Сакаме периодот кој го минуваат гологлави во болница да остане зад нив: Марија Тасев за акцијата во која 400 лица, од кои најмногу деца, несебично донираа коса за болните дечиња

Добивај вести на Viber

Сите деца на овој свет се херои, некои се поистоветуваат со Бетмен, Супермен, некои со спортист, пожарникар, полицаец па дури и таткото кој е херој во нивните очи. И децата во болница кои се лекуваат од малигнитет исто така, но со една мала разлика. Децата во болница водат вистинска битка, и тоа најважната во нивниот живот. Тие се малечки, но многу добро, пред својата генерација, учат големи животни лекции. Токму поради овие вистински херои, САНО - организација која им помага на децата заболени од малигнитети, иницираше акција „И вистинските херои носат перика“ за собирање на коса од која ќе се изработат перики за децата кои поради хемотерапијата ја изгубиле косата, истакнува Марија Тасев - волонтер, пријател на децата во болница и претседателка на здружението САНО, во интервју за Женски магазин.

Од започнувањето на кампањата „И вистинските херои носат перика“, досега, околу 400 лица, донирале коса 

- Досега околу 400 лица,од кои голем број деца, несебично итаа кон фризерските салони и горди на себе ја донираа косата. Очекуваме дека до крајот на годината ќе обезбедиме две перики специјално направени за децата од хемато-онколошкото одделение при Универзитетската клиника за детски болести.

Марија Тасев гордо потврди дека акцијата завршила и подобро од нивните очекувања. - Постојано се јавуваат лица од цела држава кои сакаат да донираат коса - вели таа, па од тие причини, акцијата за собирање коса ќе продолжи повторно од октомври.
- Но, исто така апелирам до лицата и компаниите кои препознаваат колку е важно хероите од хемато-онкологија да добијат перика да се јават како спонзори за изработка на перика за дете - повика Тасев, и додаде дека овде живеат луѓе кои препознаваат туѓа невоља и без многу прашања помагаат. 

-Знаевме дека ќе се јават многу хумани и лица полни со емпатија. Во регионот работат невладини организации кои исто така им помагаат на децата заболени од рак, ние имаме одлична соработка со нив, речиси сме побратимени. Тие работат многу подолго од нас и нивните совети и соработка на различни проекти ни помагаат да растеме како организација, а се разбира целта се децата заблени од рак и нивните родители.

До САНО стигна толку многу коса, што навистина не знам што ќе правевме ако стигаше и од други држави. Коса имаме доволно, сега ни останува единствен предизвик, континуирано да обезбедиме пари за нивна изработка.

Имаме пари за изработка на две парики, а наша цел е до крајот на годината да обезбедиме барем уште две - потенцира претседателката на Здружението.

Сите  волонтери во САНО имаат некоја своја, лична средба со ракот во детска возраст.
-Токму волонтерите ја иницираа оваа акција, повикувајќи се на своето искуство и потреби кога биле болни, раскажува Тасев. 

За жал, поради вирусот Ковид 19, нивните контакти со децата од хемато-онколошкото одделение при Детската Клиника во Скопје, во последната година се само виртуелни.

-Тоа е тажна состојба за сите. Порано успевавме да им го разубавиме денот со разни активности. Заедно цртавме, китевме новогодишни елки, им читавме приказни за добра ноќ, но и се смеевме и плачевме заедно. Полесно поминува кога се дели сето тоа што го поминуваат децата на Клиника.

Со оваа кампања на САНО, прва од таков вид кај нас се покажа хуманоста на граѓаните на дело, но и дека со добра организација е возможна таква акција и кај нас, а Тасев истакна дека акцијата течела многу лесно.

- Слободно можам да кажам дека граѓаните сами ја водеа, се поистоветија со волонтерите од САНО. Сега на крајот од акцијата можам слободно да кажам дека сите тие 400 лица кои ни пратија коса, а тука ќе ги вметнам и членовите на нивните семејства и пријателите и роднините и новинарите создадоа цело едно македонско соѕведие од луѓе со гоолеми срца. 

За изработка на една перика е потребно 500 грама коса

Периките ги изработува соработничка на Здружението во Србија, Јасмина Бановиќ, која истакнува дека за изработка на периките е потребно до 500 грама коса, и процесот на изработка е од 3 недели до месец дена. Таа ја потенцира важноста, луѓето да се свесни дека губењето на косата е последица на болест и дека на некој таа коса многу му значи, а особено на децата кои се во период на растење и пубертет.

-Нема поголема радост, од тоа кога ќе им ја вратите насмевката на лицата на децата, секое девојче кое се лекува од малигнитет би било пресреќно што има своја коса/перика - пишува Јасмина во изјава за САНО.


- Ние соработуваме со сите организации кои им помагаат на децата со канцер. Најинтензивни контакти имаме со организациите од сите поранешни Југословенски републики. Србија прва ни посочи лице кое изработува перики, цената беше прифатлива за нашиот скромен буџет и за нашата нескротлива желба да ги обезбедиме периките, ни посочи Марија Тасев истакнувајќи дека не е важно кој ќе ги изработи периките, главната поента се децата кои имаат потреба од нив. 

 - Ние само сакаме периодот кој го минуваат гологлави во болница да остане зад нив, и да биде само како искуство кое ги научило да се посветат на вистинските борби во животот - првата и најважната да останат живи, потоа да учат, да растат здрави, еден ден и тие да бидат волонтери и да помагаат, да останат херои такви како што се сега во болница - вели за крај Тасев.


*Љубица Иванова