60. 000 Македонци се заболени со срцева слабост, 30 од нив се пред свршен чин

Добивај вести на Viber

Според податоците кои денеска ги изнесе проф д-р Александар Николиќ, кој е шеф на одделот за кардиохирургија во Клиничата болница „Аџибадем Систина“ во Скопје, во Македонија од 3 до 5 отсто од граѓаните односно 60. 000 Македонци  се соочуваат со срцева слабост, од кои 30 се пред свршен чин.

Со вградувањето на целосно  вештачко срце на пациентот од Штип кој имал изразена форма на срцева инсуфициенција, Македонија станува 25 земја во светот која го има извршено овој комплексен оперативен зафат. Инаку, тимот на д-р Николиќ за потребите на овој зафат, за кој добиле дозвола од Фондот и Министерството за здравство, заминале на стручна едукација во Германија. По извршената операција, докторот истакна дека пациентот има шанси за нормален живот во наредните 6 години, кои ги смета за доволен временски период додека се изврши трансплатација на срце. 


Вградувањето целосно вештачко срце беше единственото решение за пациентот, кој поради изразена форма на срцева инсуфициенција, функционираше со само 15 отсто од капацитетот на срцето. Со новото срце, тој доби нова шанса за живот и нови шест години за наоѓање соодветен трансплантат. При интервенцијата, комплетно беше отстрането неговото срце и го заменивме со целосно вештачко срце. Оваа интервенција е најдоброто решение, особено кај пациенти кај кои срцевата инсуфициенција е присутна и во десната и левата комора и е значително покомплексна интервенција, за разлика од вградувањето вештачка  LVAD-пумпа, којашто дава механичка поддршка единствено на левата срцева комора”, изјави проф. д-р Николиќ.

Вградувањето вештачко срце е најтешката и најкомплексна интервенција во кардиохирургијата. Самата операција траеше околу пет и пол часа и на огромна радост сè се заврши беспрекорно. Пациентот е во стабилна здравствена  состојба, свесен е и контактибилен. Позитивно сме изненадени од брзината на неговото заздравување, вели шефот на тимот, проф. д-р Николиќ.

Ова операција на вградување вештачко срце е прва во Македонија, а втора во регионот, по онаа минатогодишната на Институтот за кардиоваскуларни болести „Дедиње” во Белград, исто така изведена од проф. д-р Николиќ.

„Со вградувањето на првотo вештачко срце, ‘Аџибадем Систина’ и понатаму докажува дека е лидер во воведување нови интервенции. За изведување на оваа специфична интервенција нашиот кардиохируршки тим помина стручна едукација во Германија, изведена од страна на експертите од компанијата Syncardia, којашто е светски лидер во производството на механички срца. Преку оваа едукација, тимот кардиохирурзи стана единствен сертифициран тим за изведување на овој тип интервенции во Република Македонија. Вкупно во светски рамки се изведени 1 800 вакви операции, а Македонија влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува овој исклучително комплициран кардиoхируршки зафат, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија...”, изјави д-р Јана Марин, директор на болницата и член на Одборот на директори на „Аџибадем Систина“.


Во Клиничката болница наведуваат дека доколку не беше изведено вградувањето на вештачко срце кај овој пациент, прогнозите за неговото прежувување ќе се сведуваа на неколку денови или на неколку недели. Оваа операција на пациентот ќе треба да му овозможи пристоен и поконфорен живот во следните шест години, за да може да ја дочека транасплантацијата на донорско срце. 

Механичкото срце е со иста големина како и природното. Се напојува со батерија, којашто, по излегувањето од болницата, пациентот ќе ја носи во специјален ранец на грб, со тежина од шест килограми. Вградувањето механичко срце е тренд во светската кардиохирургија, со оглед на фактот што сè потешко се доаѓа до донорско срце.