Никогаш не е доцна
Една од работите кои нé туркаат секогаш напред, е вербата. Вербата во себе, во тоа дека ништо не е невозможно, верба во подобар и поквалитетен живот, дека утрото ќе донесе нешто поарно од вчерашниот ден, е двигател на секој од нас. Вербата е таа за која се фаќаме како за сламка кога работите се кинисани удолу и кога ни се чини дека сé се завртело против нас. Секогаш ја паметам онаа мудрост дека најлошото нешто кај еден човек е млакоста и помирувањето со судбината. Да, некогаш не можеме да ги смениме нештата колку и да се обидуваме, но тоа не значи дека треба да седиме со скрстени раце или да кренеме бело знаме. Колку пати ви се има случено после ден полн секакви стресови и нервози, да си кажете “ајде, ќе помине и ова...утре е нов ден”?. И што е најинтересно, чинам дека многумина од нас имаат сила за напред токму заради тоа што со сето срце веруваат дека сепак после лошото следи добро. Не џабе се рекло дека среќата ги следи храбрите. Токму вербата била таа која ни помогнала да се избориме против сите лошо наместени коцки и која ни го трасирала животот кон некои нови и подобри работи. Таа е движечката сила за да веруваме во тоа дека никогаш не е доцна за било што, а што сакаме да го постигнеме.
Еве, деновиве читам за жената која била електроинженер и која се запишала на Филолошки факултет на свои 64 години, за да дипломира на 68 годишна возраст со просек 9,81. И сега одете да ве видам да и’ кажете на оваа жена-инспирација дека е доцна за нешто! Веројатно само ќе се насмее и од култура ќе си премолчи. Токму овој пример ми беше поттик за денешнава колумна. Доцна за било што во животот е само ако си кажеме дека сме стари за нешто, дека сме немоќни или уморни за промени или дека не можеме. Љубовта кон спознавањето на нови нешта, предизвикот за сами пред себе да си докажеме дека сме способни за учење на било која возраст и вербата во себе дека ќе успееме, ете таму е формулата за успех и среќа. И додека читам како студентите (кои можат по години да и’ бидат внуци) велат колку им била пример дека “кога се сака, сé се може”, не можев а да не ги прочитам и коментарите по социјалните мрежи. Прво, многу ме израдува фактот што огромен број луѓе беа воодушевени од нејзината посветеност и упорност а како второ, уште еднаш ми се потврди тоа дека имаме “бисери” кои се во секој миг спремни да истурат фекалии секаде каде што ќе стасаат. Ова ме потсети и на жената која пред 2-3 години ја имаше по медиумите, а која прочитала 438 книги за една година. И за неа, освен пораките полни восхит и поттик, имаше коментари од секаков вид од кои ми се поткрена желудникот.
Кој тоа вели дека е срамота или невкусно да се запише втор факултет на 64 години? Зошто побогу би било тоа за срамење? Кој вели дека читањето книги и пасијата кон нив, автоматски значи дека жената си го запоставила семејството? И најважното прашање, дури и да е така зошто треба да се мешаме во нешто што ама ич не е наша работа? Ова некако му доаѓа како да сме лично засегнати и обесправени оти некој си нашол нешто што го исполнува. Сфатив дека многу береме гајле за туѓите животи, но не за да помогнеме или да турнеме некого напред, туку за да ги прикриеме сопствените фрустрации. Нема полесно од тоа да се донесат заклучоци набрзина и да се истресат негативни коментари од ракав. А најстрашно е што баш тие кои имаат коментари од типот дека “бабата наместо внуци да гледа, одела на факултет” (ова ми е грозно што воопшто го цитирав) и “наместо да чита по цел ден, нека зготви нешто”, седат по цел ден на социјалните мрежи, нурнати во својот простотилак и лошотија и како едвај да чекаат да си ја истурат злобата.
Па, драги мои “хејтери”, еве да ви кажам нешто и за себе. Мојата прва книга излезе кога имав 42 години и 11 месеци. Сега, на скоро 53 имам уште 3-4 книги кои чекаат во печат и не, немам намера да застанам освен ако не се случи нешто непредвидено. И не мислам дека ми било доцна да почнам повторно да пишувам на скоро 43, исто како што не мислам дека ќе ми е доцна да го правам тоа и на 70 (да сме само живи и здрави). За тие кои ми берат гајле дали готвам и чистам по дома, ич да не ме мислите ни мене ниту детето. А за моево дете, чинам дека овие две жени кои ги спомнав погоре се одличен пример дека треба да вложува во себе, во своето образование, па и култура. Многу поздраво е да се води од нив, отколку од таму некои си ликови кои освен чаталење, глумење фраерлук и евтини вредности, не знаат ништо друго. Ова го кажувам оти имам ќерка која е тинејџерка и не ретко гледам дека најголемото фалење меѓу врсниците е кој колку испил и како се исповраќале по улици. Па, искрено да ви кажам, ако треба да бирам од кого ќе учи, нека учи од оние кои ќе и’ покажат оти годините не се важни за нови почетоци.
И еве, ме мачи уште една работа а која е директно поврзана и со поделбата на работите според полот. Зошто (на пример) дедото да не ги гледа внуците ако се мајката и таткото се на работа и зошто мажот да не раскрене низ куќа или да зготви ако жената е занесена во книгата? Многу ме интересира дали коментарите ќе беа исти ако се работеше за вакви достигнувања на некој маж или ќе беше сé супер, оти кај нас така некако се поставени работите (секоја чест на исклучоците). Нејсе, тука сме нели за да ги кршиме табуата и да покажеме оти без оглед на полот, возраста и досегашните интереси, секогаш можеме да внесеме нешто ново во животот.
Никогаш не е доцна за да научиме нешто поинакво, да се исправиме и да си го побараме тоа што го сакаме, да влеземе во нова љубов, да излеземе од токсични врски. Никогаш не е доцна за да кажеме ако сакаме нешто или да кажеме НЕ ако нешто нé унесреќува. Од убедувањето дека е доцна, луѓето си го упропастуваат животот.
“Не можам да имам некој на 50+, доцна е”.
“Не можам да се разведам после 30 години брак, доцна е”.
“Не можам да почнам да вежбам, доцна е”.
“Не можам да најдам нова работа, доцна е”.
“Не можам да научам да правам ова или она, доцна е”.
А сé е во сетингот на умот и во храброста да си го слушаме она што ни го кажува срцето и тоа што ни бара душата. Да не давате никој да ве обесхрабрува или да ви кажува дека не можете и не знаете. Ако не можете, ќе најдете начин. Aко не знаете, ќе научите. Никој од нас не се родил учен и моќен да може баш сé да стори. Арно ама, секој од нас може да работи на себе за да си ја зголеми самодовербата и вербата во сопствените можности. А кога тоа ќе се случи, да ми е само да видам дали некој ќе ве спречи да грабите напред.
И еден совет кој иако не го барате од мене, јас да си го кажам она што ми лежи на душа. Кога ќе почнете да одите напред, фокусирајте се на својот пат и целта која ви е зацртана. Ако веќе слушате коментари отстрана, селектирајте ги и нека допрат до вас само оние од кои ќе ви се рашират крилјата уште повеќе. А другите? Па сега како да ви кажам, а да не сум погана...одете во тоалет, фрлете ги во клозетската шолја и пуштете вода. И додека го правите тоа, да не дозволите да ве јаде црвот на совеста или да имате прашалници кои ќе ве поколебаат.
Едно знам со 100% сигурност...кажете и’ збогум на реченицата “доцна е” што е можно поскоро, додека не стане предоцна.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не, никогаш не е доцна...
За ново утро
И надеж кристална која се раѓа
За насмевка
Во која ќе ти блесне иднината
За мисла чиста
Од која некому душа ќе обелиш
За рака подадена
На тој кому му е најпотребна
Не, никогаш не е доцна...
За убав збор
Како лек на рана која не зараснува
За допир толку мек
Чиниш крила од ангел на образот си сетил
За прегратка цврста
Од која ти се топи тагата
За чекор напред
Со кој од калта ќе излезеш
Не, никогаш не е доцна...
За утеха да дадеш
На оние кои се на колена
За пример да си
На сите по тебе што ќе дојдат
За мудар совет
Од кој некому животот ќе му се смени
За разбирачка молкум
Со која љубов ќе дариш
Не
Не е доцна
И никогаш доцна не ќе биде
За искреност и чесност
За храброст и упорност
За глава горе да се крене
И за борбата за себе пред себе
Никогаш доцна не ќе биде
За нова љубов и радост детска
За градење мост
Меѓу стари и заборавени пријателства
За пак да почнеш во себе да веруваш
И угоре, угоре да се исправиш
За сите ѕвезди да ги дофатиш
Доцна е само ако сам така си кажеш
И ако се убедиш оти за поарно не си
Ако си дозволиш погледот в земја да ти е
Како со него гроб сам да си копаш
Доцна...
Доцна е само за оние
Врз кои црна земја тежи