Битолските Малена и Клепетан: Вистинска приказна за потпелистерските штркови испишана од аптекарот Јован

По професија аптекар, во слободно време фотограф. Битолчанецот Јован Наумовски е еден од здравствените работници кои во време на изолација, немаше избор да ја помине во својот дом, туку на своето работно место, каде секојдневно под заштита на визирот и маската, е во контакт со граѓаните снабдувајќи ги со лекови. А во слободно време посветен татко и сопруг, но и човекот кој со своите фотографии испишува несекојдневни приказни, архивира природни појави и настани на еден свој карактеристичен начин. Ако Хрватска ги имаше Малена и Клепетан, приказната за вљубените штркови која допре до сечиј дом, која будно се следеше на сите континенти, Наумовски слична приказна пронајде во потпелистерското Трново, тој забележувајќи ги штрковите со својот фотоапарат, а ние преку разговорот со него.

- На идеја да ги фотографирам штрковите, дојдов поради тоа што најинтересна  за фотографирање ми е природата и нејзините феномени , овие фотографии се случија сосема спонтано , го детектирав гнездото со помош на еден познаник  и почнав со сесијата, но секако дека не очекував толку позитивни коментари , најверојатно затоа што тоа повеќе го правам за сопствена сатисфакција – вели Јован за Женски магазин.

За да се создадат серија на фотографии со секое дејствие на штрковите, потребни се долги часови на будно следење на птиците.

- Штрковите ги набљудувам повеќе време, а активно фотографирање е  околу 70 тина часа, но секако дека тоа време не е споено, туку исцепкано , интересно е дека во гнездото се наоѓаат рано наутро и пред зајдисонце кога ете да кажеме се враќаат во својот „дом“- раскажува тој.

Го запрашавме Наумовски дали има некоја приказна која ја слушнал од селаните поврзана со штрковите, а еве што тој ни кажа:

Со оглед на тоа дека ова гнездо е старо , најверојатно тоа е истиот пар на штркови кој се враќа секоја година , некои од селаните и го потврдија тоа . Луѓето кои таму живеат беа заинтересирани што всушност правиме , најчесто со мене на фотографирање доаѓа и мојот 7 годишен син кај кој има интерес за природата и со кој вежбаме фотографирање на животни, особено им беше интересно кога го гледаа него со фотоапаратот вперен кон гнездото , секако и нашата взаемна радост кога ќе дојдеа па почнувавме да фотографираме . Имаше и момент кога мажјакот и донесе на  женката уловен плен па и тоа беше доста интересно.“

Интересно е колку животните, а во овој случај и птиците покажуваат поврзаност и грижа кон својот партнер.

Штрковите се моногамни птици- што значи еден партнер и една љубов за цел живот, се преселуваат дури од Индија и Африка, а на есен пак се враќаат таму. Штрковите се неми птици и комуницираат со штракањето на клуновите.

За Јован природата е нешто магично.

- Она што навистина остава впечаток е тоа колку во природата ништо не е случајно, колку спонтано и убаво се случуваат сите активности. Движењата на штрковите и нивното однесување зборуваат за тоа колку меѓусебна почит имаат и колку се посветени еден на друг, но и на живеалиштето на нивните идни бебиња кои се надевам во иднина дека ќе имаме прилика да  ги забележиме со некоја фотографија- вели Јован.

Го запрашавме со оглед на тоа што е во првите редови како здравствен работник во борба против вирусот, како се снаоѓа со целата оваа ситуација во која во периодот е целиот свет, периодот на изолација. 

- Во периодот на изолација се трудев да бидам смирен и да бидам најмногу што можам посветен на креативен начин да го трошам времето кое го поминував со моето семејство. Со оглед на тоа што сум татко на два јунаци во секој момент имаме забава дури и повеќе . А надвор од домот поради тоа што сум здравствен работник, постојано сум со максимална заштита и почитување на сите препораки и мерки. Во овој период исто така фотографирав доста од мојата тераса која е на високо и има доста добар поглед кон градот Битола и кон Баба планина- ни раскажа.

Што за Јован значи природата, со оглед на тоа што е препознатлив пред се како заштитник на правата на животните, а потоа и како одличен фотограф на фотографии од природата.

– Да, во 2010 година заедно со уште неколку истомисленици го оформивме здрушението за заштита на животни и животната средина Уникорнис кое што во тоа време беше единствено и прво здружение од таков тип на териотријата на градот Битола . Активизмот бара пред се многу време, љубов и секако трпение. Природата си има свои правила на одвивање на нештата и свои термини кои ние луѓето сакале или не мора да ги почитуваме. За фотографирање на фотографии од природата мора оној кој сака да ги направи и долови истите да се адаптира на природните закони. Така е и со примерот кај парот штркови, тие се одреден период од денот во своето гнездо , а остатокот претпоставувам во лов за исхрана- вели Јован и додава: 

- Исто така многу сакам да ја фотографирам и месечината, а тоа се циклуси кои си имаат свој тајминг на одвивање итн. така што ако еве да кажеме сакам да фотографирам еден залез на полна месечина, некогаш тоа налага и будење порано од обично , а тоа зборува дека нашиот род е толку мал во однос на законите на природата што во секој поглед мораме да се прилагодуваме на нив.

На прашањето каков е предизивкот да се забележат природните појави на фотографија, тој вели:

 - Јас сум човек кој сака авантури , а особено кога тоа е во природа ми претставува уживање. Често одам и на брегот на преспанското езеро кое е богато со животински свет. Предизвикот е голем, а секако со него во пакет одат и адреналинот и уживањето.

По природа ненаметлив, својата креативност ја искажува преку своето хоби, преку објективот на својот фотоапарат. Со фотографија се занимава скоро 5 години.

- Се започна со курс кој го организираше фото кино клубот во Битола , тоа беше курс за основи на фотографија и фотографирање . Потоа како и се така и оваа „зараза„ те влечи се повеќе и повеќе  и со секое ново искуство имаш еден куп прашања и идеи. Сепак тоа е еден начин на полнење на батерии кој навистина на сите кои имаат желба би им препорачал да го пробаат- се присетува.

За крај ни откри која порака можеме да ја научиме од приказната за штрковите.

- Приказната за штрковите ...тоа е еден сведок на тоа колку посветеност, пожртвуваност и ревност се потребни за да изградиш куќа која во случајот е нивното гнездо, а впрочем набљудувајќи ги разбираш дека целото тоа време тие уживаат.  Во вакви приказни набљудувачот мора да има особено трпение затоа што во природата се се одвива бавно и ништо не е на копче.

Стресот под кој ние сме научени да живееме во оваа приказна не постои , комуникацијата се одвива со штракање на клуновите затоа што тоа се неми птици. И така трпеливо градат и се милуваат се додека не добијат подмладок кој исто така со Јаков сме во план да го фотографираме , често ги посетуваме, но засега мислам дека сеуште нема ништо ново. Ова е една приказна со голема порака која ја сфатив откако ги направив фотографиите по реакциите на мои познаници и пријатели , пораката е дека кога нешто се прави мора да бидеш до крај внесен во истото со максимално количество на љубов – тоа е она кое што дава сила за понатаму и победува се - заклучува Јован.

Неда Маретиќ