Атерџии и зло(памтила)
Чинам дека најлошо во животот си поминуваат оние кои сакаат секому да угодат. Сум ги слушала бабите и дедовците како зборуваат за атерџиите, а особено како спомнувале “од атер си замина”. Атерџиите биле луѓе кои не знаеле да кажат НЕ, дури и тогаш кога биле свесни дека ДА е лошо по нив. Дали заради домашното воспитување, дали од срам што ќе речат луѓето ако одбијат да направат услуга некому, не знам. Знам само дека и ден-денес ги има, ретки се, но ги има. Тоа се оние питоми, најчесто тивки и незабележителни (мислам на тоа дека не се чаламџии) ликови кои просто светат ако учинат некому. За нив не постои опција “не знам”, “не можам”, “немам време”. Имаат време секогаш за да се најдат, изнаоѓаат начини оти не џабе е онаа старата дека не е оти нема начин, туку полесен е изговорот. Нејсе, атер-луѓето се најделикатни токму заради тоа што имаат вроден импулс дека не можат да бидат самите среќни, доколку сите околу нив не се спастрени. И затоа се големи шегаџии кои не ретко во очите на другите се и кловнови (демек, види го што будала е). А, просто е неверојатно колку на нивните лица се забележува искрена и чиста среќа кога знаат дека биле тригер за насмевка.
И колку што се добри за сите, од друга страна атерџиите се најлоши за себе. Ниту еден атерџија не познавам кој (собрано, одземено, помножено и поделено) излегол поарен за себе отколку за другите. А башка тоа што можеш да ги намирисаш по добрината уште од далеку. Посебен сенс за мирис за атерџии имаат себичните и самобендисаните. Кај нив, колку што Универзумот/Бог скратил човечност за да може било кој да се потпре на нив, толку пак им дал способност да се провлекуваат низ животот од што се прикачиле ко пијавици за атер-луѓето. Веројатно во психологијата има совршено објаснување за тоа зошто некои луѓе се чувствуваат обврзани да помагаат кај што ќе стасаат, додека пак некои се чувствуваат дека другите треба да се обврзани за да им помагаат. А уште повеќе ме фасцинира како двата вида се лепат еден за друг, како магнети. И кога ќе видите, има логика во сите релации.
Во пријателските релации, имате пријатели од кои еден е оној кој секогаш попушта за тоа каде да се оди, што да се прави, како да се минува времето. Другиот е подоминантен со наметнување ставови и тоа на начин кој не трпи одбивање (да ми е да знам каде се учи тоа). Како помали, тоа се оние деца кои јадат ќотек оти не кажуваат дека тие не го скршиле џамот со топката, туку нивното другарче. За тоа време, нивното другарче мудро си молчи додека не стивне вревата оти знае дека нема да биде исцинкарено.
Во работните односи, секогаш има коњи за работа и коњи за парада. Веројатно секој од вас ќе си најде соодветен пример за тоа како излегол магаре за многу наметнати работни обврски за кои други биле одговорни, ама вие сте ги сработиле. Исто, ќе се најдете и во оние кои секако дека не биле наградувани за извршената работа (таа истата која не била нивна обврска), додека колегите си добивале бонуси со вклучување само на минимален дел од мозочната маса.
Во љубовните односи, атер-луѓето и себичните имаат најкомплексен однос. Впрочем, љубовта е комплексна и нималку лесна за објаснување, живеење или анализа. Комодитетот кој го нудат атерџиите во љубовта е рај. Ова не функционира само во релации кога и од двете страни ќе се погодат угодувачи (што е скоро и невозможно), па односот изгледа некако вака:
А-“како сакаш, така ќе правиме”
Б-“нененене, како ти сакаш така ќе биде”
А-“ама мене ми е најважно ти да си среќна”
Б-“ама јас сум среќна ако си ти среќен”.......
и ова оди до недоглед, односно ова е толку нереално што мислам дека ваквите релации дури и да ги има, не опстојуваат долго. Ако мене ме прашате, колку што е напорно да се живее со цицач на енергија (кој е убеден дека сте родени за да му бидете роб), толку е напорно да живеете со угодувач (кај мене предизвикуваат грижа на совест). Веројатно решението е некогаш да сте атерџија, некогаш да сте себични “говеда”, или во превод, да знаете да попуштите, ама да знаете и да инсистирате доколку ви е некоја работа од суштинско значење.
Имам неколку блиски луѓе (се разбира дека се атерџии) кои ги гледам како функционираат во партнерски односи. И кога ќе видам како другата страна ги зема здраво за готово, демек сосем е едноставно и лесно да се најде маж/жена чија душа е помека од памук, ми иде да ги фатам и да ги протресам за да им дојде умот оти имаат богатство до себе кое не го гледаат оти се полни себе.
И кога сме веќе кај атерџиите, најинтересно е што кога и да почувствуваат умор од тоа што кројката им е да бидат тука за сите а најмалку за себе, тогаш има ШОК. Да, сите се шокирани од тоа како наеднаш (пазете, наеднаш....иако со години некој се давал себе си до максимум) атерџијата вели “а бе, нема да можам сега”.
Злопамтењето е најразвиениот спорт на сите времиња. Можете да сторите милион добри дела, да се наоѓате некому секој ден, да подметнувате грб онаму каде што треба, да бидете на чивилук, да се искарате дури и дома објаснувајќи дека “ама баш сега и’ требам на пријателката”, “мора и овој викенд да доработам нешто”, ама првиот пат кога ќе речете НЕ, се’ дотогаш паѓа во вода. Секогаш тоа едно и единствено НЕ ќе има поголема тежина и моќ од илјадниците ДА кои сте ги кажале и тогаш кога сте биле на крај на силата. Секогаш и во вечни времиња, тоа едно НЕ ќе ви биде спомнувано како грев. Се разбира дека нема да ви биде кажано “благодарам” за сите атери претходно, оти и сами сте кажале дека “нема врска, не сакам фала”. И тоа се памти, дека не сакате фала да ви се кажува, ама дека душа ќе ви извадат дека сте одбиле услуга.
Чаре? Секако дека има чаре, како и за се’ во животот. Чарето е следно...почесто кажувајте НЕ. Сосем едноставно. И нека биде издржано, аргументирано, со тежина. И не е сега муабетов по секоја цена да се кажува НЕ. Нека има баланс, еве дури и атерите кои ќе ги правите нека се побројни од одбивањата. Ама аман, кажувајте и НЕ. Кажувајте НЕ за да си дадете одмор, за да ве ценат повеќе, за да не мислат дека сте на тацна и да ви ја јадат душата со лажиче. Кажувајте НЕ за да не заборавите на себе, да не се изгубите во лавиринтов во кој сите живееме. Кажувајте некогаш НЕ, за да не заборавите да се сакате себе. Оној кој ќе ви памти, нека му служи на чест. Оној кој ќе ве разбере, држете го блиску до себе. Тој ќе знае да каже ДА, тогаш кога ќе ви треба чоек до себе.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Има голем марифет во спастрување алишта
Ете, на есен ги диплиш летните
Ама полека и со усул
Да не ги најдиш на лето згужвани
Та ги ваѓаш зимските
Ги протресуваш
Ги ветрееш надвор на студот
Запеглуваш таму кај шо треба
И ги редиш во плакарот испрани
Чисти, ко нови да ти се
Има голем марифет и во спастрување луѓе
Да ги одвоиш оние кои радост ти носат
Да пазиш на нив, да ги чуваш
Оти и тие се гужваат ко алиштата
Малку да ги подзаборајш и рана ќе им отвориш
А потем
Имаш па и такви кои ги ставаш на страна
На кои времето за дружба не им е
Дали тие терсене или ти, сеедно е
Ама знајш оти се арни луѓе
Оти лошо не ти мислат
А и ти за нив само уба мисла имаш
Ама пусто
Имаш и такви кои е редно да ги фрлиш
Ти велам чупе, исто ко со алиштата
Се смалиле
Те стегаат
Неубо на кожата ти прават
Им минало времето
И знајш оти појќе за тебе не се
Тие луѓе да не ги чуваш покрај себе
Скраја да е да ти дишат во близина
Оти и ветви алишта кои не ги сакаш појќе
Ако ги чуваш
Не ќе се напрај место за нови
Така е и со луѓето
Тргни ги оние кои бол ти носат
Кои гледаат оти до тебе не ги бива
Ама седат инаетливи
Абе ко душата со лајче да ти ја сркаат
И покрај нив убоста твоја ја снемува
Те оставаат со горчина и тежина
Луѓе-нелуѓе
Ете тие без око да ти трепни спастри ги во ќеса
Од оние црните, големите
Од оние за смет
Напикај ги внатре без каење
Без да ја бараш чоештината во нив
Оти ако после години не си ја нашла
Нема никојпат да ја најдиш
Спастри ги
И врзи ќесата за да не се премислиш
Што поскоро фрли ги
Налет да се
Таквите не ти требаат
Ниту место за убај луѓе ќе имаш ако нив ги чуваш
Ниту себе покрај нив ќе се љубиш
И памти ми го зборот чупе
Чувај ги оние кои мелем ти се
И не се врти кон отровот
Налет да е, налет да се
Застоени луѓе и алишта не се чуваат
Ни за арно ни за лошо
Ни за венчавка ќе се најдат
Ниту за погреб ќе завршат работа
Има, има голем марифет
Да знајш со време да спастриш алишта и луѓе
За душата чиста и нескината да ми ти остани
Чупче мое...пиле