За Велигден, ветете си дека многу повеќе мигови ќе им посветувате на луѓето кои вистински ве сакаат и се грижат за вас: Празнично интервју со Кристина Талеска Големтеова
„Народната „Кај и да си, за Велигден дома да си“ е правило запишано со црвени букви во моето семејство. Тоа се мигови за нас и нашите најблиски, кои во ова брзо секојдневие нѐ потсетуваат дека ништо не поважно од радоста поделена со оние кои ги сакаш“, вели во празничното интервју за Женски магазин
Кристина Талеска Големтеова - Уредник и водител на утринската програма на МТВ „Македонија наутро“.
За Кристина, Велигден како еден од најголемите христијански празници за неа и моето семејство е воедно и еден од најубавите за кои со голема радост се подготвуваат и го празнуваат.ЖМ: Велигден – симбол на убавината и раскошното предание на нашата празнична култура. Време кога молитвите за добрина и меѓусебна љубов се сплотени на многу верници. Што претставува за вас овој голем празник, како вие го доживувате?
- Велигден како еден од најголемите христијански празници за мене и моето семејство е воедно и еден од најубавите за кои со голема радост се подготвуваме и го празнуваме. Од велигденското декорирање на домот, бојадисувањето на јајцата , па до посетата на православниот храм в сабота и објавата на радосната вест за Христовото Воскресение, секој миг ни е исполнет со празнични ритуали во кои посебно уживаме и секоја година без исклучок ги правиме.
ЖМ: Како и каде ќе ги поминете Велигденските празници?
- Празниците и секој слободен миг со сопругот и синот ги користиме за патувања. Тоа е нешто што ни носи радост и ни ги полни батериите, но Велигден се празнува секогаш и без исклучок дома. Народната „Кај и да си , за Велигден дома да си“ е правило запишано со црвени букви во моето семејство. Тоа се мигови за нас и нашите најблиски, кои во ова брзо секојдневие нѐ потсетуваат дека ништо не поважно од радоста поделена со оние кои ги сакаш .
ЖМ: Кој е вашиот омилен рецепт кој го подготвувате секогаш на Велигден, дали сте само вие задолжена за празничната софра и што најчесто подготвувате?
- Во однос на храната и трпезата морам да признаам дека за тоа секоја година се задолжени мајка ми и свекрва ми, и да ми се живи и здрави никој не готви толку убаво како тие. Празничните денови се секогаш резервирани за фамилијарни ручеци, неколку на број на кои посебно им се радувам . Печеното свинско, јагнешката чорба на мајка ми и дроб сармата и печените јагнешки цревца на свекрва ми се деликатеси кои ми носат радост на празникот. Единствено што јас подготвувам секоја година е благо , бидејќи куќа без благо за празник не бива (се смее) .
ЖМ: Колку уживате во техниката на вапцување велигденски јајца, кој ви помага во тој обичај?
- Е вапцањето јајца е посебен ритуал во кој навистина уживам . Не практикувам посебни техники на вапцање, но затоа пак ги вапцам во многу бои и секогаш по избор на син ми. Впрочем најголема радост ми претставува што Калин подеднакво ужива и се вклучува во бојадисувањето, а како што расте и радоста е поголема. А, неговата насмевка од увце до увце на крајот ми е најголемата награда дека сме завршиле добра работа.
ЖМ: Колку ставате акцент на амбиентот за Велигден дома, колку се радувате на декорациите и украсувањето?
- Го сакам домот тематски декориран, а како и да не посакаш да го декорираш кога на пазарот има толку голема понуда на велигденски декорации и креативни идеи. Не претерувам, затоа што сепак сметам дека велигденските јајца во кошниците се најубавиот декор овие денови, но секако по генералното пролетно чистење на домот, прво што направив беше Велигденската декорација.
ЖМ: Што ви буди Велигден од детството, се сеќавате ли како ви поминуваа празниците како мали?
- Секако.Едни од најубавите спомени ми се празнувањето на Божиќ и Велигден во домот на моите родители.. Традицијата е нешто на што посветуваа големо внимание, попатно учејки ме дека ништо не е поважно од убавата мисла и радоста на средбата на заедничка софра на празник. И не поради храната, ниту поради новата облека која ја добивав секој Велигден , бидејќи на празник нели ново се носи (се смее), туку поради мигот на кој ќе му се навраќаш секогаш кога ќе евоцираш спомени како во овој момент. Впрочем моите родители ме научија да ги почитувам, и им се радувам на празниците на што сум им особено благодарна.
ЖМ: Велигден е празник над празниците, победата на животот над смртта. Дали како личност правите пресек на работите кои сте ги направиле минатата година и дали после големи празници знаете да завртите нов лист или пак да помогнете некому?
- Ништо од наведеното. За добар збор, убава мисла и добро дело не е потребен посебен ден. Тоа што можеби ми е посебен потсетник секој празник е дека треба да сопрам. Да посветам време на себе, семејството, родителите. Животот стана трка која се повеќе ни го зема времето, здравјето, но и миговите со оние со кои најчесто мислиме дека ги имаме за навек, а за жал не е така. Па кога ќе седнете на Велигденската трпеза, помислете дека тоа се единствените луѓе кои вистински ве сакаат и се грижат за вас и ветете си дека многу повеќе мигови ќе им посветувате токму ним!
Ирена Ставрова