Беше мало глувче затворено во инкубатор кое се бори да преживее: Искрено со Дени за предвремено родената ќерка Миа
Дени Станоевска-Џидрова од „Антена 5“, еден од омилените радио гласови на слушателите, е мајка на две деца- Миа и Максим. Секој 17-ти ноември е особено важен за радио-водителката и нејзиното семејство, затоа што тогаш се одбележува Светскиот ден на предвремено родени бебиња.
Дени ja роди ќерката во 2009-та година, во 28-ма недела од бременоста, како бебе со само 37 центиметри и 1250 грама, а денеска Миа е девојка која темпераментно чекори во животот. Токму на тие тешки денови пред 11 години, новинарката се потсетува за Женски Магазин и им дава мотивација на сите родители кои се соочуваат со истата ситуација.
* Дали ги правевте сите потребни испитувања во текот на бременоста, дали имаше одредени знаци кои укажуваат на предвремено породување?
- На оваа тема имам многу зборувано и пишувано, но никогаш не ми е тешко повторно да зборувам, бидејќи мојот пример може да помогне, да им даде сила на родителите кои ги поминуваат тешките моменти со предвремено роденото дете. Ја имав таа среќа да најдам родители кои се соочува со истото што ни се случи на нас и тие ми беа ѕвезди водилки во моментите кога мислев дека немаме излез. Во текот на бременоста направив безброј испитувања, неколку операции, многу инсеменации, 6 ИВФ оплодувања од кое последното беше со среќен крај.
* Кога првпат почувствувавте дека нешто не е во ред? Што точно се случи?
- Мојата бременост беше близначка и со самото тоа беше и ризична. Во 12 недела на еден од прегледите докторот увиде дека со едното бебенце има некој проблем, се гледаше на ехото дека има многу аномалии и ни кажаа дека нема да преживее. Тогаш не предупредија дека ќе постои ризик од предвремено породување доколку бебето не издржи до самиот крај на бременоста.. За жал болното бебенце почина точно во 6тиот месец од бременоста и веќе по 13 дена поради компликации веќе бев породена. Имав компликации поради кои не се знаеше како ќе поминеме на породувањето и јас и Миа. Но за среќа се заврши во најдобар ред и се роди Миа, на петок 13, за мене најсреќниот датум.
* Како го преживеавте првичниот шок? Што е тогаш најваажно?
- Се надевав и се молев да не се породам предвреме, во меѓувреме читав што значи предвремено породување, но сепак си во шок кога тоа ќе се случи. Безброј прашања во глава.. Како ќе биде бебето, што ќе се случува додека е во инкубатор, колку денови ќе бидеме одделени, дали и ако преживее ќе биде сè во ред, како ќе ја хранам, кои вежби треба да се прават, прашања милион.. Кога ја видов прв пат, буквално ми се слоши. Во инкубатор, мала само 37см, 1250г тежина и родена 28 недела плус 6 дена. Мало глувче затворено во инкубатор, ставена на респиратор и се бори да преживее.. Во тие моменти најважно беше да сме постојано со неа. Најважно беше да се соочиме со целата ситуација колку и да ни е тешко и свесно и разумно да продолжиме да се бориме ден по ден. Деноноќно бевме до нејзиниот инкубатор, ја држевме за раче, ноџе, ја држев на гради да ме чувствува дека сум до неа, и зборувавме, пеевме, и пуштавме музика, класична, рок, поп... Се сеќавам најмногу ги слушаше Yazoo, Mozart, Beethoven и секако им веруваме на докторите кои несебично се бореа за нејзиниот живот.
* Што за Вас беше најголем предизвик по предвременото породување?
- Наша најголема желба беше Миа да е здрава и жива и да допринесеме како родители што повеќе за да пробаме да ѝ помогнеме на било каков начин. Постојано ја носевме на разни контроли, прегледи, имаше вежби за моториката итн. Буквално правевме сè за да успее да ги стигне своите врсници. Треба само трпение, упорност и многу љубов. За среќа Миа немаше некои поголеми последици од предвременото раѓање освен мали проблеми со плуќата. Сега е веќе голема девојка од 11 години.
* Кој е Вашиот совет за мајките кои во моментот поминуваат по истиот пат?
- Да бидат силни, да се исплачат, па потоа трезвено да започнат да се борат за своето дете. Никогаш да не се откажуваат, зошто овие мали човечиња се многу силни и секако ќе успеат и ќе се изборат за својот живот под сонцето. Убаво е да разговараат со родители кои го поминале истото бидејќи секој совет е добредојден. Јас лично многу работи што ми беа потребни за Миа, дознав токму од родителите со предвремено родени дечиња. Секако да имаат доверба во докторите бидејќи тие се тие кои што исто така несебично се борат за вашето дете. Им стојам на располагање на сите родители на предвремено родени дечиња слободно да ме контактираат за било какви прашања, ќе им помогнам во секое време.
* Миа е Ваше прво дете. Дали беше тешко со сопругот да се одлучите да го проширите семејството после првото вакво искуство со бременост? Како всушност помина бременоста со синот Максим?
- Воопшто немавме дилема дека сакаме друго дете. Бевме повторно подготвени да одиме по истиот пат со ИВФ за да добиеме второ дете. Јас имам некои дијагнози со кои беше тешко да се забремени природно па така си рековме дека Миа не ја оставаме сама и ќе направиме сè да има братче или сестричка. Со Максим за некое чудо забременив природно, сосема неочекувано. Бевме пресреќни. Бременоста со него помина одлично без никакви проблем и го износев до самиот крај.
* Какви деца се сега Миа и Максим?
- Миа и Максим се прекрасни деца. Двајцата се темпераментни, умни и интелегентни деца.
Миа е вистинска итрица, своја, своеглава, упорна, борбена, многу емотивна, весела и бучна, талентирана за цртање и е одличен пијанист кој веќе има освоено повеќе награди и настапувано на Интернационални натпревари по пијано.
Максим е исто така многу емотивен, внимателен, перфекционист, енергичен и за разлика од Миа е потивок, но исто така многу остроумен. Тој е тотална спротивност од неговата сестра, сака математика и е вљубеник во ИТ технологијата, лего коцки и компјутерите.
Се радувам што гледам дека растат во личности кои имаат емпатија кон сите, се грижат за природата, ги почитуваат луѓето и ги сакаат животните.
Д. Караташова Илиоска