„1200 молитви за Тоше“ - збирка од песни посветени на музичката легенда, напишани од неговите фанови од Балканот

Љубовта на фановите кон Тоше Проески, преточена во песни. Тоа е основната порака на книгата „1200 молитви за Тоше„ која ќе се промовира утре на денот на неговото раѓање, во Спомен куќата на пејачот во Крушево.

Организатор и уредник на изданието е Маријана Митевска, која како поетеса учествува и со свои песни.   

- Кога го посетив Крушево во 2019 година, добив идеја да се направи настан во чест на Тоше кој ќе вклучува три жанрови. Литература, да се соберат песните кои се напишани за Тоше, уметност, да го цртаат неговиот портрет и музика, млади изведувачи да ги пеат неговите песни. Мојата желба се претвори во реалност кога почнав да ги запознавам поетесите кои од 2007 пишуваат песни за Тоше. На почеток на повидок имаше 600 песни, но за кратко време оваа бројка се искачи до 900. Во проектот свои песни имаат само неколку поетеси. Покрај моите песни, со свои стихови се појавуваат и Василка Пажиќ, Нада Џаневска, Маја Ќулумовиќ, Виолета Јовановска од Македонија. Анита Чечавац од Хрватска и Данијела Грбиќ, Дуда Павковиќ, Тијана Симиќ од Србија – посочува Митевска. 

Собирањето на песните било многу тешко, бидејќи тие пристигнувале од повеќе земји.

- Во рок од 40 дена постојано ги складирав во папки. А правев и селекција според имињата на поетите, бидејќи дел од нив испраќаа по неколку песни. Во книгата има стихови на фанови од Македонија, Србија, Хрватска , Босна, Црна Гора, Словенија, Бугарија, Белгија, Шведска, Русија, Индија, Австрија,  Канада, Австралија. Изработката на корицата е на Ицко Арнаудов. Насловната фотографија од Тоше е позајмена од Проја продукција Канада. На мое големо задоволство рецезент на книгата е Венко Андоновски. Поетесите кои имаат од 30 до 130 песни се претставени со фотографија, име и презиме и со знаме на својата земја. Сега ќе ни се оствари уште една желба, а тоа е книгата да се промовира на неговиот роденден. Со тоа ќе се реализира и идејата - литература , музика и уметност, сите заедно за Тоше – вели Маријана.   

Средствата од продажбата на книгата ќе бидат донирани во манастирот Свето Преображение Крушево.


(С.А.Н)