорници во контактната емисија, како и со моите колеги Сања и Виктор. Секогаш гостите ги договарам да дојдат во телевизијата 20-тина минути пред да влеземе во студио за да имаме време за неформален разговор околу темата за која ќе зборуваме, но многу често дискутираме и за актуелните случувања во државата, со кафе. Овој ритуал го практикувам скоро 4 години и навистина многу ми значи, бидејќи на некој начин соговорниците се чувствуваат поопуштени кога ќе почне емисијата и ја снемува таа вообичаена трема со вклучувањето на камерите. Зошто некои од гостите или прв пат или пак поретко се појавуваат на телевизија.

Продолжено еспресо за расонување наутро, а турско кафе за попладне. Ги консумира вообичаено вкупно 3 во денот, но најважно е првото за концентрација и позитивна енергија во етерот.

- Го самиот мирисот и вкусот на кафето. Посебно на првото утринско кафе, ме расонува, ми дава енергија, а пред сè концентрација додека во живо ја водам емисијата. Вообичаено во текот на денот пијам три кафиња. Второто кафе го консумирам околу пладне после појадокот, исто така еспресо, а третото после ручекот кога веќе сум дома. Тогаш си правам турско кафе и тоа благо во голема шолја по мој вкус. Последните години секогаш внимавам да не пијам кафе после 20 часот бидејќи ми го нарушува сонот, за разлика од студентските денови додека сме подготвувале испити кафе сме пиеле и во 3-4 часот по полноќ. Инаку многу се зборува и пишува за бенефитите или за негативните ефекти од кафето, но во оваа прилика ќе ја цитирам изјавата на еден познат македонски кардиолог кој на прес-конференција токму на светскиот ден за подигнување на свеста за мозочен удар повикувајќи се на научна студија рече: „Три кафиња дневно се превенција за мозочен удар“.

Секој ден е различен сам по себе. Обврските како новинар што ги носи денот се секогаш различни, а тоа значи и еден ден да изгледа како „да трае два“. Енергијата за да го издржи денот, Динев најчесто ја добива од блиските колеги преку совети, шеги и сериозен разговор.

- Иако последните 4 години повеќе сум фокусиран на емисијата „Магазин – здравје“, после завршувањето на истата работните обврски ми продолжуваат во информативната редакција на ТВ Сител каде како новинар работам веќе 17 години. Можам да заклучам дека секој ден е различен, исполнет со предизвици и речиси никогаш не знаеш кога точно ќе ги завршиш обврските тој ден. Разговорот со блиски колеги, нивната поддршка и совети секогаш ми даваат дополнителна енергија и мотивација.

Во новинарската професија најголема мотивација е доколку со прилозите сме успеале да промениме нешто кон подобро, да откриеме недостатоци во системот или да решиме некој проблем. Нема поубаво чувство кога со објавите ќе придонесете пациенти да добијат лекови или подобри услови за лекување, или пак на некого сте му помогнале да има пристоен живот.

Книгите се најверниот пријател на човекот. А човек учи додека е жив. Динев со книгите најчесто се дружи кога е на одмор или патување, додека стручна медицинска литература чита за да биде подготвен во разговорот со неговите гости.

- Книги најмногу сакам да читам кога сум на одмор, а барем еднаш неделно практикувам да гледам добар филм. Но, морам да признаам дека речиси секоја вечер читам и истражувам медицински написи во зависност од тоа која ќе биде темата за наредната емисија. Сакам да бидам подготвен во разговорот со докторите или медицинските лица, да знам во која насока да ја водам емисијата зошто може да се случи соговорникот да го фати трема, бидејќи емисијата оди во живо и во тој момент да ја извадам ситуацијата, а секако тоа да не го забележат гледачите.

Денот го завршува со прошетка на кејот на Вардар, со сумирање на постапките и одлуките направени тој ден.

- На крајот на работниот ден, пред стемнување кога е убаво времето наоѓам време да пешачам покрај Вардар и да размислувам дали тоа што сум го работел тој ден било добро. И заклучокот секогаш ми бил – „Можеше и подобро“. И навистина секој од нас може да биде подобар!

Габриела Додевска Глигоровска