Аки ја испеа „Мајко“ на најубав македонски јазик: Гуру Харе сними дует со Рахимовски
Како силна приказна, познатиот музичар Игор Атансовски- Харе ја опишува новата дуетска песна со легендарниот рокер Аки Рахимовски од „Парни Ваљак“. Скопјанецот кој долги години живее во Загреб од прва ја бендисал песната на Харе и ја снимиле во Скопје, во студиото „Тавитјан брадрс“.
„Песната настана спонтано, во една дружба, без многу договорање и планирање, и е наблиска до некој македонски блуз. Аки сѐ уште го сочувал правилниот и убав македонски јазик и ја испеа песната токму на тој начин. Пријатно ме изненади. Дики Тавитјан направи одличен аранжман, токму онаков каков што замислував“, ни изјави Гуру Харе кој е автор на музиката и на текстот на песната, а Диран Тавитјан ја продуцираше.
Во спотот, кој наскоро ќе се промовира се појавуваат тој и Аки во неформална дружба и во работна атмосфера, а приказната на песната ја доловуваат и актерите Виолета Шапковска, Сеад Хаџиќ, Милан Тоциновски и Јан Теодоров. Спотот е во режија на Огнен Шапковски, директор на фотографија е Кристијан Теодоров а го изработи „Мелем продукција“.