Стави се себе на прво место
Во она време додека јас растев, реченицата “стави се себе на прво место”, значеше себичлук и егоцентричност. Или во превод, тоа беше врв на немање почит кон другите оти воспитувањето ни беше такво какво што ни беше. И не дека бевме погрешно воспитувани, туку никој не нé спремаше на тоа дека светот ќе се смени и дека начинот на кој бевме научени да се однесуваме, ќе ни се удри од глава. Мојата генерација и јас растевме во услови кога беше сосем нормално да бидеме на услуга секому и секогаш, без оглед дали можеме или сакаме. Дури, мислам дека не ни размислувавме за тоа што сакаме и што можеме, додека ги исполнувавме општествените норми кои беа поголеми од било кој закон. Тоа беа оние времиња кога честа, угледот, образот и правењето атер беа ултимативни. Едноставно, како некој преќутен договор кој важеше за сите подеднакво. Не ретко, тоа значеше да си го нарушиш сопствениот раат за сметка на тоа што ќе кажат другите ако не постапиш онака како што се очекува од тебе.
Ги паметам деновите кога по дома се спремаше за гости кои што ќе се најавеа, иако можеби беше работен ден кога мајка ми беше скапана од работа и обврски. Само што ќе се вратеше дома, стануваше лудило за да се стаса со сé, почнувајќи од зачистување (иако викендот се правела генералка), да се спреми мезето кое се состоеше од ордевери, домашно правени руски салати, урнебеси, кифлички. Тој хаос ми е како ноќна мора оти сакала-неќела, помагав. Сецкај, реди, па не требало така, туку по некој нејзин замислен редослед, па вади туршијата од бурето а надвор ѕивра ладно, па на масата да е нов чаршав (специјалниот за гости), редење салфети и прибор за јадење. Јас бев преморена уште пред да дојдат гостите и едвај чекав да се изредат за да се поздравам (оти немаше шанси да се прескокне тој дел), па дури тогаш да си одам во соба. И ај што ќе минеше тоа, туку после собирање тањири, чаши, миење, редење сé на свое место. Атерот беше многу поголем од сé, дури и ако не ти било до гости, те болело глава, си имала мензис или едноставно, само си сакала да одмориш. Легнувањето беше час, два или три после полноќ за да се стане после само неколку саати сон за да се тера следниот ден, работа или училиште, сеедно.
Никој тогаш не се ставаше себе на прво место, не. Тогашната филозофија на живот беше “сите”, па дури после “ти”. Дали мислам оти сме грешеле? Да! Дали мислам дека можело поинаку? Да! Дали било поинаку? Не!
Правењето чест се протегаше во еден толку широк распон, што беше замарање од најголем вид. Да не одиш ако те викнале на роденден или свадба? Незамисливо. Ако треба цел месец потоа ќе го стегаш каишот за да се изврви до следна плата, ама се знаеше адетот. Ќе купиш подарок, па букет цвеќе, обврзно бајадера или некоја поскапа бонбониера, ќе се стокмиш (не џабе е изразот “дотеран ко за на свадба”) и одиш. Добиените бонбониери од гостите се чуваа ко очи во глава за да се отчестиш некаде на друго место. Дури ми се чини дека дел од нив само се вртеа од слава на роденден, од роденден на свадба, од свадба на слава. Си ги предававме едни на други како штафета додека некое детуле не се одважеше да се почести со нив (за што настануваше цела драма по дома) или додека не им поминеше рокот на траење.
Не постоеше изразот “не можам”, ако некој те замолеше за помош. За “не сакам” нема дискусија, оти не може да не сакаш колку и реално да не можеш нешто да направиш. И не ретко таа особина ги чинеше луѓето многу и материјално, оти знам дека барем еднаш или два пати моите биле изиграни кога биле жиранти некому. Од една страна, тој начин на живот даваше некаква утеха дека не си сам, а од друга страна беше меч со две острици. Кога требаше да се вработи некое од децата на пријателите, сите се растрчуваа за да му/и’ бараат работа. Јави се на оној, јави се на овој, чекај тој ми должи услуга, чекај кај оној можам да се обратам. Тој аспект на заедништво отсекогаш ми бил многу убав и ми останал до ден денес како една светла точка по која се водам. Престанав да мозгам дали можеби себеси сум си затворала некоја врата кога сум чукнала на неа за некој друг. Така ми е и детето воспитано, колку е умно тоа не сум баш сигурна гледајќи во што се претвораме, ама како велат, децата се сунѓери и она што го гледаат, тоа го прават.
Она што не ми се допаѓало отсекогаш било дека многу бевме опседнати со тоа што ќе мислат другите за нас. Сега чинам дека сé помалку се оптеретуваме со тоа, што ми е голема придобивка. Секогаш и’ велам на Нина дека не треба ич да се замара што некој ќе мисли или каже за неа, оти што и да стори, како и да постапи, секогаш ќе има барем еден што ќе најде замерка. И да, велам дека треба да се стави себе на прво место, оти нема ништо поважно од нејзиното физичко и ментално здравје. Тоа се однесува дури и кога сум јас во прашање, ја учам дека никогаш, ама баш никогаш не смее да се стави себе на второ место иако знам дека сé би сторила за мене.
И кога сме веќе кај децата, сфатив дека како родители многу грешиме што не си даваме оддишка или одмор. Јасно е дека до одредена возраст мора да сме 24/7 покрај нив и да ни бидат приоритет. Но, тоа оди дотаму што со тек на времето забораваме каде е границата. А кога ќе се заборават границите, тогаш настануваат проблемите. Мислам дека оттаму е онаа изреката дека патот до пеколот е поплочен со добри намери. Од страв да не излеземе себични родители, се забораваме себеси и нашите потреби како луѓе, не како партнери или мама, тато. И како да му всадам на детето дека треба да се грижи за себе и да си биде на прво место, ако ме гледа дека јас се однесувам како да сум на закачалка? Никако, ете како.
Се разбира дека сé си има свој приоритет. Ако има потреба, сите сме на готовс да се најдеме таму кај што треба. Но, како да знаеме каде е таа точка од која веќе не се работи за нешто што е од голема важност, туку за хирови од другите. Лично, гледам да извагам колку што е можно пообјективно. Тоа значи дека во одреден момент знам да кажам “НЕ, сега сакам да се одморам” или дека не ми се прави нешто што некој друг сака. Да ме прашавте порано, без двоумење ќе кажев дека е тоа себично. Ако ме прашате сега, ќе ви кажам дека да се ставите себе на услуга безрезервно, значи дека ќе прегорите еден ден.
Ставањето себе на прво место значи и дека ќе се поштедите себеси од трпење секакви луѓе околу вас. Не сте должни да бидете несреќни во врска, брак, пријателство затоа што ќе ви биде наметната грижа на совест дека сте себични. Должни сте единствено да настојувате да бидете спокојни, задоволни од и со себе и среќни за да можете реално да функционирате добро и сами со себе, но и со партнерот, децата или пријателите.
Да се стави човек себеси на прво место, не е по дифолт дефиниција дека не е тука за никој или дека не знае да сака или почитува. Да имате свој простор, хоби или тишина е потребно за да имате сила да го живеете животот со сите негови подеми и падови. Не наседнувајте на тоа дека не сте добри партнери, пријатели или родители ако барате да ви биде почитувана одлуката да поминете време сами со себе, некогаш дури и не правејќи ништо повеќе од само гледање во една точка.
Иако не сум религиозна, секогаш на ум ми е она од Библијата кое вели “сакај го ближниот свој како што се сакаш себеси”. Љубовта кон себе е од врвно значење за да имате сила и љубов за другите. Сé останато е само трошење себе, а овој живот е толку проклето кус и брз, што чинам дека нема поголем грев од тоа да се истрошите без да видите убост во него.
Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ти, па сите други
Така треба да е
И така треба да биде
Оти краток е животот
Како филм кој го пушташ
На забрзано да се врти
И еве, дур си трепнал поминал
Та се мачиш да се сетиш
Што за себе си сторил
Кога последен пат себе си се погалил
Или себе со милост си се почестил
Ти...
Така треба и така мора да е
Прво ти, па потем сите други
Оти себе ако не се љубиш
Кој ќе те љуби?
Ако себе не се чуваш
Кој ќе те чува?
Ако со себе арен не си
Како ќе знаеш и умееш
Со другите добар да бидеш
Ти, па сите други
Како Оче наш да си научиш
Оти секојпат изговори ќе наоѓаш
За некој друг пред себе да наместиш
Со некој друг поарен отколку со себе да си
На некој друг убав збор да кажеш
Иако себе не си кажал колку вредиш
И никого да не слушаш
Ако ти каже дека не чиниш
Или дека себичлукот другар ти е
Дека не знаеш да љубиш
Ако не си на чивилук секому и секаде
Оти никој на тебе нема да мисли
Ако ти за себе не мислиш
И никој нема грижа да води
Дали си уморен или несреќен
Ако сам себе не се пазиш
Ти, па сите други
Оти себе си го должиш тоа
Оти на овој свет никој не е
За да слугува некому на своја штета
Давај
Ама чувај и за себе
И не раздавај како да ќе траеш вечно
Оти сé на светов крај има
А најмногу еден човечки живот
Во кој човек себе не се нашол
Во кој човек себе не се дочувал