Bella одблизу со Бојана Крстевска: Секоја жена мора да има бела кошула во својот гардеробер
Модниот бренд „Bella“ веќе повеќе од 20 години неуморно верува во силата на секоја жена и нејзиниот префинет стил. Од една скопска кројачница омилена меѓу дамите, „Bella“ стана бренд фирма која го одразува стилот на модерната и деловна жена.
Бојана Крстевска е една урбана девојка која е менаџер за продажба во „Bella“. Насмеана и позитивна, облечена во својот омилен бренд, таа ни раскажа за својата љубов кон модата и своето работно место во тимот кој ја симболизира убавината и моќта на
современата, префинета жена.
* Кажете ни нешто повеќе за себе.
- Од мала имав интерес кон модата. Редовно го купував модниот магазин „Бурда“ и со мајка ми креирав уникатни парчиња кои ги носев со огромна гордост и задоволство, но никогаш немав можност директно да бидам дел од модниот свет. Тоа се смени пред две години, кога станав дел од тимот на „Бела“, каде сум одговорна за продажбата, односно работам како менаџер за продажба.
* Што Ве мотивира низ животот?
- Мотивација наоѓам во најразлични ликови или настани од секојдневието. Сакам успешни луѓе, вредни и паметни, кои не се жалат и знаат што сакаат. Гледајќи ги, се мотивирам и се трудам да гледам позитивно на работите, што е особено тешко во овој свет на нееманципирани и сурови луѓе.
* Кажете ни нешто повеќе за Вашeто работно место во „Bella“.
- Како менаџер за продажба пред сѐ имам голема одговорност за имиџот, растот и продуктивноста на самиот бренд, но како еден од приоритетите ми е продажниот тим за кој се трудам да биде постојано задоволен. Сакам кога ќе влезете во „Бела“ да го почувствувате тој позитивен дух и да се чуствувате пријатно.
* Зошто ја сакате модата, што претставува модата за Вас?
- Ја сакам модата зошто е уметност. Секое парче облека е различно, зависи кој и како го носи. Модата е олицетворение на духот, уникатноста. Преку својот стил секој се изразува слободно и пренесува одредена порака.
* Како би го дефинирале Вашиот стил на облекување?
- Ако треба да го ставам мојот стил на облекување во некоја група, тоа би било „urban casual“. Инаку обожавам бои, сакам да ги комбинирам, мешам различни стилови во една комбинација... во мојот стил нема ограничувања и не ја следам слепо модата, се водам од својот инстинкт и креативност.
* Омилено парче облека, во што се чувствувате најудобно?
- Во моментов омилено парче ми е едно волнено карирано плато од зимската колекција на „Бела“, кое го комбинирам со панталони, фармерки, кошула, ролка... со сѐ, почесто со рамни чевли, но секако и со стилизирани обувки на висока потпетица.
* Дали има некое парче од кое и по многу години не можете да се одделите?
- Секако дека има, не едно, повеќе се... еххх гардероберот да знаеше да зборува.
* Што треба да поседува една жена за да биде успешна и убава?
- Мора да има самодовреба, да биде упорна и борбена, да се сака себе си.
* Кои безвременски парчиња мора да се најдат во гардероберот на една жена?
- Секако бела кошула и црни панталони! Без разлика дали е класична, памучна или не, струкирана или широка, кратка или долга, бела кошула е „must have“! Јас веќе се вљубив во белата кошула од пролет/лето 2019 од колекцијата „Bella lure“, која ме освои веднаш.
* Кои се Вашите предлози за нашите читателки, за да изгледаат модерно и тренди во екот на празниците? Што мора да имааат, какви грешки не смеат да направат?
- Ги советувам да не трошат многу енергија на фризури и шминки, јас гласам за природен изглед. Не значи дека сѐ што светка е убаво. Ако е новогодишна атмосфера, има доволно лампиони на елките. Да се чуствуваат добро во својата кожа и да се насмеани.
* Ваши модни предлози за предновогодишни и новогодишни забави, од колекцијата на „Bella“?
- Металик, црна и црвена се знае кои се празничните бои.
* Новогодишна честитка до нашите читателки.
- Во новата година им посакувам да бидат здрави и полни со енергија, да се радуваат и на мали нешта, да патуваат и да се дотеруваат.
Даница Караташова