Чек да брцнам во ташнава: Едно такси ве молам. До првата фонтана!
Никако не ми е јасно како дојде есента!? „Кад пре!?“ Особено што немаше ни лето годинава. А колку само се трудам да го развлечам летото секоја година. До последна капка да го исцедам. Ама нема! Еве ја, си почна. Мртва ладна, нит срам, нит перде. А, нема ни што да цедиш годинава додуша.
Сабајле грч ладно. Земаш мантил и после го м’кнеш цел ден со себе под мишка. Досега така имам изгубено овде-онде четири мантили, шест палта и седум чадори.
И како малку да е целава оваа лудачка ситуација што ја живееме, уште на глава почнува да тежи товарот дека треба да се средуваат плакарите. Летно-зимска гардероба. Животе, имаш ли милост. Ужас ме фаќа од ова. Дали дека мајка ми на времето, за да ме научи на ред, тоа го правеше со таков театар, па тоа беше луфтирање ќебиња, јоргани, јамболии, па виткање по новини, па нафталин, па едно време за поефтино ли беше, поефикасно ли беше не знам, почна лист од лорбер да става. Сè мислам дека некоја од комшиките ѝ имаше речено. А комшика кога ќе ти рече- закон! Вера рече! Па тоа кога отвараш кесите, ливчињава се исушиле, па паѓа на тепих, па после мора со правосмукалка да се чисти и автоматски тоа повлекува чистење цела куќа. А тоа обично за викенд се прави. И сега ти, наместо да ги грабаш последните денови од Сонцето, ти три викенда по ред пакуваш маиче, по маиче, балетанка, по балетанка. И тоа не е сè! Сето тоа требаше да се пребрише со мокра крпа, па да се стави на Сонце да се исуши, па да се пикне внатре новина, за да не се прекршат и така како во кинеска четврт. Од јутра до сутра. Ужас. И уште оттогаш, тоа ми стана таков кошмар, така што еве до ден денес и на речиси 50 години, не ми се станува од кревет кога ќе дојде тој викенд. Ама нема бегање. Ова е тој викенд.
Ајде си викам опуштено, набрзинка стани, пиј кафе и полуфушерски среди го ова и фаќај магла негде на ручек. Можеш ти тоа! Башка нема кој да те контролира и да ти стои над глава. „Сори“ мамо.
Средувајќи така, пронаоѓам парички на сите страни. По денарче, или две. Ретко, ама има и по пет денарки.
Од кусури испадната од џебови, ташни, од кеси од пазар, пикнати во некоја зделичка, во кутија за бижутерија. А тие свесни за тоа колку се безвредни, не ни очекувале некој да ги забележи.
Секој кој што го пронајдов го ставив во едно ново чиниче.
Така под тепихот, најдов парички колку за викенд во Грција. Опааа, си велам. Колку ли имам по џепови, пантолoни, ташни…Почнав да истражувам по сите ќошиња низ станов. Со оглед на тоа дека беше „висок“ датум во месецов, си викам, ќе биде фантастично да најдам некој денар, за некоја сметка за струја.
Во машината за перење најдов доволно пари, за да си купам два пара фармерки. Аууу, па ја сум била богата, а појма не сум имала. Кој знае што се има под кревет!? Треба фрижидерот да се наполни, а и на син ми му ветив нови патики.
А, под креветот, како да се развила една сорта мала цивилизација, кои токму денарот го прифатиле за свое платежно средство, па со помрднувањето на креветот и силна сончева светлина, сите мали жители, врискајки се разбегаа, оставајќи ги зад себе освен прашината и сето свое наталожено богатство. Оттаму собрав за пакет вино. А богами имаше и за добри кожни чизми и тоа не од некој таму „Сити мол“, туку за со „рент а кар“ до Трст. Директно!
Не ми беше тоа доста, оти таква е човечката природа.
И наместо да си речам себе си, застани, најде доволно пари, имаш за летување за следната година, имаш за да наполниш фрижидер, имаш за нови патики, имаш за пакет вино… Доста е! Но не, како во некој транс, ни на сон, ни на јаве, седам пушам една цигара и размислувам за следното пронаоѓалиште.
Следното што ќе го најдам си мислам, оди на штедење. Треба да се има и некој денар за не дај Боже нели!?
Сите ташни и сите џепови сè на ред.
Таму најдов толку, за на сите луѓе да им купам по една маска. Или да го уплатам сето ова во хуманитарни цели, си мислам!?
Правосмукалката ми намигнува. Тоа е знак дека треба да се испразни кесата. А во кесата, пари колку сакаш. Аууу, па што ќе правам со волку пари!? Хм, на Тајланд не сум била. За таму ќе ги чувам овие.
Горда така на себе, седнувам да испијам уште едно кафе. Доволно си богата сега, да не мораш ни ручек да готвиш денеска. Кафана за сите. Таму нема маски.
Гледам под комодата нешто светнува. Се наведнувам. Динар. Југословенски. Оној од мое време. Од онаа држава, која ја сакав и во која бев бескрајно среќна. И безгрижна.
-Ве молам едно такси. До првата фонтана. До која? Сеедно. До најблиската.
„Драги мој југословенски динару. Те молам да ми исполниш неколку желби., кога ќе те фрлам во водата“.
Не сум баш сигурна, како вие парички го правите тоа на дното на водата, ама неколку пати ми успеало, па да пробам пак. Веројатно е исто како со златната рипка.
Пред сè, те молам да ми средиш да бидеме сите здрави и живи. Тоа ми е приоритет.
Второ, те молам да останам засекогаш ваква, каква што сум. Не сакам да се менувам. Ни на поарно, ни на полошо. Супер ми стои оваа моја кожа.
А третата желба ми е многу важна, затоа внимателно слушај:
Чувај ми го него. Тој ми е многу важен. Без него би ми било ужасно здодевно и не би дознала никогаш, како е кога некој многу те сака.
Чувај ми го, да ми биде тука засекогаш.
Ете, тоа е сè.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска