Не, не е автобуска линија (патем речено проверив дали постои и да, постои и тргнува од с. Студеничани), туку се моите веќе 51 година година и тоа од 08.15 часот утринава (уште од раѓање бев за она дека доручекот е најважниот оброк во денот). Во превод, тоа би значело дека веќе убаво загазив во 60-тата, без колебање и двоумење. Рака на срце, никогаш не го разбрав овој феномен со кој, кога се полнат години на округла бројка, да се каже дека навлегувате во друга декада. Како да не знаеме! Значи, кога наполнив 20 според сите тогашни правила и прописи, бев навлезена во 30-тата и автоматски бев стара мома без сериозна врска која би било сосем извесно дека ќе заврши со брак и 2-3 деца. Така, на моите 34 кога бев бремена со Нина, ме водеа како стара прворотка или тоа беше некаква си геријатриска бременост (уста ве болела-што би рекла една чешит девојка на ФБ). На факултет имав еден професор кој ич не го сакав и за кој и ден-денес имам мислење дека беше невиден шовинист кој велеше оти жените треба да раѓаат млади, оти им поминува фертилниот период и кој не се воздржуваше да прави несоодветни шеги на таа тема.
Порано не си ги сакав родендените, демек онака бунтовно одбивав да придавам значење на созревањето и неминовноста на стареењето. Денес немам ама баш никаков однос кон денот во поглед на правење фама од тоа, освен што сум му благодарна на Универзумот (или за верниците, Бог) што сум уште тука. Научив да ја славам привилегијата да сум жива и постара за една година, како и привилегијата да ги користам сите придобивки од годините кои доаѓаат. Ова особено ми се потенцира последниве години кога гледам како апансас си заминуваат луѓе (што би рекле старите, без ред). Сфатив дека животот е сочинет од моменти на среќа, тага, радување, плачење, болка, регенерирање. Не жалам за ништо што минало, ниту би сменила една секунда од мојот живот. Единствено за што ми е малкуцка криво е дека не сум била малку повеќе кучкеста кон одредени луѓе на кои сум им дала премногу време и себе, ама па тоа би значело дека ќе сум си ја труела душава со нешто што во суштина не сум јас. Она што ми се искристализира низ годиниве е дека не ми треба исполнување на некакви грандиозни желби, туку дека секој ден во кој ми се сите драги луѓе на број е совршен ден. Желбите ми стануваат помали, но посуштински. Потребите исто. Доволно ми е да имам спокој, муабет со блиските, неминовниот разговор со себе и да ме служат нозете и умот.
Пред некој ден се смеев со ќерка ми кога ми кажа дека нејзините другарки се’ уште не ме доживуваат како некој кој има 50+ години. Со оглед на тоа дека носам искинати фармерки, дуксери и маички на кои може да го видите Гарфилд или Мики Маус (за фармерките една баба-мајтапџика во маркет ми посочи оти ми се скинале панталоните, згора на тоа и ми намигна), веројатно децата ме доживуваат како помлада. Отсекогаш постоела и ќе постои несвесната дискриминација на луѓето кои ги сметаме за повозрасни, без оглед за кое доба станува збор. Тоа се оние ситни забелешки како “стара прворотка”, “геријатриска бременост”, “не ти личи на годините да носиш кратко”, “не би ти дал/а 40, 50, 60...”. Баш сега скоро гледав фотографии од Моника Белучи, која изгледа безвременски. Па после ми се појави Енди Мекдауел (не ми се смејте ако не сум ја напишала ко што треба), па ми прошетаа некои фотографии од Фајферка, Мерил Стрип, Џоли, Анистон. Сите се 50+ и сите изгледаат феноменално и тоа не за свои, туку за сечии години. Како да ја потценуваме патината на годините која дава акцент на зрелоста, која пак резултира со самодоверба и себеприфаќање кои се секси. И нема тука дилема од типот дали сите овие жени биле поубави кога имале 25 или сега, кога имаат 50, 60 или 70 години. Нема дилема затоа што секоја споредба е потполно нереална и не е исклучено ама ич жената да е убавица и на свои 25 и на 65 години. Па уште кога ќе прочитам по странските часописи за некоја успешна жена (сеедно дали е глумица, манекенка, адвокатка) дека (замислете!) остарела, пропратено со фотки “некогаш и сега”, со смешно (!) сериозна анализа дека се дрзнала да има брчки или бела коса, ми се потслошува. Е, тогаш се прашувам дали меѓу уредниците на таквите часописи има некој кој е постар од 30 години и дали мислат оти вечно ќе имаат толку. Башка што ова најчесто важи за жени, додека мажите само стануваат “маркантни” со годините. Белата коса, стомачето, подбрадокот и брчките се само потенцирање на шармот на мажите, додека кај жените е смртен грев оти ние сме секогаш под притисокот дека “мора” да сме во изгледот барем 10-15 години помлади од тоа колку навистина имаме години. Бљак!
Знам (и тоа по себе) дека сите кои се во раните 20-ти, мислат дека 50 години се длабока старост. Од друга страна, годините или нивното доживување се многу релативна работа. За луѓето кои имаат над 75-80, моево доба е цут на младоста. Лично, овие години ги доживувам ни ваму-ни таму, или како што напишав во една колумна, доволно сум стара за да се чувствувам млада. Некако како да знам каде ми е местото сега и посмирена сум. Не, не ме сфаќајте погрешно. Да си смирен во себе не значи да си летаргичен, или да имаш отсуство на животна радост. Едноставно, имам само отсуство на еуфорија која знаела да ме чини дури и здравје. Не се внесувам целосно во било што и тоа не намерно или со таква идеја, туку веројатно си работи внатрешниот механизам со кој умот и телото си се штитат од стресови чија цена отпосле ја плаќаме и која не е за занемарување. Штета што тоа не го учиме многу порано, ама оттаму е она “да ти ги имам годините, ама умот не”.
Знам дека го сакам животот кој го имам, ги сакам успесите кои ме тераат да одам напред, ги сакам падовите кои ме држат приземна и од кои учам, ја сакам лекцијата со која научив дека некогаш е поважно да знаеш што не сакаш од тоа да знаеш што сакаш. Знам дека додека сум жива, ќе бидам жива во умот и дека нема да имам страв да пробам многу работи кои ми останале ненаправени. Знам дека секогаш ќе се борам за правото на жената да биде своја, да ја добие почитта која ја заслужува и да биде вреднувана затоа што е способна и вредна. Знам дека ќе се борам против дискриминацијата и кога ќе имам 70 (здравје само да ги доживеам) и дека ќе бидам баба која ќе се облекува како што ќе и’ се сака, оти ќе и’ се може.
Одбивам да сум роб на годините кои доаѓаат или да се вкалапувам оти другите мислат оти така треба. Одбивам да се идентификувам како млада, стара, ова или она доба. Одбивам да правам работи кои ми личат на годините и да се лишам од правење работи кои (наводно) не ми личат на годините. Одбивам да стареам на начин на кој некому му е едноставно да ме смести во некоја колона. Она што можам, е да се прифатам себе со сите мани и доблести, да се сакам онаква каква што созревам и секогаш да работам на себе, ментално и физички. Е сега, не можам на тортава да наредам 51 свеќичка (поарно огномет да направам), ама па среќа што има свеќички со бројки...и да, некогаш и на 51 може да се однесувате како да имате 15.
Едноставно, денес ставам ЛАЈК на сопствениот живот, оти ми е еден, оти е мој и оти го сакам и живеам со сета себе внесена во него. Живели!
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Спастри се
стани наутро полна енергија
измиј заби и лице
исчешлај се
нацрви ги образите
усните накарминисај ги
очите обој ги
облечи се (како што ти личи на годините!)
Живеј...
заврши ги сите попатни работи
заработувај
не заборавај да се смееш
разговарај со луѓето
биди среќна
терај го денот како што се очекува
биди женствена
размислувај како маж
Живеј...
пишувај како да ти е последно
потсети се дека треба да дишеш
вежбај за да си во форма
зготви нешто, по ѓаволите
зачисти по дома
испазари за цела недела
наполни бензин во колата
наполни ги батериите во умот
Живеј...
не биди тажна
со меланхолијата скарај се
стави лајк на сопствениот живот
игнорирај ја болката
направи ги среќни сите околу тебе
исправи се иако плеќите те болат
закажи на фризер
излези на воздух
Живеј...
дозволи си слабост
погали се кога другите се груби
не биди зајадлива
трепкај како дама
мудрувај како 80 да имаш
потони во спомени
ококори се на иднината
спреми си облека за погреб
Живеј...
стави точка на завршените работи
стави три точки на оние со кои не си на чисто
стави прашалник на љубовта
и извичник на смислата на животот
отерај се’ во мајчината
исплачи се во тишина
пушти гласно музика
изгушкај го детето
Живеј...