БЕЗ ВИСОКИ ПРЕМИИ И БЕЗ ТЕЛЕФОНСКО ГЛАСАЊЕ: Кој ќе си замине од Валандово со 1.500 евра?
Освен што го намали наградниот фонд, новото раководство на фестивалот одлучи да го промени и начинот на гласање. За најдобрите вечерва ќе одлучува седумчлено жири и публиката во салата
Со ревијално шоу на кое беа отпеани
најголемите фестивалски хитови потпишни од композиторите Григор Копров, Миле
Барбаровски и Љупчо Трајковски-Фис, синоќа беше отворено 33-то издание на „Фолк
фест Валандово“. Вечерва на програмата е повозбудливиот дел, натпреварувачката
вечер со 19 композиции. Премијата за победничкиот тим е 1.500 евра,
второпласираниот изведувач со авторите ќе подели 1.000 евра. а наградата за
трето место е 750 евра. Освен што го намали наградниот фонд, новото раководство
на фестивалот одлучи да го промени и начинот на гласање. За најдобрите ќе
одлучува седумчлено жири (60 отсто) и публиката во салата (40 отсто).
Телефонско гласање нема да има.
- Во последните години се почуствува пад на творечкиот опус, бидејќи имаше влијанија поради што авторите кокетираа за да освојат награда. Наградите нема да бидат високи, оти тие го срушија фестивалот. Сакаме како професионалци да ја вратиме довербата кај авторите и со професионална помош и искрен однос да го вратиме сјајот на „Фолк фест Валандово“ – порача новиот уметнички директор на фестивалот, професорот Живојин Глишиќ.
На фестивалот ќе се натпреварува и поп-пејачот Филип Божиновски со композиција на Јован Јованов и Елвир Мекиќ
Во салата на валандовскиот Дом на култура која од пред три години го носи името на покојниот музичар Јанко Узунов како специјална гостинка ќе настапи популарната босанска интерпретаторка Ханка Палдум.
На „Фолк фест Валандово 2018“ ќе се натпреваруваат Далибор Гошиќ, Ивана Серафимовска, Игор Ангелов, Елена и Љупчо, Милован Секуловски, Благица Калева со група „Модус“, Кате и „Нели ти реков“, „Молика Уан“, Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски, Јовица Мицевски, Кирил Митовски, Филип Божиновски, Мерима Његомир, ланскиот победник Дамјан Стојановски, Кате со групата „Соната“ , Мишко Крстевски, Тихи Ампов и Сани. Пејачите ќе бидат придружувани од инструменталисти кои се членови на оркестрите во МОБ и во Филхармонија.
Фестивалот го организира Општина Валандово и Македонска телевизија, а генерален покровител е Министерството за култура кое за годинашното издание од буџетот одвои 1,8 милиони денари.
Ѓ.С.