Една од најексплоатираните теми (па и за мене) е љубовта. Сите зборуваме за неа, воздивнуваме, ја величаме, плачеме за неа (или после неа), ја опеваме, ја читаме, ама пусто, најплашливи сме кога ќе не’ стрефи. И така, ќе видите некоја грамада од маж што е во состојба со мечка да се степа, моќен и успешен, кој кога ќе му се случи љубов, ама онаква со гооооолемо Љ, станува помал од зрно песок, плашлив и неодлучен. Исто е и со жените. Кукаме како нема мажи, како се’ е сведено на интерес, ниски страсти, мали вредности, а кога ќе се соочиме со моментот да дозволиме (да, да дозволиме) да ни се случи љубов, онемуваме и креваме рачна. Па нели сите пекаме за љубов? Нели сиот живот сонуваме да најдеме сродна душа со која ќе го поминеме животот или остатокот од животот! Каде е тогаш проблемот?
Еднаш читав дека ние луѓето многу повеќе сакаме да одиме по некој веќе изоден пат кој го знаеме и сите проблеми и несигурности полесно ги врвиме по тој пат, отколку да се решиме да зачекориме по нов. Има логика, сум се фатила себе како некогаш се навраќам на работи за кои знам дека не се добри по мене, ама па ги знам и последиците, сум ги минала и познати ми се. Има логика, ама и нема логика. Ако веќе вртам нов лист, нели тоа значи дека ќе ризикувам? Или нештата не се баш толку едноставни. Да, сакам љубов. Сакам да ми се преврти стомакот, да имам пеперутки или диносауруси, сеедно. Сакам да се чувствувам како да чекорам по облаци, да бидам смешно збунета од се’, да се смешкам на непознати. Сакам, ама и не сакам. Оти после кој ќе ми гледа греојте (шо би рекла баба ми) ако не успее. Е, тука е главната сопка за секој од нас. Сите прво го гледаме моментот на неуспех. Не сакам да патам, не сакам да сум повреден/а, не сакам да имам неубаво искуство. И тоа си е се’ ок. Ама што ако успее? Само замислете, што ако се’ си е таман? Сме ја изгубиле вербата во она што сите најмногу го посакуваме. Некако поудобно и поубаво ни е да се потсеќаме на старите љубови, па тоа големината на патењето, уфффф....или поточно кажано, бљак.
Стравовите се тие кои не’ ограничуваат во животот. Да имав страв, немаше да пишувам, или ќе пишував за себе и никогаш немаше да издадам книги. Да имав страв, немаше да си дозволам да љубам и да излезам ко пола човек од тој однос. Ама па, немаше да бидам побогата за едно прекрасно искуство кое ме научи дека љубењето не е само емоција и збор, туку е дела кои ако ги нема, ќе биде само дрндрн. Да, болеше. Болеше цели 3 книги, подболува и сега понекогаш. Но, таа болка стана и изговор да бегам од себе. демек, величам нешто што не си дозволувам да ми се случи, оти ќе патам. Кога сум зборувала за ова со Биба, ми има кажано “е добро бе Ане, ќе паднеш. Ама ќе станеш и ќе знаеш дека си жива. А вака? Вака не се живее, вака не живееш”. Колку беше во право? Доволно за да се затворам, оти јас кога ќе ми се плесне вистината во фаца, прво бегам, па се кријам, па соџвакувам. Цела процедура на процесирање работи во позадина.
Дали стравот од АЈДЕ ДА СЕ САКАМЕ, не’ направи сиромашни и осиромашени за убавина? Па само завртете се околу себе, или уште подобро, вие кои сте сами како мене, ѕирнете во себе. Страв ви е, нели? Знам...и мене ми е. Ама дали стравот е само добро оправдание за да животариме и зошто да биде така.
Ете затоа има премногу сами луѓе кои се тешат дека или не можат да најдат она што бараат или едноставно не им треба луксузот на љубењето. За мене љубовта никогаш не била луксуз. Била храна која ми е потребна за да можам да дишам, а еве последниве години успешно дишам на шкрги. И ги гледам сите околу мене дека навикнале така. Оние кои се храбри и кои имаат доблест да ризикуваат, наоѓаат она што им треба. Да, не е дека нема луѓе, туку дека свесно бегаме од луѓето кои се потенцијална “опасност” по нашите срца. И на крај, кога ќе имаме премногу години, ќе ни иде да си каснеме од задниците што сме пропуштиле да сакаме и да дозволиме да сме сакани.
Се опседнавме со небитни нешта, како што се власт, престиж, пари, функции. Синкир сето тоа со нас во гроб ќе го однесеме. Убаво е човек да работи на себе, да биде успешен, да си ја сака работата, па и да има доволно пари за да си приушти лагоден живот. Само има еден проблем во сево ова. Сите овие нешта не се замена за емоции. Впрочем, успехот во животот не го мерам во ова погоре што го наброив, туку во нешто што е многу над тоа. Колку сум успеала да усреќам, да имам пријатели, да сум богата во душата. Не е дека не треба да има баланс во деловниот и емотивниот живот, напротив. Но, се’ почесто гледам дека гризењето за титули и позиции се замена за среден емотивен живот. А жалосно е само затоа што секој од нас има потреба да сака и да биде сакан. Сепак, после успешно завршен деловен ден, секој доаѓа дома...некој во нечија прегратка, а некој во 4 ѕида. И не, не велам дека љубовта ќе искомпензира успех кој секој од нас сака да го доживее како работник. Но, велам дека дисбалансот ни ги троши капацитетите.
Храброста да се чекори низ животот без да се кука и да се гледа само напред е нешто што се учи, но и заборава. Затоа треба одвреме навреме да се потсетуваме дека се’ е минливо и менливо. Дека што и да се случи, треба да отплачеме, да избришеме мрсулите и да кажеме “ок, доста е, утре е нов ден”. Ако си ги затворите срцата, како што еднаш го направив тоа јас, од искуство ви велам дека ќе згрешите. Јас згрешив и знам каде и зошто. Сега веќе сум спремна за чекор потаму, да отклучам она што не беше ни предвидено да се заклучи. Не правете скар со љубовта оти сте доживеале нељубов. Нема гаранција дека и следното нема да биде фијаско. Ама па што ако е она што сте го чекале сиот живот?
Дајте си шанса да сакате.
Дајте шанса да ве сакаат.
Дајте си можност да исчекорите од сопствените стеги, стравови и сомнежи. Којзнае, можеби ќе бидете пријатно изненадени каде тоа ќе ве одведе. Ако не успее, ќе поплачеме и одиме понатаму. А ако успее....АЈДЕ ДА СЕ САКАМЕ.
Да сте ми живи и здрави и живејте...а и јас заедно со вас ќе ги оставам моите стравови настрана. Доста беше.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Не е дека не паметам
Ах
Совршено се сеќавам на се’
На твојот чекор
Кој повеќе наликуваше на итање кон мене
Насмевката на ќошот од усните
И поглед со кој ме слекуваше
На топлината на твоите дланки
Дур моите ги топлеше среде зима
Смеата која те обземаше
И начинот на кој се кикотеше
Не е
Не е дека не паметам
Дури и она што за паметење не беше
Само што човек не живее од спомени
Ниту со нив може да продолжи
Оти ниту еден спомен не носи утеха
Ниту грее, ниту ладовина носи
Ниту пак знае како да прегрне
Оти спомените си имаат рок на траење
И полека бледеат
Се развлекуваат како карамела
Која се топи во уста
А вкусот полека и’ исчезнува
Не е дека сум заборавила
Туку дека повеќе не сакам да се сеќавам
И дека сите спомени ми стануваат тешки
Како на рацеве и нозеве катанци железни да имам
Та секој чекор е подвиг
И секое кревање на раката е болно
Ама ете
Уште паметам како мирисаше
И каков вкусот ти беше
Иако одамна раце кренав од тебе
Оти спомените не најадуваат душа
И не можат срцето да го напојат
Туку како сол на жива рана се
Која ја голташ за најаска
Дур не ти се приблуе
Та потем со вода ја мешаш
За пиен-недопиен да останеш
Ете затоа сите зад себе ќе ги оставам
Онаму каде што место им стокмив
Убаво со земја истапкани
И озгора дрво ќе им посадам
Под кое на старост од сонцето ќе се кријам
И некојпат
Ама само некојпат листови низ прсти ќе вртам
И згужвани на земја ќе ги фрлам
Оти чоек од спомен и за спомен
Жив не останува
И живот не гледа
Како јас од оние за тебе што ги имам
Од кои бегам
Од кои и сенката моја ја кријам