Ако ме сакаш ќе седиш дома!

Добивај вести на Viber

Се’ ќе помине...и арно и лошо. И едно знам, дека се’ што дошло џабе сме му се треселе ако не сме научиле некаква животна лекција. Нема да пишувам денес што е Корона, оти информации имате на сите страни. Нема да ви кажам да не читате се’ и сешто (за да не се поболите ментално) оти сметам дека сте доволно големи за да знаете од каде се црпат релевантни информации. Нема да ве тешам дека ова е “пффффффффффф, нема везе”, оти не е баш така. Ама нема ни да ви кажам дека “сите ќе умрете”, оти за црни сценарија сите сме експерти, па не ви требам за тоа.

Периодов знам само едно, а тоа е дека светов има проблем со кој треба да се справиме сите, а кој, пред сe’, бара ум, сталоженост, дисциплина и позитивна мисла.

Никогаш не сум била паничар кој на секоја можна ситуација го гледа најлошиот исход. Животот ме научи и да не бидам па и од оние кои сите животни ситуации ги гледаат низ призма на релативизирање. Се трудам да сум објективна и да го согледам проблемот од сите аспекти, за да знам како да се поставам и постапам. Но, јас сум само единка која не опстојува сама и чие здравје, па и живот не зависи само од тоа како јас се однесувам, туку и од сите со кои директно или индиректно доаѓам во контакт. Не ми се смешни оние финтици дека сум интроверт, па изолацијата ми е ко добро утро. Оти едно е да си во изолација своеволно, а друго е во овие услови. Имам возрасни родители кои спаѓаат во чувствителна категорија, имам дете за кое сум спремна се’ да сторам во животот и се имам себе. А ова себе најмногу се однесува на тоа дека им требам на овие гореспоменатите. Секој од вас има околу себе некој кој му значи доволно за да прескокне кафе, непотребно акање по продавници и собиранки по дома. Ова не е вежба, како оние кои на времето се викаа СВОЗ (за помладите, Сите Во Одбрана и Заштита).

Деновиве интензивно читав за препораки кои за мене биле сосем нормални да ги правиме отсекогаш. Миење раце бе луѓе! Миење раце во 21 век, со темелно упатство како се мијат раце. И што е најтрагично, огромен дел од популацијата и нема поим дека раце се мијат на соодветен начин, со кој  се спречува било каква зараза. Сум била сведок во кафеани, кога од тоалет се излегувало и директ си одат на маса да си го довршат оброкот. БЉАК! Не ми се веруваше дека (грубо кажано), шансите во текот на вечерта индиректно да допрете нечиј полов орган се огромни!. Миењето раце се учи од дома, а и останатите хигиенски навики. Исто како воспитувањето за да се каже некому добар ден, прости, благодарам. Не можам, а да не бидам груба и да го плеснам вака. Да ви се плукнам и на скапите облеки, парфеми, накити, автомобили, кога основата ја немате. Да ви се плукнам на менталитетот дека “ќе ми пропаднат парите за патувањето”, оти може и последно да е (не мора ваше, туку на некој на кој ќе му пренесете нешто).

Кревањето паника никому не помогнало, никогаш. Дури и ако земете да просурфате ќе видите дека некои трагедии се случиле со поголем интензитет, токму заради паниката која се проширила. Кога велам паника, мислам на неконтролираното купување и трупање продукти кои само ќе ви скапат во фрижидерите, купување на средства за дезинфекција со кои синкир ќе се бањате по дома. Во овие моменти, солидарноста е нешто на кое треба да се мисли. Прочитав некаде дека луѓе кои имаат реална потреба од маски (астма, хроничен бронхит), не можат да најдат ниту една оти некој дома складирал за да остави во наследство на 3 поколенија.

Кревањето паника е саботирање на сами себе. Од една страна имаме паничари, според кои се ближи крај на светот, од друга страна имаме ноншалантни ликови кои немаат грам осет, од трета страна имаме паничари кои па немаат проблем да се причестуваат во црква од едно лажиче. Крајот не ни се фаќа и тоа само заради нашиот ум.

Имаме добар тим кој детално информира и дава насоки. Голема работа ако не се прошетаме извесно време по кина, продавници, кафеани, кафулиња. Не ги поднесувам ни оние кои на секој обид некој да напише нешто охрабрувачко и позитивно, настапуваат со онаа позната теорија на заговор дека уствари сите сме болни, ама сме непрегледани. И од сега кажувам, таквите ги блокирам оти немам капацитет да читам и одговарам на секој што немајќи што да прави со себе, шири паника. Да, сериозно е...ама без паника. Да, ќе мине...ама со трпение, следење на ситуацијата и сталоженост. Не сум експерт за да дрндам многу на темава. Прочитав она што требаше да знам како да се заштитам себе и домашните. Верувам дека сите сте прочитале. Ова не е само битка која мора да се помине, туку и тест на нашата човечност и свесност. Ова е и можност да покажеме почит кон здравствените работници кои се директно изложени и во првите редови кога е најгусто. Ова е тест дури и на љубовта. За помладите, не е љубов ако ти доаѓа дечкото или девојката по дома, а се рашетува насекаде. Не е љубов ако се изгушкаме на улици. Напротив, во ова време-невреме, љубовта се покажува на еден сосем несвојствен, а толку нормален начин во овие услови.

Те сакам? Ќе седам дома, ќе бидам одговорна и ќе те изгушкам кога ќе помине и ова чудо.

Те сакам? Ќе сторам се’ за да те заштитам.

Те сакам? Ќе се изолирам доколку приметам дека нешто не е како што треба.

Те сакам? Не, не ти идам на гости и нема да пијам кафе со тебе.

Знам дека седењето дома ви е досадно, особено па и кога МОРА. Ама читајте, гледајте филмови, забавувајте се. Еве, деновиве сум ги искршила моите во бриџ, си ги најдов коцките за јамб и цела гардероба ја прередив. Немам измесено ништо, немам ни грам брашно, тоалетна имам колку за два задника. Ама имам верба, надеж, љубов за да го истуркам и ова, заедно со вас.

И да, ве љубам и сакам да сте живи и здрави. Имаме допрва многу нешта на кои треба да им се радуваме заедно. А за да го направиме тоа, да покажеме дека знаеме што значи дисциплина, ред, хуманост, човечност. Да им дозволиме на лекарите да си ја вршат својата работа без да им отежнуваме. А кога ќе го победиме и ова, прифаќам секаков предизвик за играње карти и јамб. Дотогаш, бидете умни и сакајте се...седете дома.


До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Го мерам времето

На мој, чуден начин

Со кој не бројам секунди

Ниту часови или денови

Ете

Времето во километри го мерам

И со секој изминат накај мене кога иташ

Срцево отчукува како добро наштелуван часовник

Чиј механизам е со гаранција

Со неограничен рок на траење

Го мерам времето

По мирисот твој

Кој е посилен со секој изврвен километар

Кога накај мене патуваш

И можам да те замислам

Со џам отворен

Како дишењето ти забрзува

И како мислите ти се прелеваат

Од длабоко зелено

До крв црвено

И тогаш посакувам

Ете токму тогаш сакам

Да можам најубавата песна за тебе да ја напишам

Како птицата која најубаво пее тогаш кога

Сама на трнот се набодува

Додека срцето не и препукне

Без да знае дека умира

Времето

Моето време не е како на другите

И не се мери со земски мерки

Ниту така се брои

Моето време со тебе и за тебе

Се мери во зборови напишани

Во обидот мирисот да ти го доловам

Во мигот кога замижувам

И раката на грбов ти ја чувствувам

Кога здивот твој во косава го наоѓам

И кога ми шепотиш да те чекам

И мирна сум

Тивка и спокојна

Оти моето време не врви напразно

И чекам

Чекам да ги минеш сите километри

Кои мене од тебе ме двојат

И кои тебе од мене ме болат

Мирна сум

Дур те чекам да ми дојдеш

И повторно своја да бидам

Во тебе себе да се најдам

Во ова време-невреме

Во кое само знам дека те љубам