Балкан Гала ’22 Битола потврди дека е градот на културата
На 6ти и 7ми јули како што беше најавено, Камерниот оркестар на Битола го одржа второто издание на Балкан Гала.
Спектаклот траеше два дена а настапите на домашните, регионалните и интернационалните артисти, докажаа дека сме направиле одличен избор на гостите за овогодинешното издание.
На 6ти јули на отворањето на фестивалот со Рок Симфонијата, посетителите на ракометното игралиште имаа можност да уживаат во настапите на одличните Жарко Јакимоски, Петар Младеновски(Суперхикс), Ружица Ареа, Гиле од Електрични Оргазам и Михајло Трајковски – Сак кој уште еднаш докажа дека со право е миленик на македонската публика. Последниот гостин на сцената кој што имаше чест да го затвори концертот Рок Симфонија беше Ристо Вртев, со чиј настап вечерта ја достигна својата кулминација, а на преполното ракометно игралиште во еден глас се пееја неговите песни.
И покрај најголемата Рок Симфонија досега и бисот на сите учесници, публиката непрестано со громогласен аплауз ги поздравуваше и повикуваше музичарите да се вратат на сцената.
Нема поубаво чувство кога работите на ваков фестивал и гледате дека сте организирале концерт кој никого не оставил рамнодушен, ни изјавија организаторите на фестивалот, диригентот Владимир Димовски и виолинистот Владимир Цветковски.
По кратката пауза после Рок Симфонијата свој сет имаше светскиот диџеј Дарен Емерсон.
Следниот ден 7ми јули беше резервиран за Поп Симфонија.
Вечерта ја отвори Виктор Апостоловски по кого следуваа настапите на Викторија Лоба, Александра Јанева, Ламбе Алабаковски и Ристо Самарџиев. Покрај настапите на нашите пејачи сцената и припадна на Гоца Тржан која по изведбите на нејзините најголеми хитови, не ги задржа солзите изведувајќи ја Игри без граници од Тоше. Со секоја измината минута амтосферата на ракометното игралиште достигна кулминација со настапите на Горан Каран и Тони Цетински, кои ја затворија Поп Симфонијата пеејќи во дует. Водител на двете фестивалски вечери беше Ненад Ѓорѓиевски.
Како организатори на второто издание на Балкан Гала, најголемата награда освен овациите и аплаузот на публиката кои подеднакво ги поддржа сите артисти кои се појавија на сцената, беше благодарноста на пејачите кон Камерниот оркестар на Битола, што ни потврди дека сме го направиле вистинскиот избор на артисти, што ни задава голем предизвик и сериозна задача за наредното издание на Балкан Гала, кој што како фестивал продолжува да се развива и да ги поместува границите на музичките настани, изјавија Владимир Димовски и Владимир Цветковски.
ГАЛЕРИЈА: