Како ангел или ѓавол, точно на полноќ влезе во нашите животи, без да не праша, и без пардон почна да ја троши новата година.
Со петарди и огномет, со музика или во тишина, додека славевме, спиевме или сонувавме.
На топло, на ладно, внатре или надвор, сами или во друштво, на планина или на море, дома, во кафеана или на гости.
Пијани или трезни, здрави или болни, дотерани или во пижами, за некого дочекот беше специјален настан, а за некого-баш ми е гајле.
Можеби е нова, но не е безгрешна, со себе ги влече старите (не) пријатели како радоста, болката, гордоста или срамот, ќе не израдува, ќе не усреќи, ќе не разочара, ќе не расплаче, ќе ни донесе мир или војна, ќе не издигне кон врвот или ќе не повлече кон дното, ќе не направи побогати или посиромашни духовно или материјално-вие си знаете.
За некого 2019 година беше долга и мачна, за некого беше среќна и пролета за миг, ама сите во светот сме една година постари, можеби помудри или поблесави, сѐ ќе се види на социјалните мрежи.
Секоја година иста или различна песна- сѐ ќе се врти околу љубовта, здравјето и работата, приватноста ќе се дели со јавноста, сиромашните ќе чекаат донации, богатите ќе инвестираат во непрофитни организации, старлетите и останатите сфери на живеење ќе бркаат спонзори, Кардашијанс ќе се расфрлаат со пари и ќе видиме кој ќе победи на избори.
На политиката ќе гледаме како на жена-тешко со неа, тешко без неа, еднаш светица, а другпат распуштеница.
Нашето или европското семејство и понатаму остануваат центарот на нашата сила, енергија, среќа и благосостојба. Вреди секој компромис, а суетата ја оставаме на сцената на шоубизнисот.
Во новата 2020 и понатаму сите ќе дишеме ист, чист или загаден воздух, зависи од нашата еко, висока или ниска свест, од нашиот патриотизам или хигиенски навики.
Скопје ја има шансата да замириса на парфем како Виена или на слаткарница како Солун. Тенка е линијата меѓу надежта и очајот.
Ви посакувам да ви се исполнат сите желби во новата 2020 и да бидете добар пример за вашите деца!
Лејла Сабит