Ана Бунтеска: Зборувај ми за верност...тивко и полека

Добивај вести на Viber

Се враќам од Охрид минатата недела. Обожувам да патувам сама, односно, општо многу сакам да патувам со кола. Ме удира промената во климата веднаш и станувам тотално неупотреблива. Главата ме кине, па си реков да си легнам рано за да одморам убаво. Но, не секогаш се’ оди по план, нели? Апче за глава испиено, лесна вечера за да не станувам во текот на ноќта и да се налевам со вода, оти нели после ќе треба да станувам за во тоалет. Нејсе, си легнав некое пристојно време, чинам беше 22 часот (веројатно Биба за ова ќе ми се смее, оти скоро секогаш легнувам тоа време). Таман ме фати дремка, кога однадвор започна да се слуша викотница. Отпрво не можев да лоцирам од каде, па излегувам на терасата. Карши мене, на пристојна далечина има зграда, но бидејќи меѓу зградите нема ништо, воздушно вревата непречено ми влегува дома. Сфаќам дека несакајќи присуствувам/заушувам семејна кавга.

Си велам ок, ќе се испукаат и ќе мине. Ама не, тоа траеше скоро до 4 часот изутрина. Побогу, па љубов да водеа ќе се умореа луѓето. Ај што се расправаа, туку она што допираше сосем јасно и гласно до мене беа навреди. Тој беше неспособен, таа глупава...па се спомнаа трети лица. Три вечери по ред тоа се повторуваше до раните утрински часови, по точно утврден распоред после 23 часот. Како жена која никогаш така не се карала со партнер, а башка што живеам сама веќе 13 години, ова ми беше огромен шок. Се чувствував тажно, вознемирено, па дури и виновна што го слушам сето тоа.

Ме порази фактот дека тоа се луѓе кои некогаш се одбрале еден со друг и со сиот ентузијазам решиле да бидат заедно. Каде попатно се изгубиле? Зошто комуникацијата станала тешка за да мора да се надвикуваат, без воопшто да се слушаат еден со друг. Каде е она “во добро и зло”? Каде заминал разговорот и кога наместо љубовни, зборовите стануваат оружје за да се повреди другиот? Да, знам дека во брак никому не цутат рози. Знам дека е голем напор и бара многу работа да се одржи односот, блискоста, сексот. Знам и тоа дека обврските некако ги покриваат романтичните нешта. Исто знам дека со тек на време она што ни се допаѓало кај другиот, веќе не ни е толку привлечно. Ама нели мора да има некакво решение, а тоа да не е викање, надвикување, вреѓање или изневерување.

Имаше на фејсбук еден статус кој велеше дека од мажените и женетите, самците не можат да си најдат партнер. Она што луѓето го имаат дома знае да стане непривлечно, или во најмала рака, толку се навикнуваме едни на други што веќе не ни гледаме што имаме.

Кога се разведов, се соочив со една многу непозната ситуација за мене. Станав “опасност” за жените кои се во брак. Моето однесување остана исто, јас бев истата, но самиот статус на “распуштеница” ме направи чудовиште. Општо, перцепцијата на луѓето за разведените жени е дека по секоја цена сакаме да си најдеме некој и дека сме бескрупулозни во тоа. Никому не му текнува дека некогаш да си сам не е казна, туку едноставно избор кој човек го прави оти така му е убаво. И приметив дека поголем проблем во веќе постоечки брак се жени кои се исто така во брак. Веројатно, тоа е терен во кој двете засегнати страни ги знаат правилата и се чуваат. Слободните жени имаат право да бараат повеќе, но оние кои се веќе во брак си дозволуваат излети без очекувања. Идеално, нели? Тој во брак, таа во брак...нема никаква штета која може да загрози некого. Е сега, да се разбереме една работа. Љубовта не бира и се случува непланирано. Да, може да се случи да се вљубат двајца кога имаат веќе обврски, но ако е љубов, тоа се решава. Не ме распнувајте, ама сум за развод онаму каде што веќе нема ништо меѓу двајцата. Поарно убав развод, отколку лош брак. Поарно да не сме заедно, отколку еден од друг да го вадиме она најлошото.

Но, против сум прељубата да стане рекреација. Знам дека звучам малку старомодно, но не ја гледам суштината во таквите излети. Целата работа е што забораваме дека можеме и дома да го добиеме она што мислиме дека е возбудливо надвор. Знам жени на кои флертот им е во крвта. Едноставно, не можат без тоа. Дома можеби имаат прекрасен партнер кој ги држи како капка вода на дланка, ама не им е доволно. Тажно е кога потврдата за себе ја бараме во работи кои немаат никакво значење. Комплиментите, моментот дека треба да се освои некој, а сето тоа длабоко крие само несигурност и страв од стареење. Не, нема да ве направи помлади и поубави. Тоа е само флерт побогу. Или ко што би рекла баба ми, барање погача преку леб. Како може поглед од маж кој ми е познаник или негов комплимент да направат да заборавам на она што го имам до себе? Значи, да го разбиеме митот. Не сме ви ние разведените проблем. Поголем проблем ви се жените кои се со статус омажена, со едно/две/три деца и кои ја играат играта. И што е најинтересно, мажите кои се закачуваат за таквите жени никогаш не помислуваат дека е тоа спорт кој дотичната “среќномаженасодветридеца” го практикува редовно. Зарем сте изненадени? Немојте да сте наивни, жените кои шараат од забава, тоа го прават со многумина. Не сте ни посебни, ни најубави, ни најпаметни. Само сте се нашле на патот и сте добар материјал за таа да си потврди дека е уште згодна и посакувана.

Таа која што ве знае и која што е покрај вас, таа е онаа која сте ја одбрале. Таа е онаа која ве поднесува кога имате температура 37,2 и која се грижи да одите испрани, испеглани и најдени на работа. Таа е мајката на вашите деца и заслужува внимание и почит. Таа е истата онаа на која сте и’ симнувале ѕвезди и која стоела до вас тогаш кога ви било најтешко. Таа, таа дома што ви е, таа да си ја сакате, чувате и заведувате. Евтини жени и мажи има на претек. Не ја “купувајте” онаа која ќе падне на два комплименти и парче накит. Цената на вистинската љубов и посветеност е поголема од материјалните работи. Потсетувајте се одвреме навреме зошто токму со таа што ви е дома сте сакале да го поминете животот заедно. И можеби кога ќе се дефокусирате од оние кои се само за забава, ќе се фокусирате на жената до која спиете секоја ноќ. И можеби, ќе успеете да ја видите токму онаква каква што е, убава, привлечна, секси и што е најважно, вашиот најголем столб и пријател. Баталете лажни дразби со жени кои може секој да ги има, само ако е доволно упорен. Знам дека се искушение, но не заборавајте дека надвор има многу мажи кои токму вашата сопруга ја гледаат онака како што би требало вие да ја гледате, а таа се’ уште има очи само за вас.

Бидете мудри и ако веќе сакате зачинет живот, турете мирудии во бракот. не треба многу за среќа. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Онаа до која ќе се разбудиш

Онаа која прво видело во денот ќе ти е

Онаа која со милост во очите те гледа

Онаа која ќе премолчи кога бесен си

Онаа која бдее кога болен си

Онаа која попатно ќе те погали по лице

Онаа која вратоврската ќе ти ја подмести

Онаа која постелата топла ќе ја одржува

Онаа која никој друг не забележува

Онаа која од куќата дом ќе ти стори

Онаа која те чека со страст

Онаа која ноктите во твојот грб ги зарива

Онаа која ти кажала ДА

Онаа која тебе пред себе те става

Онаа која твојот успех горда ја прави

Онаа која неуспесите со бакнеж ти ги лекува

Онаа која името дур во неа си ти го шепоти

Онаа која порака ти праќа дека и’ недостасуваш

Онаа која трпезата ти ја спрема

Онаа која со часови те слуша

Онаа која те знае како дишеш

Онаа која без тебе не диши

Онаа која те љуби оти нејзин си

Онаа која слабостите ти ги поднесува

Онаа која за тебе свилена ноќница става

Онаа која на твојот збор се радува

Онаа која кога си на пат по тебе тагува

Онаа која заради тебе сокови пушта

Онаа која само крај тебе жена е

Онаа која те остава маж да бидеш

Онаа која и во кавга не те навредува

Онаа која во тебе својот одраз го гледа

Онаа која во твојата сенка се одмара

Онаа која никогаш не те изневерила

Онаа која знаеш дека твоја е

Онаа која раката и во сон ти ја бара

Онаа чија топлина грее и во зима

Онаа која до тебе стоела

Онаа која со тебе останала

Онаа која покрај тебе ќе остане

Онаа која староста до тебе ќе ја дочека

Онаа...таа

Која за тебе светот ќе го преврти

Онаа...таа

Која за тебе таксана била

Онаа...таа

За која таксан си бил

И со која на вечност си се заколнал

Онаа...таа

Без која никогаш нема си ТИ