Атлетиката беше клучна во мојата борба со карциномот: Интервју со Сашо Даневски
За него поразот бил секогаш поголем мотиватор од победата. Како што вели, само така се отвара можност да се согледаат сопствените грешки и да се најде ново решение за подобрување и унапредување. Сашо Даневски со спорт активно се занимава две и пол децении и е поранешен државен репрезентативец. Токму атлетиката била клучна во неговата борба со карциномот со којшто се соочил во минатото. Даневски последните осум години е вработен во Армијата на Република Македонија, работи и како личен спортски инструктор, а неговиот најнов ангажман е стручно оспособување на идните офицери, конкретно нивната физичка подготвеност.
* Зошто се
занимавате со спорт, што Ве мотивира и задржува да останете во спортот?
- Уште како дете сум се восхитувал на вистинските спортисти, но не поради нивните резултати, туку за целиот животен стил кој го носи спортот. Нивната посветеност на секој тренинг, дисциплината за редовно тренирање, упорноста, волјата за успех, фер-плеј играта, режимот на живеење.. беа главните причини да започнам со спорт. Колку повеќе навлегував во спортските проблематики и предизвици, толку помотивиран станував за да се развијам пред се како човек, а потоа како спортист. За мене поразот бил секогаш поголем мотиватор од победата, бидејќи само така имав можност да ги согледам своите грешки и да најдам ново решение за свое подобрување и унапредување. Здравиот живот, пријателите кои ги стекнувам преку спортот и позитивната атмосфера ме натераа да останам во спортот и понатаму.
* Веќе осум години сте вработен во Армијата на Република Македонија, а од лани сте назначени за асистент по предметот „Специјално физичко вежбање и спорт“. Што во пракса значи овој Ваш професионален ангажман? Што точно работите?
- Како вработен во министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија работев на повеќе работни позиции поврзани со редовната обука за подигнување на физичката способност на воениот персонал и организација и реализација на спортски домашни и меѓународни натпревари. Со најновиот ангажман како асистент задолжен сум за стручно оспособување на идните офицери кога е во прашање физичката подготвеност. Неколку години последователно сум инструктор за скијање и пливање, а членувам и во работни групи за развој на спортот во Армијата.
* Вие бевте државен репрезентативец по атлетика. Како „кралицата на спортовите“ стана Ваша страст?
- Со спорт активно се занимавам веќе 25 години и имам тренирано повеќе индивидуални спортови. Во една фаза од животот имав можност да тренирам нордиско трчање пет години и да постанам државен репрезентативец. Но, поради животните околности немав услови да продолжам да тренирам на снег и морав да барам соодветна замена. Беше многу лесно да ја изберам атлетика бидејќи неколку атлетичари веќе беа мои спортски идоли. Поради спортската историја која до тогаш ја имав, проценка на тренерскиот тим беше да стартувам на средни патеки што се покажа и исправно. Последователно неколку години бев редовен репрезентативец во националниот атлетски тим и победник на државните првенства и купови на тартан, во сала и крос трчање. Атлетиката како спорт ми даде фундаментални и цврсти карактерни особини кои се покажаа како клучни во борбата со карциномот што беше исто така дел од мојот живот пред неколку години, а и за сите други понатамошни животни успеси и предизвици.
* И во скијање имате импресивни резултати. Во кои сѐ дисциплини се имате натпреварувано?
- Секој кој ќе разбере за оваа комбинација на спортови на почеток е малку замислен се додека не кажам дека до шеснаесеттата година живеев во Крушево и целото детство го поминав на скии. Со текот на годините имав можност да ја усовршувам мојата техника за велеслалом и оваа година на меѓународните воени светски и регионални првенства се пласирам во најдобрите 20, односно 30 скијачи.
* Дополнително работите како кондиционен тренер. Каде и како ги реализирате тренинзите?
- Сметам дека моите теоретски и стекнати познавања, како и спортското искуство се бескорисни доколку практично не ги употребувам, затоа работам дополнително како персонален кондиционен тренер. Изработувам целосна тренинг програма која се состои од тестирање на моменталната физичка подготвеност, анализа на тренажниот процес, одредување на годишни и повеќегодишни цели преку трчање, пливање, специфични фитнес тренинзи и исхрана. Фитнес тренинзите веќе неколку години ги реализирам во фитнес клубот Fitness Challenge во кој може да пронајдете програма за секој човек.
* На кои Ваши успеси сте особено горди?
- Како најголеми мои успеси за кои воедно сум и горд и благодарен се животот и здравјето кои успеав да ги зачувам. Потоа доаѓаат сите атлетски титули за државен шампион, меѓународни пласмани, признанија од повеќе спортски федерации за придонес во спортот, создавањето на „Ултрамаратонот за Тоше“ во 2008 година, учеството во организација на поголемите маратони низ Македонија, завршувањето на селекција за специјални единици и последно но подеднакво важно е запишувањето на докторски студии.
* Велат дека за добри резултати потребно е повеќе од тренинг. Која е вашата формула за успех?
- За човек да биде успешен на било кое поле според мене најпрво треба да си зададе реална цел, која со системски, континуиран и прогресивен план може да се постигне. Основно што треба да знаеме е да бидеме трпеливи и упорни бидејќи спортските резултати не доаѓаат преку ноќ, напротив потребен е повеќегодишен тренинг за достигнување на своите крајни човечки физички максимуми. Моја формула за успех е постепеноста во решавањето на спортските предизвици, етапноста во градењето на спортската форма, постојано мотивирајќи ги сите да останат на вистинскиот пат до зацртана цел. За тренажниот процес треба да бидеме сите свесни за одговорноста што ја имаме и како тренер и како натпреварувач.
* Кои се Вашите секојдневни ритуали?
Секој ден го започнувам од 5:30 часот и во кујна поминувам околу 30 минути, подготвувајќи повеќе оброци, смутија и цедени сокови за текот на денот, бидејќи често немам временска можност да ручам и вечерам дома. Најчесто имам кондиционен утрински тренинг за себе, за потоа да започнам со професионалните обврски. Имам животно правило за секојдневен развој кое се состои од читање барем на една нова научна статија или истражување и тестирање на нов сет вежби. Денот во главно ми се состои од одржување редовна настава и кондициски и фитнес тренинзи во вечерните часови. Обврските ги планирам како би направил двочасовен простор за игра со синот. Доцна навечер најпрво коригирам и креирам нови тренинг програми за луѓето кои ги тренирам, а потоа работам на мојата докторска дисертација.
* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате? Што Ве опушта?
- Во денешно време сите ние грабиме и бараме се повеќе можности да се развиеме во крајни граници на професионален план. Клучно за мене е што имам поставено јасна граница помеѓу професионалниот и приватниот живот, односно имам воспоставено баланс на двете полиња, бидејќи во мојот живот најпрво е семејство, потоа се друго. Единствено нешто што ме опушта денес е поминатото време со семејството.
Ѓорге Стојанов