Чек да брцнам во ташнава: Ако образот ти е бел, животот ќе ти биде како пеперутка, ако ти е црн, ќе се сопнуваш на секое камче

Добивај вести на Viber

Ко денеска се сеќавам на тоа утро. Нему-на утрото му го памтам, мирисот, а себе си секоја воздишка. Мајка ми ме дотера во “најпарадното одело“ некогаш. Беше тоа бела сукњица до коленици, на чии што рабови три дена пред тоа везевме мали црвени цреши, на растојание од два сантиметри една од друга. Мораше да бидат точно на два, ни милиметар повеќе, за да бидат “под конец“. Исто такво бело палтенце, на кое пак на реверите и на манжетните везевме од истите црвени мали црешички. Се беше тоа поради малото шеширче со ластик под брадата, на чии што десен дел од ободот имаше китка со две црешни љубовно замотани една со друга.

Чипкани бели чорапки, бели лаковани кондурчиња, кои заедно со малите цреши три цели денови претходно ги баравме низ чаршија.

Црешните мораше да бидат убава црвена боја, а не онаа која удара на портокалово или цигла боја. Не! Убава крв, црвена боја. Такаква, каква што се најубавите цреши во голем бел чанак, тукушто измиени. Е исти такви требаше да бидат. Ги најдовме, речиси на крајот од Турска чаршија, во едно забутано дуќанче близу кино Напредок. А кондурчињата мораше да бидат убава, бела, млеко бела боја и никако не смееше да имаат црн ѓон. Тие со црн ѓон беа двојно поефтини, но мајка ми ги купи другите ѝ ми рече дека дома ќе ја кажеме цената од оние првите.

Татковците речиси никогаш не знаат што има врска ако ѓонот е бел или црн. И овие се добри, ќе речат. Голема работа.

Ама мајките знаат.

“Побрзај“, ми рече мајка ми, иако повеќе сама себе си си зборуваше. Оти јас стоев простум како голема штиркана, чипкана бела кукла, со црвени црешнички, чекајки го последниот детал- сатенска бела машна на двете “кики“ пуштени да ми паѓаат долу по рамениците.

За да стасаме до училиштето имавме барем еден километар одење.

Мајка ми чекореше како да ме носи на финале на Вимблдон, или на кастинг како замена за филмовите со Ширли Темпел.

А јас пазев, да не се сопнам од некој камен и да не ги изгребам белите лаковани чевличиња, купени двојно поскапо од оние со црниот ѓон.

Е тоа е разликата ми велеше, во овие треба да чекориш внимателно и да гледаш каде газиш, ама чекорот да ти биде лесен, како на пеперутка, како на газела, а во оние другите не е важно како се чекори. И да ги чукнеш, нема да се забележи. Ѓонот и ободот им се црни.

Во тоа време повеќето деца и родители се дотеруваа за таквите посебни денови во животот, и тоа не беше воопшто чудна сцена. Облеката тогаш претставуваше симбол за почитување на приликата. Ако ви кажам на пример дека првите фармерки ми ги купија дури втора-трета година средно, нема да ми верувате.

Сепак, тоа утро ми се чинеше дека ние некако бевме најдотерани на улицата, и сите луѓе со кои се разминувавме имаа една фина, топла намсевка, со која не одминуваа. Мајка ми отсекогаш ми објаснуваше дека е тоа  учтив начин на поздравување со непознати. Ама тогаш јас си мислев дека мене ми се насмевнуваат бидејки сигурно знаат колку се намачив, за да ги измерам тие два сантиметри растојание од точка до точка, бележејки ги со специјаниот шнајдерски молив на баба ми.

Мајка ми беше облечена во жолта сукња, бела кошула со руска крагна и тегет блејзер. Со брош се разбира, златен брош. Бела ташна со златни рачки. Оние кои се носат во рака, а нѐ на рамо. За тие велеше дека се како зембиљи, за на пазар.

И таа имаше бели чевли. Секако со светол ѓон. Ги носеше само за специјални прилики.

“Вакви чевли ниту се носат секој ден, ниту се купуваат секој ден“-знаеше да каже. Ова беше една од најспецијалните прилики во нејзиниот живот. Мојот прв школски ден. Јас бев толку збунета и возбудена, што сите дамари и природни сензори на меморија, автоматски ми беа вклучени на максимум. Точно го памтам секој чекор, секоја височинка, тротоар, секое камче кое успевав да го избегнам, а сепак требаше да гледам право пред себе, а не во земја.

“Мораш да знаеш така да чекориш во животот“! Тоа постојано ми го повторуваше. Мораш да ја научиш таа вештина во животот. Да гледаш право пред себе, ама никако со главата нагоре во облаците. Да гледаш во далечината и без да ја наведнуваш главата, да можеш да видиш дали имаш пречка на патот. Нон стоп, како торба на пазар ми ја поленеше главата со такви работи. За фармерките!, тоа беа цели беседи. Затоа што додека повеќето деца носеа фармерки, јас мораше да носам волнени панталони со скроен шав од напред, за да изгледаат постојано испеглани, или бели, да најчесто бели пантaлoни. Секогаш ќе речеше - “да лесно е да носиш темни бои, на нив не се познава дали се извалкани, или не и можеш да ги носиш и по неколку денови, а белото треба да свети“.

-Да биде чисто, испрано, испеглано!

Ги фаќаше оттаму работите за да дојде до главната поента.

“Знаеш образот го викаат ѓон. Ако ти е бел и чист, движењето низ животот ќе ти биде како пеперутка, како газела. Ќе леташ низ животот. Ако ти е црн, нема да можеш да се движиш, ќе се сопнуваш на секое камче, на крај ќе мораш да ја наведнеш главата, за да гледаш каде одиш, а така далечината за тебе ќе остане само перспектива, во која нема да знаеш да се загледуваш“.

До ден денеска не знам, дали поради ова ги баравме тие чевличиња низ цел град, ама знам дека до ден денеска секогаш кога барам такви чевли гледам ѓонот да е бел.

П.С. Ова е честитка-благодарност за Мајка ми за 8ми Март.

Рамноправноста како тема нит сум ја есапела, нит ќе ја есапам. Што мислам за тоа, Ви напишав минатиот пат.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска