Чек да брцнам во ташнава: Крцкавите кори на питата со спанаќ

Добивај вести на Viber

Шетам на пазарот пред некој ден, од тезга до тезга. Пролет е и цвета од сите страни. Полно е како во пчеларник. Речиси ист е и звукот. Тоа е звукот на срцевината на вредноста. Така си го замислувам. Не на материјалната, таа што се мери во автомобили, телефони, камиони. Не на таа. Таа одамна ја извитопери својата вредност и прејде во безвредност. Ова е вредноста на скапоцените вредни луѓе. Во 5 сабајле се станати, а во 5 поручек се прибираат. Ова е срцевината на скапоценоста. И со таа срцевина, секоја недела ја полнам сламената кошница. Одамна не пазарам во ќеси. Си купив кошница во која си го редам слој по слој мирисот на космосот. Секоја недела. Крцкави пиперки, миризлив до блаженство босилек, јаболки црвено-жолти како зајдисонце, праз во врзувка, кој личи на млада убава фиданка. Каде и да се завртиш, како мед да тече. Ене го таму-потаму спанаќот кој го барам. Цела тезга спанаќ на ѓутуре. И веднаш ми се сочнат и устата и очите. Ете ми го вкусот на питата во недела. Ниту можам да му побегнам ниту сакам. И затоа не брзам.  Го одложувам моментот на средбата со тетка Дана, од која секоја недела го купувам истиот, најубавиот спанаќ. Знам дека цела недела дома ми ја чекаат оваа пита. Ама не брзам. Сочно си го редам слој по слој во себе, космосот на оваа моја срцевина. Питата во недела... Децата ги чекаат крцкавите кори, а мажот средината сочна и полна со фил. А јас мирисот на куќата, телевизорот на маж ми од дневна и моето старо кујнско радивце на батерии, на кое одвреме навреме ќе му засмета и ќе го надгласа центрифугата на третата машина. Со шарени алишта. Третата машина е секоја недела со шарени алишта. На ефтина струја. Секоја недела е истиот овој момент. И никако да му падне вредноста. 

Уште сум на пазар и не брзам. Знам дека тетка Дана ме здогледа и знам дека знае дека нема да ја одминам. Никогаш не сум ја одминала, а таа секоја недела ме чека. Одам и натаму низ овој космички колорит и го редам неделното виножито во кошницата. По список. Секогаш по список. Знам сѐ на памет, ама си правам  список. Секоја недела. Ме потсетува на списокот на татко ми кога се пакувавме за на одмор. Секоја година почнуваше со: фотоапарат под број еден, пешкири за плажа под број два, чамецот и веслите под број три, транзистор под број четири…. И тогаш се прашував зошто го прави, кога секоја година е истиот список. Фотоапарат, пешкири, чамец, транзистор, карти, топка, ѓезвето на струја… Еднаш го прашав, зошто секоја година го пишува списокот и зошто не си го чува тој од лани, кога е истиот од прва до последна ставка. Не ми одговори ништо. Си реков, сигурно е нешто што го знаат возрасните, а ние децата не. Затоа не ми одговара. 

Зелка, модар патлиџан, морков, магдонос, босилек, банани, јаболки, јагоди, цреши… и…. 

И спанаќ… Секоја недела.

За крцкавите кори за децата и за срцевината сочна и полна со фил, за мажот. 

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: 

За Женски Магазин, Тања Трајковска


Претходната колумна, прочитајте ја тука