Арии за секое уво и модни креации за сечиј вкус: Црвениот тепих на традиционалниот Василичарски концерт во Операта (ГАЛЕРИЈА)

Добивај вести на Viber

Популарни оперски арии и годинава беа на програмата на традиционалниот Василичарски концерт кој се одржа сношти во Националната опера и балет, а ќе се изведат и вечерва, од 20 часот.

Врвни солисти од Операта заедно со хорот и оркестарот, нè поведоа на возбудливо патување низ среќата, тагата, војните, љубовта и уште многу приказни кои познатите опери во своите либрета ги носат. 

Ова беше уште една гала вечер за вистинско уживање, прилагодена и за познавачите на операта и за оние кои беа дојдени едноставно да уживаат во убава музика.

Како солисти настапија: Славица Петровска – Галиќ (сопран), Весна Ѓиновска – Илкова (сопран), Сандра Митровска (сопран), Дешира Ахмети – Крлиу (сопран), Наде Талевска (сопран), Соња Пендовска- Мадевска (мецосопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор), Зоран Сотиров (тенор), Борис Трајанов (баритон), Марјан Јованоски (баритон), Игор Дурловски (бас) и Александар Стефаноски (бас). Дириграа Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ.

Се изведоа 18 арии, одлично избрани, повеќето со мелодии во празничен дух. Ја слушнавме увертира од оперетата „Грофица Марица“ од Калман, дует на Ецио и Атила од операта „Атила“ на Верди, баркарола од операта „Хофманови приказни“ на Офенбах, сцена на Радамес и Рамфис од операта „Аида“ – Верди, арија на Адриана од операта „Адриана Лекуврер“, дует на Хана Главари и Гроф Данило од оперетата „Веселата вдовица“...

Финалето од вториот чин од операта „Лилјакот“ од Јохан Штраус го затвори концертот во два чина, а го испејаа неколку од солистите.

Дами во елегантни тоалети, но и поспортски комбинации (фармерки) и годинава прошетаа на црвениот тепих, на концертот кој се одржува од 1993 година, и е еден од попосетените градски настани пред секоја Василица.

М.Џаровска

Фото: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: