2021...биди нежна!

Добивај вести на Viber

Вака-така и’ се гледа крајот на 2020-та. Според мене, редно беше да се спакува и да си замине без вртење, заедно со сите драми, трауми и стравови кои ни ги донесе. Сепак, верувам во она дека се’ се случува со причина и дека секое “зошто” си има свое “затоа”. Ништо не е случајно, ниту настани, ниту луѓето кои ни доаѓаат во животот. Лекциите кои и онака требало да ги научиме, ги учиме скоро секогаш на потешкиот начин оти по природа сме скептици и малку повеќе тврдоглави отколку што треба.

Што научив годинава?

1.  Дека не сум семоќна и дека колку и да сум контрол фрик, секогаш има работи кои нема да можам да ги контролирам колку и да се обидувам или нервирам.

2.  Дека слободата е најважната работа и никогаш не смее да се потценува. Кога е ускратена, тогаш најмногу се гледа нејзината вредност. Не ги земајте никогаш работите здраво за готово.

3.  Дека без здравје, се’ е џабе...и пари, углед, популарност, слава. Сето тоа може да го фрлите во канта со отпадоци ако не сте здрави вие и вашите блиски.

4.  Дека себичноста е избор кој свесно го правиме.

5.  Дека секогаш има место за нови луѓе кои ќе ви го подобрат квалитетот на живеачката.

6.  Дека токсичните врски и луѓе се како болест чии последици оставаат трајно оштетување. Затоа, моливчето в рака и прецртајте она што е за прецртување.

7.  Дека стравот за најблиските е посилен од стравот кога се соочуваш со сопствените демони.

8.  Дека домот е затвор само тогаш кога сами на себе си ги сечете крилата за да летате дури и во 4 ѕида.

9.  Дека постои не само решение за секој проблем, туку и проблем за секое решение.

10.  Дека љубовта не познава бариери од ниту еден вид и си има свои механизми на преживување дури и тогаш кога изгледа невозможно дека ќе опстане.

Не беше лесно, нели? Имавме повеќе падови отколку вивнувања нагоре, повеќе страв отколку спокој. Но, ако нешто знам, знам дека секој од нас во себе има направено промени. Кај некого се тектонски потреси, кај некого тивки бранувања. Но, ниту еден од нас после оваа година нема да е ист. Ако ништо друго, знаеме како е да се живее во рамки, ограничени за многу работи. Оние умните, ќе го имаат тоа предвид кога сето ова ќе мине. Оние другите, тие ќе си тераат по старо оти не знаат поинаку. За себе знам дека после се’ ќе имам сосем поинаков пристап и кон себе и кон животот, оти еден ми е, еден ви е.

Жал ми е што се измачивме годинава, жал ми е што бевме принудени да се ускратиме едни со други за многу дружби, концерти, промоции, убавини. Се надевам дека следната ќе го надоместиме тоа.

Она што сакам да ви го кажам како честитка за годината што доаѓа е следново...

Дишете...дишете со полни гради и дишете љубов.

Не се бавете со туѓото мислење за вашиот живот. Кондурите во кои чекорите се ваши!

Научете да бидете сами со себе и да се сослушате секогаш кога ќе ви е неубаво.

Не бегајте од љубов, за да не почне таа да бега од вас.

Секогаш кога ќе ви дојде, кажувајте им на оние околу вас дека ги сакате.

Не се карајте со никого. Ем нема да се објасните, ем ќе си ставате на душа.

Верувајте во чуда, само така ќе може да ви се случат.

Секогаш кога се двоумите дали нешто да направите, не го правете.

Слушајте си ја интуицијата, таа никогаш не греши.

Прифатете си ги сопствените мани и слабости и научете да си ги сакате несовршеностите.

Прифатете ги оние околу вас такви какви што се, без да сакате да ги смените.

Читајте книги, наместо политички блуеници.

Слушајте музика наместо муабети за други луѓе.

Кренете го гласот секогаш кога се чувствувате обесправени, без страв и срам.

Реагирајте на било какво насилство.

Не дозволувајте никој да ве малтретира на било кој начин.

Водете љубов често и полека, со сите сетила.

Бакнувајте се почесто, бакнежот е еден цел Универзум кој зближува двајца.

Дозволете да се размазите и да ве размазат.

Не се самообвинувајте и казнувајте ако не сте совршени. Лично, ме плашат оние кои изгледаат како да се совршени, таквите знаат да направат најмногу бељи.

Помагајте секаде и секому, колку можете, на начин на кој можете.

Вложувајте со своето знаење и во она што вам ќе ви донесе спокој.

Не држете лутина. Ниту ќе успеете така да натерате некој да види дека ве повредил или навредил, ниту ќе ви донесе некоја придобивка. Лутината, исто како и зависта е отров.

2021...биди внимателна со сите нас. Биди нежна и мирна, сепак сме кревки и заслужуваме подобра година од претходната.

И за крај...песната која е подолу е песна која ви ја посветувам за да ве потсетам дека она што е најважно е вашето ментално и физичко здравје. Ја напишав за и јас да се потсетувам секој пат кога се заборавам себе. Да внимаваме на себе и едни на други.

Ви сакам убави празници, многу љубов и спокој.

Да сте ми живи и здрав, живели за новата 2021!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Вети си

Сама на себе да си ветиш

И пред мене зборот

Гласно да си го кажеш

Дека ќе се љубиш

Онака како што знаеш другите да ги љубиш

И дека за себе грижа ќе водиш

Онака како тоа за сите што го правиш

Како што тоа само жена умее

Од себе да земи, да ископа

За тие околу да ги нарани

И со милост да ги напои

Дури и тогаш кога уста не и’ се отвора

И гласот треперлив и’ станува

Снагата однатре и’ се треси

Од умор

Од сиот свет што го ставила на плеќи

Вети си

И мене вети ми

А потем побарај и јас тебе да ти ветам

Оти ќе се чувам за да не прегорам

И дека како мајка-дете над себе ќе бдеам

Дека душава ќе си ја пазам

И срцето ќе си го милувам

Вети ми

Вети си

И барај да ти ветам

Зборот да не си го погазам

Дека ќе се чувам и љубам

Оти ниедна жена

На ветеното пред себе не останала

Дека најважна сама на себе ќе си биди

Оти за жена тоа како клетва е

Да нема кого околу себе

Ко натстрешница под себе да скрие

Дури и тогаш кога сама е

Гола и боса простум на дождот

Од кој ниту еден грев не се одмива

Вети ми

И во себе збор да си дадеш

Дека зад себе

Ронки љубов ќе оставаш

За патот до себе да ти го покажат

Секогаш кога ќе изумиш која си

И кога нема да се сетиш колку вредиш

Вети ми и барај да ти ветам

Дека една за друга тука ќе сме

И рака ќе си подадеме

Тогаш кога било која од нас

Чекор тромав ќе има

И кога силата ќе ја напушти

Вети ми

И вети си

Дека ќе знаеш да се сакаш

И да се чуваш

За и мене да ме сочуваш