БИДЕТЕ ПРИМЕР ЗА ВАШИТЕ ДЕЦА. НЕ ИМ КАЖУВАЈТЕ, ПОКАЖЕТЕ ИМ!

Добивај вести на Viber

   Многу често може да се слушне како родителите им делат совети на своите деца за тоа дека треба да си легнат рано, да се хранат здраво, да не пушат цигари, пијат алкохол, да не бидат толку многу на компјутер, смартфон, повеќе да спортуваат, итн.

Истовремено додека ги делат таквите совети, дел од тие родители не спортуваат,
не се хранат здраво, пушат цигари, односно го прават спротивното од она за што
ги учат своите деца.


Се сеќавам како да беше вчера. Мајка ми ме зеде за рака и ме однесе на мојот прв тренинг по гимнастика. Имав само шест години.

Додека бев мал ми раскажуваше за најзиниот подвиг, како кога била мала успеала прва да се искачи по највисокото јаже во тогашната „Соколана“, денешен ДТВ „Партизан“. Ми раскажуваше за тоа какви гимнастички елементи правела, а јас замислував и си фантазирав како и јас еден ден ќе успеам да го направам тоа. И еден ден УСПЕАВ. Мојот прв спорт, мојата прва љубов беше гимнастиката, најатрактивниот спорт преку кој се научив на дисциплина, напорни тренинзи, одрекувања и на крај собирање на плодовите: правилен раст и развој на телото, добри животни и спортски навики, социјализација, јакнење на карактерот учејќи како да се справувам со победите и поразите (да останам скромен и приземјен при победите и да му оддадам почит на противникот, а поразите да ги искористам како лекција од која ќе научам нешто, ќе созреам и ќе се вратам посилен и помудар следниот пат). Ми раскажуваше за вљубеноста на татко ми во шахот и свирењето гитара. Имав само три години кога почина тој и за жал немаше можност да ме воведе во тајните на шахот, да ме научи да свирам на гитара, да ме однесе на фудбалско игралиште...  Но, мајка ми таа мисија ја реализира успешно!

После многу години јас желбата и навиката за спортување ги пресликав кај моите ќеркички кои „од раѓање“ се во сала, заедно со мене и со мојата сопруга. Вежбаме дома, вежбаме во сала, вежбаме во природа, вежбаме секогаш и секаде. Гурмани сме и дисциплината во кујна ни е најтешкиот предизвик кој сепак успеваме да го совладаме.

     


 Децата ги гледаат, следат и копираат родителите. Тие се нивните супер херои. Од нив учат, сакат да бидат како нив, ги имитираат, пресликуваат сé што прават тие. Многу често можете да видите семејство во кое сите членови се полнички или слаби. Тоа е пред сé резултат на домашната кујна и навиките.


   

  Погрижете се да практикувате здрав начин на живот. И секогаш бидете ПОЗИТИВНИ! Имајте редовни оброци во утврдено време. Низ игра, заедно со децата, практикувајте разни форми на физички активности. И што повеќе во природа. Запознајте ги со повеќе спортски и рекреативни активности. Нека се обидат, нека експериментираат. А тоа кој спорт ќе го одберат и дали ќе го прават тоа професионално или рекреативно, ќе биде нивна одлука. Важно е да стекнат добри животни и спортски навики, да бидат здрави, среќни и позитивни. Тој начин на живот да придонесе тие да станат добри луѓе и уште подобри родители кои истото тоа ќе го пренесат понатаму на нивните деца!


 
   


    
Проф. Лазар Иванов, професионален тренер по Микс Аеробик и Фитнес

Сите права се задржани