Баравме дозвола од полиција за да излеземе од дома: Водителката Снешка Делимитова за кризата во Дубаи

Еден од најпрепознатливите радио гласови на „Антена 5“, Снежана Делимитова-Јаневски, позната како Снешка, веќе девет години живее во Дубаи. „Во Соединетите Арапски Емирати“ поточно во Дубаи, дојдов “на кратко” но ете судбината ме спои со мојот сегашен сопруг кој веќе живееше овде, а сега го имаме и речиси 6 годишниот син Лука“, вели Снешка за која радиото и музиката се првата љубов. Сега, таа работи како диџеј, настапувајќи во познати клубови и ресторани во Дубаи. По четири месеци без никаков ангажман, Снежана постепено им се враќа на настапите и покрај големата економска криза за која вели дека допрва ги чека Емиратите. 

„ Дубаи е како вирус, кога ќе навлезе во тебе, тешко дека ќе се ослободиш лесно. Сè е така блескаво и примамливо , и ако се слеете со динамиката,тешко дека ќе се решите да го напуштите. Еден ден ќе мора, зошто Дубаи е некако транзит дестинација. Ретко некој да останал до пензионирање овде (освен ако не сте мажена во локална фамилија)“, раскажува радио и ТВ водителката за градот во кој е вљубена.  

На самиот почеток на нејзиниот претстој во Дубаи, имала преговори со радио станица која била во обнова, почнувајќи со нов менаџмент, нов концепт и нова програма.

„Решив да останам и да продолжам со мојата пасија и со тоа што знам најдобро да го правам, но околностите на крајот беа неприфатливи за мене, радиото се селеше во друг Емират (Соединетите Арапски Емирати се составени од 7 емирати со главен град Абу Даби) , условите кои ги нудеа исто не беа според моите очекувања, и се обидов да најдам друга работа која ќе ми ја обезбеди визата и осигурувањето, со оглед на тоа што дојдов со туристичка виза. Аплицирав на неколку места и секаде ме примија па можев да бирам, но тоа беше друга дејност- продажба. Почнав да работам во луксузен бутик (ланец на бутици низ светот) каде што се продаваа светски брендови од типот на Oscar De La Renta, Eli Saab, Zuher Murad, Gucci“, се сеќава водителката на своите почетоци.

За неа тогаш, сè било ново и несекојдневно , но начинот на работа , тренинзите и контактите кои таму ги остварила вели дека ѝ служат за цел живот. Токму во овој период, Снешка лично го запознава вистинскиот луксуз на Дубаи, и ужива во светот на модата дружејќи се со интересни личности. Нејзината возбудлива приказна продолжува со ноќните клубови во кои почнала да настапува. 

„ Напредував многу брзо и добро, за една година бев промовирана како personal shopper, тоа е посебен дел каде што работев лично и директно со одредени клиенти,особено ВИП, само со личен контакт по телефон и со закажувања. Иако ми беше напорно на моменти, јас сепак уживав во тој свет на модата и луксузот, имав многу курсеви, надградувања, предавања, средба со дизајнери. Секако дека и социјалниот живот не го запоставував ,музиката едноставно е дел од мене, пред да дојдам во Дубаи броев 20 години откако се занимавам  со водителство, а и музиката како неизоставен дел од таа приказна. Едноставно музиката ми е во крвта, а талентот секаде е талент, па така ми се отвори шанса да настапувам во еден од најпознатите клубови во Дубаи- „Армани Приве“. Имав своја вечер наречена “Wоnderland” секој четврток, мојот сегашен сопруг работеше таму своевремено, па направивме соработка со тоа што тој ги правеше матриците за песните кои јас ги пеев. Имаше посебна агенција задолжена за костими, девојки што танцуваат. Настапував и на Новогодишната ноќ, така што беше одлично искуство, но не траеше долго затоа што веќе бев во поодмината бременост“, се сеќава Снешка.

Откако се родил Лука, таа била на релација Дубаи- Македонија околу 2-3 години, почнала да аплицира за работа на повеќе места кои не биле поврзани со музика, но не успеала да најде работа што ѝ одговара.

„Решив повеќе да не чекам некој да се јави за интервју, туку да си продолжам со тоа што го сакам. Диџејството беше најблиску до мојата професија, а и веднаш се отвори место во еден познат ресторан , и така почнав да пуштам музика. Таа приказна сè уште трае, доста успешно можам да кажам. Моето портфолио брои најпознати ресторани и барови во Дубаи, имиња кои се светски познати. Бев номинирана и за една од најдбрите женски диџејки во овој регион.“ вели Снешка. Во меѓувреме, таа завршила неколку курсеви и се стекнавла со сертификати кои исто така се признати не само во Дубаи туку и надвор, како менаџмент на човечки ресурси и сертификат за настваник на деца во рана возраст.

Но, како и секаде во светот, кризата со коронавирусот во Дубаи почна во март, и по затварањто на клубовите, Снежана четири месеци немала никаков ангажман.

„Најпрво се затворија училистата, а потоа  сè друго освен аптеките и супермаркетите. Имаше строги рестрикции со ограничено движење во часови, доколку мораше да се излезе од дома- праќавме порака до полиција за одобрување и најава.  Дубаи е земја каде тестирањето е во најголем процент по глава на жител, а се одеше по Емирати. Прво Дубаи, па Абу Даби па останатите“.

Од почетокот на кризата до сега има 55,600 инфицирани, 350 смртни случаи, 46,000 се оздравени а останатите се активни случаи во Емиратите.

„Нас посебно нè погоди оваа новонастаната состојба. Првенствено затоа што Дубаи е туристичка дестинација, и знаете дека нема летови, нема туристи-нема бизнис. Се зборува дека миллион ипол луѓе се отселиле од почетокот на кризата,  а сè уште има отпуштања, затварања на компании, хотели, ресторани, и не се ни знае уште колку ќе има во наредниот период. Работите се многу неизвесни, и овде како и секаде. Се менуваат информациите и правилата преку ноќ во однос на визи, летови, работа. Имаше многу луѓе кои беа дојдени на одмор и заглавија овде со рестрикциите, или пак оние кои отидоа надвор од Дубаи, исто така не можеа да се вратат. Летови имаше но само повратнички, иако и тие беа откажувани и презакажувани во последен момент. И сега, сè уште има рестрикции во однос на одредени земји, ете на пример Македонија ја нема на ниту една листа“, раскажува Снежана за кризата во Дубаи.

Таа нема работено од срединатга на март, и првично ѝ било кажано дека ќе нема никаква работа до октомври.

„Но, како што кажав, работите се менуваат секојдневно , со олабавувањето на мерките пуштија и настапи ви живо, но само во ресторани и барови, не и клубови. Јас фала Богу почнав со работа, но не знам што следува. Дубаи е сега на 100% - значи сè работи со полн капацитет, а беа пречекани и првите туристи. Носењето маски е сè уште задолжително и држењето дистанца исто така. Целата ситуација и лично ме погодува, зошто јас ова “ново нормално” не го сметам  за нормално, и навистина ме боли фактот што повеќе нема ништо да биде исто. Но да се надеваме дека сепак и нешто убаво ќе произлезе од сето ова“, вели Снежана.

Летото кое трае 7-8 месеци за неа е најубавото нешто од животот во Дубаи, а и на зима не е студено, така што во секое време може да оди на плажа. Дубаи е место каде 80% од населението се странци а само 20% се локалци. За Снешка е убаво и тоа што живеат со луѓе од повеќе националности, а сите се еднакви пред законот.

„ Безбедноста е една од работите која е реткост било каде, но не и овде. Без грижи можете да спиете со отклучена врата, или доколку заборавите некаде нешто, бидете сигурни дека ќе ви биде вратено и никој нема ни да помисли да го допре. Доколку имам било каков проблем, има институции, соодветни лица каде што можам да пријавам и да се реагира веднаш и соодветно. Едноставно се чувствувам сигурно! Можноста за напредок, веројатно како и во многуте западни земји, доколку сте добар во нешто, тоа ќе се препознае и ќе ви се даде можност да напредувате без протекции. (се смее) Дубаи е главен бизнис центар, центар на модата, иновациите, луксузот-сето тоа секојдневно ме фасцинира!“, раскажа Снешка за убавината на живеењето во Дубаи.

Дома, во Македонија, гевгеличанката не била од лани во мај. И оваа година планирала традиционално да помине еден месец со најблиските во истиот период, но вели дека направила план Б и план Ц, затоа што сè е неизвесно. За Снешка е најважно сите да сме живи и здрави, а Македонија како што вели, не ѝ бега. 

Милица Џаровска