Налетувам на еден пост на фб кој не само што
ме заинтригира, туку и ме поттикна да пишувам за денешнава тема. Никогаш не ми
било јасно зошто секогаш кога зборуваме за некого, тоа мора да биде пропратено
со дефинирање на човекот преку тоа со кого е мажен или женет, чиј син или ќерка
е, кој стои зад него. Зарем секој од нас не го носи со себе својот личен печат
и идентитет по кој го препознаваме? Зарем е потребно да сме нечии деца, мажи,
жени за некој да не’ препознае, а сме оставиле своја трага преку
она што сме го сработиле низ животот? Да, јасно ми е дека кај многумина
прашањето “а ти чиј/а си?”
е многу важно, ама па да сме на чисто дека не сме кралски семејства во кои се
води сметка ем за потеклото ем за името, демек нашата крв е толку скапоцена што
нема смисла да ја мешаме со секого.
И не толку одамна, жените на нашите простори биле нарекувани по името на мажот, па сме имале едно чудо Петрејци, Трпејци и Митрејци, на кои не им се знаело името до смртта, односно дур не требало на плочата да се напише идентитетот. А сите тие Петрејци и Митрејци биле активни учесници во секојдневниот живот на едно семејство. Поточно, Петрејците и Митрејците работеле и на нива, готвеле, одгледувале деца, се пораѓале и за еден ден пак оделе да работат (е немало тогаш приватни клиники со ВИП сместување...ова е и на моја сметка!). И секако биле познати во комшилукот, која по месење зелник, која најубаво сукала кори, која знаела најубав мазник да направи. Ама мазникот го правела Петрејца, па ако имало повеќе Петрејци, веќе се спомнува и презимето за да се додефинира од која куќа идела. Нејсе, жените долго време биле без сопствениот идентитет, а сега во поново време истото се провлекува и кај мажите и децата.
Во денешно време, кога жената се избори (колку-толку) за да биде рамноправна со мажот, има случаи кога за нејзиниот сопруг се зборува како да е нејзина своина, односно ако е таа позната на јавноста а нејзиниот сопруг не, тогаш како тој да е без идентитет, па секогаш е “абе како не го знаеш, тој е маж на.....”. Не дека ТОЈ нема своја кариера во која може да е многу успешен или број 1, ами дека е најважно чиј сопруг е. И ова не застанува...или “и тоа не е се’”. Понатаму опаските и коментарите се секогаш во правец на тоа дека тој сигурно не би стасал до тоа ниво на успех, доколку не била жена му која заради својата јавна професија или веќе изграденото име не му помагала. Побогу, па нели бракот е институција во која партнерите секогаш и без исклучок си помагаат еден на друг? Зошто постои потреба тоа да се извулгаризира за да излезе дека ако едниот е јавна личност, тогаш другиот е никој и ништо без него/неа. Колкава е таа фрустрација да се биде присилно ставен во сенката на партнерот и сиот успех кој некој го постигнал да биде збришан со само една реченица “остај, жена му/мажот и’ е XX”. Безобразлукот е и поголем ако на мајтап (оти нели ние изобилуваме со мајтапџии на метар квадратен) на мажот му се става презимето од сопругата. Да се разбереме, не мислам дека е страшно или се губи на машкост ако мажот посака да го земе презимето на жената, исто како што не мислам дека жената го губи својот идентитет ако го земе презимето на мажот. Ама од такт ме вади кога таквото през-именување се прави од страна како навреда и потценување. Тоа ми е во најмала рака, простачки и недоквакано. Можеби затоа и сум поборник на тоа дека секој треба да си го задржи своето презиме, ама па тоа отвора други прашање кога подоцна има деца и е сосем друга тема на муабет (на пример, моето дете ги има двете презимиња). Нејсе, да не се оддалечувам од темата.
Често, ваквото дефинирање на одредена личност знае и може да биде пропратено и со ставање сопки во градењето на кариерата. Па така, има случаи кога некој кој што е квалитетен работник и успешен во својата област, биде миниран оти се губи довербата однапред заради потеклото или брачната состојба. Не ретко, ако се родителите во добра материјална состојба, стои она дека “па и не мора да ти дадеме добра плата, имате вие дома пари...хехехе”. Џабе факултетот, знаењето, лојалноста, спремноста да се посвети детето на своето работно место, кога од старт се губи мотивираноста. Да, некој може да дојде од семејство кое плива во пари, ама тоа нема никаква врска со стручноста и способноста. Џабе е кога некој го бива и може да придонесе многу ако е дефиниран по своите родители или партнерот. После се чудиме зошто и оној квалитетен кадар што го имаме или нема мотивација или се сомнева во себе.
И еве уште еден интересен феномен. И тој и таа се познати на јавноста по својата успешна кариера која е дијаметрално спротивна една од друга. Двајцата ги бива за она што го работат и секој си го има заслужено името во општествениот живот. Мислите ека нема сопки? Се лажете, има. Стално постои барем еден “паметен” кој ќе пребрише со гумичка по името на едниот, користејќи го името на другиот. Жално и срамно.
Пред некое време ќерка ми пишуваше состав. Нормално, ми го даде да прочитам и освен една сугестија од мене, другото си беше нејзина идеја и труд. Ме порази тоа дека ми рече “мамо, знам дека сите ќе мислат дека ти си ми го напишала составот”. Фуј! Не можев да се помирам со тоа дека детето ми беше макар за секунда исфрустрирано дека нејзиниот труд ќе ми биде припишан мене. Јас не ни знаев извесно време дека таа пишува раскази на англиски, додека еден ден не ми даде да прочитам. Исто знам дека многупати е претставувана како моја ќерка, додека јас сум толку горда на неа, што секогаш ќе бидам мајката на Аргентина, а не обратно. Товарот на презимето е голем товар, не само кај децата туку и кај возрасните. Штетата која ја нанесуваме додека ноншалантно се расфрламе со претпоставки за нечиј успех и причините за него е огромна. Којзнае колку блескави кариери биле згаснати уште пред да започнат токму заради ваквите ставови и коментари. Знам дека ќе кажете оти секој треба да се избори за себе и во право сте, ама не заборавајте дека не сме сите исти и дека некои имаат душа од стакло која е лесно кршлива. Знам и во право сте ако кажете дека светот е суров, ама па не мора да го доиспустиме со нашата злоба и спинување. Знам и во право сте ако ми кажете дека не треба да се вртиме на ваквите коментари и да си го тераме нашето, ама неспорно е дека повредуваат и фрустрираат.
Можеби е време да оставиме делата да зборуваат за секој од нас, а да ги оставиме назад роднинските односи или партнерските. Можеби ќе се изненадиме дека некој ќе блесне со својот труд, знаење и професионалност, без оглед дали родителите му се оние, или партнерот оној/онаа.
На секој од нас му треба поддршка и разбирање. Впрочем, зошто да не сум горда со вашите успеси, кога истите тие ќе ме мотивираат и мене. Зошто е толку тешко да сме среќни за достигнувањата на другите и како тоа не’ загрозува? Според мене, никако. Ќефој сум кога некој наш ќе постигне успех тука, или кога името ќе му осамне и во странство. Ќефој сум за секоја книга издадена надвор од Македонија, за секоја изложба која ќе го пропатува светот, за секоја нота која ќе е отсвирена надвор од границите на нашава земја. И пак ќе се вратам на мудроста на нашиот народ кој вели “молчи, ако немаш нешто убаво да кажеш”.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ако на чо’ека немаш нешто уб’о да му кажеш
Молчи си, пиле, и не си ја погани устата
Оти чо’ек сам знае за ш’о арен не е
И не му треба твојот отров за да го дотепа
Кажи му ја уба’ината во него
Погали му ја со збор душата
Јазикот да ти биде к’о да си го гушнал
Со милост во очите кажи му збор-два
Ама уба’и да се
Да бидат мирисливи к’о на доенче здивот
И чисти ко детска игра
Нека бидат невини к’о млада невеста
И мудри к’о стар чоек
Гали го чо’ек
Кажи му го уб’ото во него
Оти некогаш оќоруваме
Некогаш, ете така низ животот ослепуваме
Та сами себе не можеме да се видиме
И троа лоши стануваме
Троа полни нетрпение и нервоза
Пиле
На таквите луѓе нешто уб’о да им кажеш
Оти подзабора’иле
Та потсети ги на чо’ештината
Покажи им ја љубовта
Во твоите очи себе да се видат како во огледало
За да можат да се засакаат
За да можат гла’ата да ја кренат
Над сите јадови да се исправат
И чекорот посигурен да им е
Да знаат оти сами не се
Оти уште некој љубов во срцето за нив има
И ќе видиш
Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менува
Како ќе засветат
Како од милост и боја во образите ќе им се врати
И грбот како кроце им се исправа
Та смеата ѕвонлива им станува
Како од болест да оздравеле
А несреќата и тагата болест се
Затоа
Ете затоа треба чо’ек со чо’ек да се чува
И со убост да се гоштава
Со збор и рака подадена
Ама не за да турне и навреди
Туку да го избавиш чо’ек некогаш од сам себе
Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси
Гали ги луѓето
Гали и сакај ги
Оти векот тука на сите ни е краток
А часот дур’ да дојде, чо’ек биди
И памти ми ги зборо’ите
Молчи пиле, молчи и врви си по патот
само молчи и устата не погани ја
ако на чо’ек немаш ништо уб’о да му кажеш