„ЅВЕЗДЕНО НЕБО ЗА ТОШЕ“ НЕМА ДА СЕ ОДРЖИ: Се прекинува традицијата за хуманата акција

Добивај вести на Viber

Годинава нема да продолжи традицијата на манифестацијата„Ѕвездено небо за Тоше“. Фановите на Тоше Проески, десет години по ред се збираа секој петти октомври на Плоштадот Македонија во Скопје, и со своите мобилни телефони и запалки правеа ѕвездено небо пеејќи ги хитовите на Тоше.

Петти октомври како датум е избран поради последниот концерт на Тоше, кој го одржа на овој ден во 2007 година, само 11 дена пред да загине. Годинава не е најавена ниту традиционалната крводарителска акција во чест на Тоше. 

Причината што нема да има ѕвездено небо е организацијата на концертот посветен на Тоше, кој ќе се одржи на 2 ноември во ВИП Арената „Борис Трајковски“.

“Правиме преговори со балкански ѕвезди кои ќе дојдат и ќе настапат со хитови од Тоше. Ако терминот им одговара, би требало да гостуваат Аки Рахимовски, Борис Новковиќ, Ања Рупел, Јелена Томашевиќ“, изјавија за Женски магазин од Меѓународната Фонадија „Тодор Проески“. 

На концертот ќе биде промовиран и албум со нови, до сега необјавени песни од Тоше Проески. Албумот е со наслов "Secret place" и на него се наоѓаат седум нови песни на англиски јазик како и три преработки на познати хитови.