Чек да брцнам во ташнава: Или ќе се претвориш во жртва чекајки „тој другиот“ да те направи среќна или ќе се избориш сам

Добивај вести на Viber

Има некои вистини со кои човек мора во животот што побрзо да се помири.  Да бидам искрена не знам дали се вистини, или илузии. Романтични фантазии, како во приказните со кои растеме. Тоа се оние како бомбона спакувани нешта специфични за детската фантазија. Чистина на душата и мислата, белег само на тоа време. Каде оди сето тоа подоцна во животот, еден Господ знае и зошто се помалку го има, исто така само еден Господ знае.

Но, како и да се викаат ваквите нешта вистини, илузии, или фантазии, сеедно, човек мора да сфати дека тие не постојат во реалниот живот и дека и тој што ги напишал, само го олицетворил во приказна сонот, за кој копнеел. Затоа и се напишани. Оти некаде и некому, мора да го кажеш тоа. Да си ја олесниш душата.

Значи, човек мора да се помири и да научи да живее со нив стоечки, испрaвено, достоинствено, оти пак овие, достоинството и самопочитта се “првите и единствени производители на среќата“. Или ќе се претвориш во жртва, чекајки “тој другиот“, да те направи среќна, или ќе се избориш сам и ќе ја имаш привилегијата за “самопроизводство“ на сопствената среќа. Нема друго. Проверено!!

Ќе ви раскажам две приказни.

Пред околу десетина години, еден мој многу добар другар, кој немаше среќа родителите да му остават некое наследство во животот и кој мораше се сам да си создаде во животот бидејќи потекнуваше од чесно работничко семејство ми ја раскажа оваа приказна во една ќебапчилница додека јадевме кебапи во метални мали чиничиња како за Ивица и Марица, пиевме по една-две ракии со салата од краставици во исто такво чиниче и се смеевме како улави на сопствена сметка. Тоа ми е едно од оние ретки смеења во животот, кога не можеш да додржиш до тоалет да отидеш. Затоа и го паметам.

Бевме вели 5-6 пајташи. Заедно игравме жмурки, фудбал, камај… Заедно одевме во основно, во средно… На факултет се разделивме. Јас завршив телевизиска режија, тие секој своето. Кој инжињер, кој доктор, кој адвокат… Тие направија пари, јас не направив. Деца, жени, разводи едно друго, се трудевме барем еднаш на две недели да се сретнуваме.

Почнаа да закажуваат во сѐ поскапи кафани. Се трудев да го одржувам кругот на честењето. Секој пат еден од нас ја плаќаше сметката. Како одминуваше времето, цените стануваа сѐ повисоки, а моите пари за живот сѐ помалку.

Не знаев колку и како да пијам и да јадам кога не плаќав јас. Оти се си мислев дека треба да јадам и пијам колку што ми е чергата и дека не треба да се опуштам, оти си мислев дека и тие нема да се опуштаат кога мене ќе ми дојде редот за плаќање. Никој не прашуваше колку е цехот. Тој што плаќаше го правеше тоа “зад затворени врати“. Се обидував да зирнам, за да знам што ме чека. Не успеав да видам колку е, оти се правев дека ми е сеедно. Да не ме забележат дека се снебиднувам.

Се сврте кругот. Дојде мојот ред за плаќање.

Вредноста на 7 часовното јадење и пиење беше колку за сите мои сметки дома, за струја, вода, телефон…,  како за два месеца…

Еднаш не купив нови чевли, не отидов на една свадба, кај едни подалечни роднини, решив регистрацијата да ја платам на три рати, се откажав од кантата сирење, за да можам уште два три пати да го вртам кругот со моите пајташи. Никој не го бараше тоа од мене. Можеби и да им речев дека немам пари, сигурно ќе го превземеа мојот цех. Ама мене немаше да ми биде убаво. Знам. На една од последните средби, почнаа да се договараат да одиме сите заедно во Рим. Ми викаат ајде 4-5 дена, одиме сите.

И ти што им рече!?

Им реков дека сум бил.

Прснавме од смеење.

Сум бил бе!

Многу пати после ова сме зборувале на оваа тема, дека ова е единственото чаре во животот. Човековиот кантар на тема пари е немилосрден. Ќе се зезнеш дури и со најблиските ако мислиш поинаку.

Секој сам треба да си го плати кафето. Веруј ми дека е така најевтино и најубаво. Секогаш ми го потенцираше ова.

Ене го сега во едно македонско живописно село, си ја претвори својата куќичка, која му остана наследство од родителите во рај на земјата. Жив здрав е, весел како и порано, си пие ракија со мештаните си сади свои пиперки и патлиџани и секој ден пешачи и бере чај по околните врвоти, ливади и планини. Си ја живее својата старост и си ужива. Мислам дека уште еднаш отиде во Рим. Сам.

Другата приказна нема баш ваков хепи енд.

Несакајки се вљубија маж и жена кои заработуваат различно. Тој повеќе, таа помалку. Или тој многу, а таа малку. Ама се бендисаа. Што би рекол Балашевиќ “ту не бира памет, него срце“.

Сакајки да не го заблежи тој тоа, таа почна да му купува подароци, кои беа скапи, несоодветни за нејзината плата. Да речеме брендиран џемпер, или кошула, кој чини повеќе од половина од нејзината плата. Кога ќе го поканеше на вечера купуваше од поскапите вина, а не од оние поевтините кои таа дотогаш ги пиеше, бидејки толкави ѝ беа можностите. Кога одеше заедно со него кај неговите пријатели на гости, купуваше и букет и торта. За да се покаже. За Нова година му купи една енциклопедија од неговата област и сфера на интерес, која кошташе “ѓавол-ипол“.

Сето тоа го правеше само, тој да не си помисли дека е таа со него поради парите. А не беше, многу добро ја познавам и знам дека не беше. Го сакаше.

Ама ѝ се чинеше дека на тој начин ќе си ја “откупи“ грижата на совест, со која се оптерети уште на првата средба,кога ѝ стана јасно дека тој и тоа како заработува повеќе од неа.

А што правеше тој!?, тој знаеше каде работи таа, знаеше колкави се платите таму, знаеше дека има две деца од првиот брак… сето тоа го знаеше. Ама ја пушташе да се “препелка“, знаејки дека тоа го прави за да му покаже колку ѝ значи и веројатно знаеше дека тоа го прави за тој да не си помисли дека е со него поради парите. Ама ја пушташе!

Чудно, но тој воопшто не се грижеше за цената на подарокот кога тој купуваше за неа. Не ѝ купуваше поскапи подароци, туку гледаше тие да бидат во рамките на нејзината “куповна моќ“. Па така излезе нејзините подароци да бидат поскапи од неговите.

Кај богатиот нагледај се, кај сиромавиот најади се.

За кратко време почна да се “раштимува“ целата приказна. Јас тебе-ти мене.

Никој не е виновен, секој го правеше тоа со најдобра намера. И таа, а веројатно и тој.

Или се плашеа да ја отворат темата пари, или чекаа сами од себе да си се наместат работите.

Чудно како возрасни луѓе не се срамат да се соблечат голи еден покрај друг, а се срамат да зборуваат за пари.

Познавам и едни други, всушност многу други кои се во брак по три-четириесет години и таа има свои скриени пари, тој свои. И кога децата ќе им побараат едниот вели оди мајка ти нека ти даде, следниот пат таа вели, оди татко ти нека ти даде.

Заебано е ова со париве, затоа викам можда најдобро секој сам да си го плаќа кафето.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска